Македонија
Арсовска: Ќе формираме национален регистар на лица со посебни потреби и ќе отвориме центар за грижа
Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, денеска се сретна со претставници од здружението „Ресурсен центар на родители на деца со посебни потреби“ на којашто се обврза на отворена, транспарентна и континуирана комуникација со цел изнаоѓање решенија за клучните проблемите на оваа категорија граѓани.
Родителите се едногласни дека иако според законот има инклузија, сепак во пракса, ситуацијата е поинаква. Наместо прифаќање, лицата со попреченост, како и нивните родители се соочуваат со дискриминација и стереотипи. Недостига и стручна едукација за родителите, како и формирање посебен центар за грижа, во служба на поддршка на родителите, во којшто ќе бидат вработени стручни лица, коишто ќе работат со лицата со посебни потреби и ќе ги унапредуваат нивните потенцијали. Концептот за еднаквост е само модел на хартија, затоа што во реалноста нештата се далеку поразлични.
„Во Скопје, па и во целата држава не смее да има бариери кога се во прашање лицата со посебни потреби. Напротив, треба уште повеќе да се крене јавната свест за прифаќање на овие лица и да им се овозможи исполнување на нивните права во сите сфери од општествениот живот. Ќе формираме регистар на лица со попреченост што би имал позитивни буџетски импликации и таргетирани сервисни системски поддршки. Исто така, предвидувам и отворање центар за грижа што ќе работи во рамките на унапредување на квалитетот на животот и на родителите и на нивните деца. Ќе биде донесено и инфраструктурно решение што ќе овозможи полесен пристап во повеќе јавни места во Скопје “ – истакна Арсовска на средбата.
За крај, Арсовска се заложи за отворен дијалог и соработка со цел унапредување на правата на лицата со посебни потреби и олеснување на проблемите со кои што се соочуваат нивните родители, како и поголем слух од страна на градските и општинските служби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Временска најава: Од попладне дожд, грмежи и северен ветер
Под влијание на влажна воздушна маса денес попладне, во текот на ноќта и утре ќе има повремени локални врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни (над 15л/м2) и ќе има услови за појава на ретки грмежи, информира УХМР.
Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер (над 60км/ч.), а дневната температура утре ќе опадне за неколку степени.
Во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а нови локални врнежи од дожд повторно се очекуваат во петок и во деновите од викендот.
Во Скопје, кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Во текот на ноќта и утре ќе дува засилен северен ветер.
Македонија
Утре без вода делови од Центар
Дел од корисниците на општина Центар утре ќе останат без вода.
„Поради промена на шибер во шахта на ул.Тасино Чешмиче бб (Градинка Кочо Рацин), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул.Тасино Чешмиче од 09:00 часот до завршување (општина Центар) и поради уличен дефект ф 200 мм на Бул.Партизански Одреди спроти Соборен Храм (Паркинг ЈАТ), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од ул.Максим Горки до Бул.Партизански Одреди и дел од Бул.Партизански Одреди од 09:00 часот до завршување“, соопшти Центарот за управување со кризи.
Македонија
Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров поднесе оставка
Претседателот на општинската организација на СДСМ во Ѓорче Петров, Костадин Ацевски, поднесе оставка поради лошите резултати на локалните избори. Според него, оставка треба да поднесат и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, како и целото раководство на партијата.
„Изборите завршија, време е да се понесе одговорност. Иако се вложив целосно, сепак резултатот е лош. Поднесувам неотповиклива оставка како претседател на општинската организација како чин на објективна и морална одговорност за лошите резултати. Верувам дека е исправно оставка да поднесат и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, како и целото раководство на СДСМ, не само заради лошите резултати туку и заради начинот на дејствување во изминатиот период“, вели Ацевски.
Тој додава дека СДСМ е преголема идеја за да остане непрепознатлива.
„СДСМ мора да биде силна опозиција и силен коректор на оваа лоша власт. И покрај оставката останувам член на СДСМ за подобро Ѓорче, подобро Скопје и подобра Македонија“, рече Ацевски.

