Македонија
(Видео) Кузеска: Лагите на Данела Арсовска се разобличени
Јавноста ја дозна вистината за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и кадар на Груевски, Данела Арсовска. Сите нејзини лаги се целосно разобличени. Сѐ што сакаше да скрие Арсовска излезе на виделина. Објавените документи покажуваат дека Данела Арсовска ги излажа граѓаните, таа поседува бугарско државјанство и бугарска лична карта, истакна на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Не е проблем тоа како се чувствува Арсовска, рече Кузеска, туку, според неа, проблем е што ги гледа граѓаните во очи и ги лаже додека ја бара нивната доверба.
„Ако Арсовска се крие и лаже за вакви работи, за што сѐ друго лаже? Овој нечесен, неодговорен однос е потценување на граѓаните и жителите на Скопје. Ваквото однесување е одлика на режимската матрица на ВМРО-ДПМНЕ, чиј кадар и кандидат е и самата Данела Арсовска. За таквиот нечесен однос, Арсовска ќе го добие одговорот од граѓаните на изборите в недела“, нагласи Кузеска.
Скопјанките и скопјаните, вели Кузеска, нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ и Левицата да го уништуваат градот.
„Граѓаните знаат дека со СДСМ се на сигурно, дека СДСМ е гарант дека градот и државата се на курсот на напредокот, на развојот, на интеграцијата и еднаквоста. В недела граѓаните ќе донесат одлука Скопје да продолжи по исправниот пат на развојот и напредокот со Петре Шилегов. В недела граѓаните ќе ги поразат остатоците од режимот поддржани од лажните левичари од Левицата. Од гласот на граѓаните в недела зависи и мнозинството во градскиот Совет“, потенцира портпаролката на СДСМ.
Додаде дека ништо не е завршено, а битката во Скопје е в недела по што, како што дополни, ќе се види кој има реално мнозинство.
„Сите независни листи, реалните гласови на граѓаните, не може да бидат надвор од Советот на Град Скопје, СДСМ ќе ги вклучи и нив“, истакна Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

