Македонија
Мицкоски од градоначалниците побарал да се откажат од привилегиите и да покажат скромност

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски остварил средба со градоначалниците кои ги преземаа општините ширум Македонија и ги добија локалните избори. Тој посочи дека тие веќе воочиле злоупотреби од нивните претходници, но и дека бара пожртвувана и чесна работа од нив.
„Независно од случувањата во Централната власт, сметам дека е многу значајно по ниту една цена да не се занемари она што беше ветено за граѓаните на локалните избори. Се што ветивме треба да се исполни. Да се започне решавање на проблемите на граѓаните. Без оглед што огромен дел од општините се презадолжени, во голем дел од нив, првичните информации велат дека има злоупотреби на ресурсите, земање плата на луѓе и не одење на работа. Потребен е максимален ангажман од секој градоначалник за реализација, а овие работи не смеат да бидат причини за неуспех“, кажа Мицкоски.
Тој потенцираше дека тие не должат никому, освен на градоначалниците. Ја повика јавноста да биде коректор на градоначалниците и нивната работа.
„Имајќи во предвид дека во програмите имаме сериозни капитални проекти, ќе побарам од градоначалниците во следните 30 дена да започнат со најмалку 3 капитални проекти од инфраструктурен карактер за решавање на проблемите. Мојот совет до нив беше да се покаже скромност во делувањето, да се откажат од привилегиите кои самата функција ги носи. Потребно е да покажеме пред граѓаните дека тоа што го зборуваме, го мислиме и работиме. Веднаш, апелирам тоа да го направат и градоначалниците кои се дел од коалицијата, да се откажат од употреба на службените возила надвор од службените потреби и да се откажат од пари за ручеци. Побарав да се излезе на терен, да се комуницира со граѓаните за решвање на нивните проблеми“, додаде Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи, претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Македонија
(Видео) Едниот качен на хауба, друг вози без дозвола – поднесени пријави за скопјаните кои дивееа низ улиците

Министерството за внатрешни работи поднесе пријави против двајца млади скопјани, откако на социјалните мрежи се појави видео од опасна и непромислена „возачка забава“ по скопските булевари.
Во видеото се гледа како едно лице стои на хаубата од автомобил во движење, а возачот, покрај тоа што управува без дозвола, вози и без регистарски таблици. Станува збор за 20-годишниот С.З. и 19-годишниот Р.Ѓ., двајцата од Скопје. Против нив се покренати поднесоци по неколку основи, вклучително и управување без возачка дозвола, загрозување на сопствената и туѓата безбедност, како и дозволување управување на лице без дозвола.
Од МВР информираат дека лицата биле веднаш повикани на службен разговор, а полицијата презема и дополнителни активности за целосно расчистување на случајот.