Култура
Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО во Битола
Трет Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО денеска и утре се одржува во Општина Битола и во Центарот за култура – Битола. Темата на форумот е „Креативните индустрии – мост на иднината меѓу културата и креативната економија / Ковид-19 предизвици“.
За време на форумот ќе бидат вклучени високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Сиднеј, Галвеј, Чјингдао, Бусан, Тераса, Брадфорд, Потсдам, Сараево, Софија, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис-секторот кои работат во креативните индустрии и филм.
Форумот е од исклучителна важност за градот Битола, како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015 и е еден од 18-те градови кои се дел од овој филмски кластер на УНЕСКО, единствен од земјава и еден од ретките од регионот заедно со Софија и Сараево. Мрежата е клучен партнер на УНЕСКО.
Официјалното отворање е закажано за денеска од 13 часот во салата за седници на Советот на Општина Битола. Дводневната програма предвидува повеќе дискусии и презентации, а во неформалниот и неколку интересни и обмислени проекции на филмови, неформални средби и посета на возобновеното кино на браќата Манаки и реновираниот Офицерски Дом. Во рамките на првиот ден презентации ќе одржат повеќе домашни учесници, а ќе бидат прикажани и неколку кратки филмови од градовите-членки на мрежата за филм на УНЕСКО во малата сала при НУ Центар за култура Битола.
На утрешната програма од 11 часот во Општина Битола е предвидено вклучување на високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Тераса (Шпанија), Сиднеј (Австралија), Чјингдао (Кина), Бусан (Јужна Кореја), Сараево (БиХ), Софија (Бугарија), Галвеј (Ирска) и други градови членки на кластерот филмски градови на УНЕСКО. Презентации ќе одржат повеќе домашни претставници од креативните индустрии и филм. Од 12:30 часот ќе се одржи и дискусија на тема „Креативните индустрии – мост на иднината меѓу културата и креативната економија / Ковид-19 предизвици“. Обраќањата и дискусиите ќе се одвиваат на два начина, во живо со присуство на домашни гости и преку интернет и пренос во живо.
Форумот го организира Здружението за филмска уметност „Центар за филм“ Битола во насока на зголемување на соработката помеѓу градовите во областа на креативните индустрии и размена на искуства и добри практики. Интернационалниот форум на градовите од мрежата на УНЕСКО: „Креативните индустрии – мост на иднината меѓу културата и креативната економија“, поддржан од УНЕСКО преку Министерството за култура на Република С Македонија во рамките на Програмата за партиципација на УНЕСКО за 2020-2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба: „Четирите мајстори на модернизмот“
Град Скопје и ЈУ Културно Информативен Центар ќе отпочнат со реализација на Европскиот проект CreArt 3, со активноста „Европски месец на креативноста“ на 10 мај во галеријата Империјал 1 – ЈУ Културно Информативен Центар, каде што до крајот на месец мај ќе биде отворена групната изложба насловена: „Четирите мајстори на модернизмот“
Учесници: Теодора Андоноска, Мартин Буровски, Илина Василеска, Сергеј Јордановски, Камелија Каламерникова, Манели Крстиќ, Сара Милошевска, Ивона Петрова и Никола Тренов, сите студенти од четврта година на студиската програма Сликарство на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, во класата на проф. Слободанка Стевческа.
Изложбата „Четирите мајстори на модернизмот“ е воспоставена во чест на основоположниците на Факултетот за ликовни уметности од Катедрата за сликарство, професорите Петар Мазев, Родољуб Анастасов, Димитар Кондовски и Душан Перчинков.
Изложбата ќе биде отворена до 20.04.2024 година.
Култура
Распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“
Денеска се распишани конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година.
Со државната награда „11 Октомври“ се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес на државата. Наградата се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјава.
Со државната награда „22 Ноември“, пак, се оддава признание на личностите од политичкиот, културниот и општествениот живот во нашата држава кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебно разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери.
Конкурсите за државните награди „11 Oктомври“ и „22 Ноември“ за 2024 година траат од 1 до 31 мај 2024 година.
Конкурсите се објавени и на веб–страницата на Министерството за култура на следните линкови:
Државна награда „11 Октомври“ – https://kultura.gov.mk/wp-content/uploads/2023/10/odluka-3.pdf
Државна награда „22 Ноември“ – https://kultura.gov.mk/22-%d0%bd%d0%be%d0%b5%d0%bc%d0%b2%d1%80%d0%b8/
Култура
Мајските оперски вечери немаат никакви примеси на економски ниту политички стремеж, организаторите го најавија 52-рото издание
Мајските вечери немаат никакви економски ниту политички стремеж, еден ваков уникатен собир ќе го обележи и Скопје и Македонија, соопштија организаторите на прес-конференција.
„Оваа манифестација датира од крајот на 60-тите години. Тогаш имало криза со публика, која не била изразена само во Скопје. Во првите години мајските оперски вечери се празни, но со текот на годините заинтересираноста расте“, изјавја организаторите.
Како што велат оттаму, ова е еден од најголемите фестивали во регионот и со квалитетна програма сите овие години.
„Оваа година ќе има екслузивна програма. Очекуваме одлични резултати“, додаваат оттаму.
Реномираниот македонски режисер Иван Поповски, со успешна кариера во Русија, ја поставува операта „Трубадур“ од Џузепе Верди, со чија премиера ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери (МОВ) на 9 мај во Националната опера и балет (НОБ). Диригент ќе биде Енрико Довико (Италија), сценографијата ја работи реномираниот Миодраг Табачки од Србија, костимите Марија Пупучевска, а кореографијата Саша Евтимова.
Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена и изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова. Изложбата ќе ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство, класифицирани во категоријата лични предмети како и голем број награди, признанија, уметнички портрети и фотографии кои во детали ја прикажуваат нејзината богата музичка кариера.
„Оперска одисеја“ е резултат на институционалната соработка помеѓу Музејoт на македонската борба за самостојност и Националната опера и балет. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.