Македонија
Мицкоски: Потребни се избори за стабилна Влада бидејќи следува кризен период
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бара брзи и предвремени парламентарни избори. Ваквото барање го образложува со кризата која вели дека ќе ја зафати Македонија.
Тој очекува зголемување на последиците од коронавирусот, бидејќи, како што вели, има потфрлање во менаџирањето на процесите, за што, според него, потврда се повеќе од 7.000 починати. За интеграциите во ЕУ, лидерот Мицкоски кажа дека дури и да се започнат, потребни се коренити реформи кои ќе ги спроведуваат институции со слаб квалитет. Дополнително посочи и дека државата влегува во енергетска криза каде може да има рестрикции, но и дека следува ценовен шок и голема инфлација. Тој тврди дека за ново мнозинство се потребни избори.
„Ова се причини кои говорат дека се потребни крупни одлуки кои мора да се носат овој период. Народот кажа дека не верува дека Владата може да се справи со овие последици. Не само што легитимитетот е доведен во прашање, туку и мотивацијата на Владата да се справи со овие проблеми. Прва опција е формирање на ново парламентарно мнозинство. Во овој момент најдобро решение за Македонија е без одлагање, брзи предвремени парламентарни избори, со почитување на роковите кои ќе обезбедат цврста и стабилна Влада. Брзи избори за кои не треба алтернатива, бидејќи е потребна стабилна влада која ќе се справи со проблемите. Изборите се светлото на крајот од тунелот. Брзите избори треба да донесат Влада која ќе спроведува ефикасни политики“, кажа Мицкоски.
Тој смета дека немањето предвремени парламентарни избори значи дополнителен криминал и корупција и неефикасни институции додавајќи: „Доколку владата ја одбие понудената рака за предвремени избори, енергетската криза која тропа на порти, ковид-пандемијата, жестокиот пад во економијата, ќе бидат на товар на оваа Влада во заминување. Подаваме рака бидејќи наш интерес се граѓаните“.
„Јасно е дека Зоран Заев дури и да си поднесе оставка, министрите ќе продолжат да го претставуваат неговиот корумпиран систем, кој на овие избори двапати беше поразен. Дури и Зоран Заев да си оди, а Владата да остане, Венко Филипче ќе остане министер кој има најмногу починати, Љупчо Николовски ќе е нефункционален министер, Мила Царовска ќе продолжи да го уништува образованието. И самиот Зоран Заев ја стави во влог неговата кариера, а изборите беа референдум за владата. Оттука прашањето кое е легитимно, дали ќе има ново парламентарно мнозинство и без избори да се формира нова Влада или, пак, нови избори за Влада со нов кредибилитет. Да потенцирам дека Македонија ја очекуваат кризни времиња, следува ценовен енергетски шок, каде прашањето не е дали, туку колку ќе поскапи струјата. Поскапувањето на струјата значи шок кој ќе се прелее на сите производи, што значи зголемена инфлација и зголемена сиромаштија“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

