Црна хроника
Продолжува постапката против лицата кои осквернавија гроб вршејќи тешка кражба во Куманово
Основното јавно обвинителство Куманово издаде повеќе наредби за вештачења на голем број подигнати докази при извршениот увид на Градските гробишта во Куманово, каде на 10 октомври три лица се обиделе да одземат туѓи подвижни предмети од починато лице, со намера противправно да ги присвојат.
„ По наредбите се постапува, а за лицата беше поведена постапка за сторено кривично дело тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 19 од Кривичниот законик. Истовремено, обвинителството испитува дали постојат елементи и на други сторени кривични дела поврзани со настанот.
За предметното кривично дело е запретена казна затвор во траење до 5 години. Согласно Законот за кривична постапка за овие дела, мерката притвор може да трае најмногу 8 дена. Со оглед на тоа што прибирањето на доказите сè уште трае, мерката притвор која беше определена за еден од осомничените од страна на судија на претходна постапка е заменета со други мерки за обезбедување на неговото присуство – одземање на патната исправа и забрана за издавање нова, одземање на личната карта како исправа за преминување на државната граница и задолжително јавување во Основниот суд Куманово кај определено службено лице“, соопшти обвинителството.
Овие мерки се определени од Основниот суд Куманово со цел да се обезбеди присуство на осомничениот во натамошниот тек на постапката. Останатите двајца осомничени во моментов се наоѓаат во затвор на издржување казна за друго кривично дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Несреќата кај Плетвар во која загинаа две лица се случила при претекнување, соопшти Обвинителството
Во врска со тешката сообраќајна несреќа што попладнево се случи на патот Прилеп – Росоман, во близина на Плетвар, дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Прилеп вечерва изврши увид на лице место.
Според првичните сознанија, до несреќата дошло при претекнување и судар помеѓу два автомобили што се движеле во иста насока. Од ударот две лица го загубиле животот, меѓу кои и возачот на едното возило, додека петмина се здобиле со повреди и биле пренесени во болниците во Прилеп и Кавадарци.
Јавниот обвинител издал наредби за прибирање на траги од местото на настанот, како и за сообраќајно и машинско вештачење на двата автомобили со цел утврдување на причините за несреќата. Врз телата на починатите ќе биде извршена обдукција, а кај преживеаниот возач ќе се испитува евентуално присуство на алкохол или други супстанции.
Надлежните институции продолжуваат со активности за целосно расветлување на околностите под кои се случила трагедијата.
Црна хроника
Двајца турски државјани уапсени на скопскиот аеродром со фалсификувани визи
Денеска околу 10 часот на скопскиот аеродром, полицијата ги приведе Г.М. и К.М., двајцата државјани на Република Турција.
При излез од државата, при извршена гранична контрола, било утврдено дека визите за Обединетото Кралство што ги приложиле биле фалсификувани.
Двајцата се задржани во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Топ
Двajца загинаа во сообраќајка кај Плетвар, петмина повредени
Денеска околу 17 часот на патниот правец Прилеп-Росоман, во близина на селото Радобил, се случила тешка сообраќајна несреќа помеѓу две патнички возила.
Во незгодата повредени се пет лица, од кои три се пренесени во болницата во Прилеп, а две во болницата во Кавадарци. Лекар констатирал смрт кај две лица, соопшти МВР.
Од 18 часот сообраќајот на овој потег се одвива по една коловозна лента со наизменично пропуштање на возилата.
Полицијата врши увид, по чие завршување јавноста ќе биде дополнително информирана за деталите од несреќата.

