Македонија
Спасовски: Во вториот круг 114 пријави, најмногу за агитирање на гласачи

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изборниот ден го оцени како фер и демократски, кој поминал во мирна атмосфера. Тој кажа дека не се регистрирани посериозни инциденти или поголеми нарушувања на изборите.
„До 19 часот се бележи вкупно намалување на бројот на пријавени настани и тоа за 31,7 %, во споредба со изборите во јули 2020 година. Во вториов круг се регистрирани 114 пријавени настани, од кои најголемо намалување од 67% е забележано кај пријавените поткупи. Најголемиот број пријавени настани се на подрачје на СВР Штип – 50, 32 настани на СВР Куманово, 12 на СВР Битола, шест на СВР Скопје, пет на СВР Струмица, пет на СВР Тетово, три на СВР Охрид и еден настан на подрачје на СВР Велес. Најголемиот број на настани се однесуваат на: агитирање на гласачи – 83 настани, од кои 14 се отфрлени како неосновани, а по другите пријави се постапува. Притоа, во овој сегмент влегуваат и пријави за превезување на гласачи, вршење притисок/влијание на гласачи, носење на лични карти на гласачи, телефонски јавувања и др. изборен поткуп – 10 настани, од кои три се веќе отфрлени како неосновани, а за останатите се преземаат мерки за расчистување, вербални закани –три пријавени настани, злоупотреба на лични податоци – два пријавени настани, загрозување на сигурноста – два настани, од кои еден отфрлен како неоснован, додека за другиот се постапува, групирање на лица во близина на гласачко место- два настани, од кои еден отфрлен, а за другиот преземаме мерки за негово расчистување. Ова се покарактеристичните настани во текот на овој изборен ден, пријавени досега, но би сакал да ги споменам двете пријавени кривични дела, и тоа уништување на изборен материјал на подрачјето на ОВР Кичево, за што против лицето кое е приведено ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „уништување изборен материјал“ и повреда на тајноста на гласањето на подрачјето на ОВР Кочани за што ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „повреда на тајноста на гласањето“, рече Спасовски.
Министерот соопшти и дека пријавени се пет полициски службеници, од кои четири пријави се отфрлени како неосновани, а за петтиот се преземаат мерки и активности за расчистување.
„Со задоволство можам да констатирам дека Министерството за внатрешни работи, кое има една од клучните улоги во спроведувањето на изборните процеси, успешно ги презеде сите надлежности предвидени со Изборниот законик: од доставување на податоците за ажурирање на Избирачкиот список, преку обезбедување услови за мирна, целосно безбедна, фер и демократска атмосфера, како во текот на целиот изборен процес, така и на денешниот изборен ден, па сѐ до обезбедување, преземање и враќање на изборниот материјал во ДИК. Значи, МВР максимално подготвено одговори на предизвиците околу безбедноста на изборниот процес за што би сакал да упатам благодарност до сите припадници на полицијата за извршување на работните задачи на највисоко професионално ниво“, додаде Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Даниловски алармира: Глувците во Скопје шират ризик од болести, преминат е Рубиконот, потребна е итна интервенција

Епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски предупреди дека Скопје се соочува со закана за јавното здравје, повикувајќи на итна, координирана интервенција на сите надлежни институции.
Тој потсети дека неодамна дете било каснато од глушец во училишен двор во чија близина имало насобран отпад, што, според него, е „црвена линија што не смееше да се премине“. „Преминат е Рубиконот. Нема назад“, порача Даниловски.
Епидемиологот предупредува дека во услови на постојано натрупан отпад и недоволна дератизација, градот станува биолошки резервоар на зарази.
„Купиштата ѓубре создадоа идеални услови за развој и размножување на глувци и стаорци – познати преносители на сериозни заразни болести: лептоспироза, хантавирус, па дури и бубонска чума. Тие болести се пренесуваат преку урината, изметот, плунката и болвите на глодарите. Познато е дека стаорците се размножуваат според експоненцијална прогресија: во период од само 18 месеци еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци. Тоа е биолошки факт. Експоненцијалниот модел претпоставува неограничени ресурси како храна, вода и простор. Таа претпоставка во Скопје е исполнета!“, напиша Даниловски.
Додава и дека историјата нè потсетува дека неконтролираното ширење на глодари може да има катастрофални последици. Во Средниот век, меѓу 1347 и 1352 година, како пример во таа насока, бубонската чума („црната смрт“) однесе од 75 до 200 милиони животи – речиси половина од населението на Европа.
Повика на најитна, координирана интервенција на сите надлежни институции – по потреба и со прогласување вонредна состојба на делови од територијата на градот. Првенствено заради дезинфекција, дезинсекција, дератизација и отстранување на ризикот по јавното здравје.
„Во медицината постои еден етички принцип – Primum non nocere („пред сè, не прави штета“). Тој принцип мора да важи и надвор од медицината: за сите професии и институции што имаат допир со граѓаните. Причините – организациски, политички или финансиски – стануваат ирелевантни кога се доведува во прашање здравјето и безбедноста на децата и граѓаните.“ нагласи тој.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска да каже која одлука за „Комунална хигиена“ не била изгласана од нашите советници

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата реагираше на тврдењата на градоначалничката Данела Арсовска, која утрово на социјалните мрежи напиша дека одговорноста за состојбата со ѓубрето низ Скопје е кај кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН во Советот на Градот и управниот одбор на ЈП „Комунална хигиена“.
Од партијата велат дека сите одлуки предложени од Арсовска и поврзани со претпријатието биле усвоени од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, и ја обвинуваат градоначалничката дека „измислува“ криза за политичка корист.
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата гласаа за сите одлуки предложени од страна на Арсовска, а кои беа поврзани со ‘Комунална хигиена’. Апелираме да каже која одлука врзана со тековното работење на претпријатието не е изгласана од советниците?“ стои во реакцијата.
Од партијата додаваат дека тезата на Арсовска дека проблемот е намерно создаден е „површна, неточна и нелогична“.
„Зошто ВМРО-ДПМНЕ во сред изборна кампања би го ставило Скопје во ѓубре, ако се знае дека товарот и негативата ќе одат на сметка на ВМРО-ДПМНЕ? Арсовска треба да одговори зошто не се собира ѓубрето и што се прави со парите кои граѓаните уредно ги плаќаат“, наведуваат од партијата.
Тие побараа да се испита и кривичната одговорност на надлежните за хаосот со сметот, оценувајќи дека зад него стои „тајна коалиција која четири години ја поддржуваше Арсовска“.
„Ова го прави некој што сака да наштети на ВМРО-ДПМНЕ во изборна кампања. Ќе дојде крајот на ова и ќе има одговорност“, се вели во реакцијата.
Во објавата претходно, Арсовска обвини дека Советот не презел мерки за нормално работење на претпријатието, ниту ги разрешил управниот и надзорниот одбор на „Комунална хигиена“ кое е составено од кадри на ВМРО-ДПМНЕ и Влен, и надлежно за носењето на сите одлуки поврзани со работата на претпријатието.
Македонија
Мециновиќ прифати дебата на Телма телевизија

Амар Мециновиќ, кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на Левица, утрово на социјалните мрежи сподели дека прифатил покана за дебата на телевизија Телма.
„Добро утро Скопје, дебата на Телма за следниот четврток.
Со задоволство ја прифаќам поканата на телевизијата Телма за учество во дебатата за главниот град со мојот противкандидат.
Во духот на демократијата и витешката борба, сметам дека сите дебати се добродојдени“, напиша тој на социјалните мрежи.