Свет
Австралискиот премиер објави СМС-пораки од Макрон – француските политичари со остри реакции

Австралискиот премиер Скот Морисон објави СМС-пораки, кои му ги испратил францускиот претседател Емануел Макрон. Тоа ги разбесни француските политичари и воедно ги продолжи дипломатските тензии меѓу двете земји, пишува британски „Гардијан“.
„Објавувањето пораки разменети од шефовите на држави е груба и многу неконвенционална тактика“, изјави неименуван советник близок на претседателот Макрон за француските медиуми. Тој додаде дека францускиот претседател никогаш не би помислил на такво нешто.
Сè започна два дена пред објавувањето на воспоставувањето на воено-безбедносниот пакт Аукус и поништувањето на договорот за француска испорака на подморници во Австралија. Макрон подоцна рече дека знаел дека Морисон го лаже и оти ќе се сврти кон САД и Велика Британија.
Австралија минатиот месец го раскина договорот вреден повеќе милијарди долари за купување француски подморници и одлучи да купи американски.
Морисон ги отфрли обвинувањата дека лажел и рече дека нема да дозволи таков однос кон Австралија. Француските медиуми го опишаа протекувањето во јавноста како „спектакуларно и исклучително ретко“.
Според Гардијан, очигледната намера била да се укаже дека Макрон однапред знаел оти договорот може да биде поништен. Но, Елисејската палата го негира ова и вели дека претседателот само сакал да знае што се случува, имајќи предвид дека се работи за договор вреден дури 49 милијарди фунти за купување на 12 моќни подморници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
За Зеленски велигденското примирје на Путин е нова манипулација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази скептицизам во врска со едностраниот велигденски прекин на огнот, објавен денеска од рускиот претседател Владимир Путин. Во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за нова манипулација на Путин, но не открива дали примирјето е прифатливо за Киев.
– Што се однесува до новиот обид на Путин да манипулира со човечките животи – сирените за воздушен напад моментално се огласуваат во многу делови на Украина. Во 17 часот и 15 минути на нашето небо беа откриени руски беспилотни летала. Украинската воздушна одбрана и воздушните сили веќе почнаа да дејствуваат за да не заштитат. Присуството на дронови Шахед во нашиот воздушен простор јасно го открива вистинскиот став на Путин кон Велигден и кон човечките животи, напиша Зеленски на платформата Х.
Зеленски во објавата не дава никави назнаки дали и Украина ќе го прекине огнот за Велигден.
Рускиот претседател Владимир Путин попладнево објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објави Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Свет
Путин објави велигденско примирје

Рускиот претседател Владимир Путин објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции, соопшти Кремљ.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објавил Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Путин истакнал дека руските војници, сепак, мора да бидат подготвени за можни прекршувања на примирјето од страна на Киев. Мора да бидат подготвени да одбијат секаква провокација на непријателот, секоја негова агресивна акција, нагласил рускиот претседател.
Москва очекува украинската страна да го следи нивниот пример. Киев сè уште официјално не го коментираше прогласеното примирје.
Свет
Се урна станбен блок во Индија

Четири лица загинаа, а уште 10 се водат за исчезнати откако денеска се урна повеќекатен станбен блок во близина на Њу Делхи, јавија индиските медиуми повикувајќи се на полицијата.
Според извештаите, спасени се 14 лица. Блокот се урнал во Мустафабад во североисточниот дел на државата Делхи. Ограничените услови ја попречуваат спасувачката работа, изјави портпаролот на Националните сили за одговор при катастрофи.
Причината за уривањето се уште не е позната. Локалните медиуми јавуваат дека неодамна биле извршени градежни работи во приземјето на зградата.
Главниот министер на Делхи, Река Гупта нареди истрага за инцидентот.