Македонија
Димитров на Безбедносниот форум во Белград: Берлинскиот процес го врати фокусот на ЕУ кон регионот
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска на Белградскиот безбедносен форум зборуваше на панелот „Берлински процес – Што следи?“. Дискусијата се фокусираше на целите на придонесот на Берлинскиот процес во одржувањето на темпото на реформскиот процес во регионот во контекст на европската интеграција, но и во поконкретните области на регионална соработка, со цел да се развијат идните модалитети за негово оптимизирање во светло на случувањата на динамичната европска сцена.
Вицепремиерот Димитров посочи дека Берлинскиот процес не беше воведен како засебен процес туку силно врзан со зајакнување на процесот на проширувањето на ЕУ со земјите од регионот, и од политички аспект – поради силното германско лидерство, и во пракса – со оглед на областите и регионалните иницијативи развиени во соработка со Европската комисија и земјите членки.
„Крајната визија на Берлинскиот процес – да придонесе кон создавање мирна, стабилна и просперитетна иднина на регионот не е возможно да се оствари доколку се изземе европската перспектива. Опсегот и длабочината на постигнатите резултати се движи од политички самити на високо ниво до конкретни, опипливи резултати кои носат придобивки за граѓаните – како што е укинувањето на роамингот во регионот и младинската соработка преку RYCO“, рече Димитров.
Берлинскиот процес го врати фокусот на ЕУ кон регионот, но проблемот со кредибилитетот на ЕУ сé уште опстојува, довербата на граѓаните опаѓа заедно со надежта дека европската иднина е остварлива. Регионот во иднина мора да покаже дека проширувањето има додадена вредност за Унијата и носи решенија наместо проблеми, додека, пак, ЕУ треба да испрати порака дека изборот на европски ориентирани политики носи победа.“
Димитров нагласи дека регионалната соработка во иднина треба да биде надградена на приоритетите и областите што Берлинскиот процес ги промовира, но само како алатка за придвижување во процесот на пристапување, не како алтернатива бидејќи европската визија не може да биде заменета.
„За регионалната соработка да биде успешна, треба пред сé да биде регионална во инклузивна смисла и отворена за сите. Минатата година Северна Македонија и Бугарија заеднички заседаваа со Берлинскиот процес, со интенција да се истакнат овие елементи и да се зајакне одговорноста во однос на резултатите. Економското поврзување е важно и иницијативите како ‘Отворен Балкан’ се надоврзуваат на целите на Берлинскиот процес, следната можност за процесот да испорача конкретни резултати е заедничкиот регионален пазар. Но сето ова не е и не може да биде алтернатива на европската интеграција на регионот“, додаде тој.
На панелот учествуваа и европратеничката Виола фон Крамон-Таубадел, како и претставници на тинк-тенк секторот во Европа: Кристијан Хагеман како заменик-директор на Асоцијацијата на Југоисточна Европа (SOG) со седиште во Минхен, Игор Бандовиќ од Белградскиот центар за безбедносни политики и Зоран Нечев од Институтот за демократија – Скопје, додека, пак, модератор беше Макс Брандл, директор на фондацијата „Фридрих Еберт“ во Белград.
Соговорниците се согласија дека Европската Унија треба да ја канализира посветеноста и поддршката за регионот преку конкретен исход и придвижување на процесот на проширување, особено во поглед на Северна Македонија со оглед на постигнатите резултати во исполнување на пристапните услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

