Свет
Кина најави казни за родителите aко децата им се невоспитани
Кинескиот парламент ќе разгледа закон за казнување на родителите доколку нивните деца се однесуваат многу лошо или направат кривично дело.
Според новиот предлог-закон за семејно воспитување, во случај на многу лошо или криминално однесување на децата нивните родители ќе добијат предупредување и ќе треба да поминат низ програми за семејно образование.
„Има многу причини зошто адолесцентите се однесуваат лошо, но главната причина е несоодветното семејно воспитување“, вели Жанг Тијевеј, портпарол на законодавно-правната комисија на Националниот народен конгрес (НПЦ).
Предлог-законот, кој ќе се дискутира на состанок на комисијата оваа недела, исто така ги повикува родителите да им овозможат на своите деца време за одмор, играње и вежбање, пишува „Ројтерс“.
Оваа година Кина почна жестока борба против зависноста на младите од онлајн-игри. Така, во текот на изминатите неколку месеци кинеското Министерство за образование го ограничи времето за играње видеоигри на интернет на еден час во петок, сабота и во недела.
Властите, исто така, загрижени поради големиот образовен товар за децата, го намалија обемот на домашни задачи и забранија воннаставни активности по главните школски предмети за време на викендите и празниците.
Во исто време, тие ги повикаа младите кинески момчиња да бидат помалку „женствени“, односно „помажествени“, a училиштата да промовираат повеќе спортски активности, како што е фудбалот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Бродот на Тито настрада на пристаништето во Риека
Вчера во риечкото пристаниште дојде до поморска незгода во која товарен брод удрил во бродот „Галеб“. Несреќата се случила додека „Галеб“ бил приврзан на Ријечкиот лукобран, а во него при маневрирање налетал товарниот брод DENIZ AKAY, кој плови под знамето на Барбадос.
Бродот од Риека требало да исплови за Турција, но по инцидентот сега тоа нема да биде во можност. Капетанот на капетанијата, Дарко Глажар, накратко изјавил дека, според првичните информации, многу е веројатно турскиот брод да имал дефект на погонскиот систем и дека веднаш му е издадена забрана за испловување од пристаништето додека не се утврдат сите потребни факти во овој судир.
Исто така, според првичните информации, нема повредени лица, а штетата на двата брода ќе се утврдува дополнително.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.

