Македонија
Мицкоски: Ако Заев не поднесе оставка утре до 14.30 часот, ќе ја поднесеме иницијативата за гласање недоверба
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не очекува премиерот Зоран Заев да поднесе оставка. Мицкоски посочи дека ако утре до 14:30 часот тоа не биде направено, ќе ја поднесат иницијативата за гласање на недоверба.
„Вратата за секој оној кој што мисли дека оваа Влада на Зоран Заев не е добра, е отворена. Секој кој ја поддржува, нема да биде дел од оние пратеници кои ќе гласаат за недоверба. Тука не постои политичка партија, туку 120 пратеници. 61 застанаа, 59 ги оставам да размислат. Да ја завршиме прво првата работа, потоа има Устав, закони, кој треба да се почитуваат. Мандат се дава на мнозинство и така натаму. Да почекаме да се случи прво првата работа. Лично, не очекувам дека Заев ќе даде оставка, тоа го темелам на претходно искуство. Ќе го доставиме тоа до претседателот на Собранието. 14:30 ќе ја отпочнеме процедурата за гласање на доверба на оваа Влада на Зоран Заев ако не даде неотповиклив оставка“, додаде Мицкоски.
Мицкоски негира дека пратеникот Скендер Реџепи од „Алтернатива“ бил измамен и не му било кажано дека Левица ќе е дел од мнозинството за гласањето на недоверба на Владата на СДСМ и ДУИ. Тој кажа дека немал чуено изјава од пратеникот дека ја повлекува веќе дадената изјава и потпис, туку дека, како што рече, криминалната влада на Зоран Заев треба да замине.
„Информацијата е без да биде цитирана изјава на Скендер Реџепи, без потврда, а потоа беше дистрибуирана во јавноста. Јас во животот не мамам. Најмалку имам потреба да се служам со методи кои мене како човек ми доликуваат. Најдобар демант на сето ова ќе биде иницијативата која ќе биде поднесена утре до Собранието. Немам чуено дека пратеникот Скендер го рекол тоа. Имав можност да чујам друга негова изјава дека оваа криминална влада треба да замине, предводена од Зоран Заев. Верувам во неговата чесност и честитост“, кажа Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бегај од Скопје се сели во Тетово, Гостивар и Дебар, улиците ќе бидат затворени
Во Тетово, Гостивар и Дебар денеска ќе има посебен сообраќаен режим поради престојот на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој ја завршува тридневната официјална посета на земјава.
Општина Тетово и СВР Тетово информираат дека денеска во градот ќе има привремени безбедносни мерки, посебен режим во сообраќајот и забрана за паркирање на повеќе улици по повод посетата на претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај на Тетово.
Општина Тетово препорачува возила да не се паркираат на булевар „Маршал Тито“ од почетокот до кружниот тек кај пазарот со булевар „Благоја Тоска“, на булевар „Благоја Тоска“ од кружниот тек со булевар „Маршал Тито“ до зградата на Општина Тетово, на улица „ЈНА“ („Дервиш Цара“) во целост, до семафорите, на улица „Илинденска“ од Основен суд до Универзитетот на Југоисточна Европа, на улица „Киро Ристоски-Дрнц до Арабати Баба Теќе, на улица „ВонВардарска“ и на улица „172“.
-Возилата паркирани спротивно на известувањето ќе бидат отстранети од страна на службите, наведуваат од Општина Тетово.
СВР Тетово апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и упатствата што ќе ги даваат полициските службеници, со цел непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
-Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово и Полициското одделение за безбедноста на патниот сообраќај Гостивар при СВР Тетово ќе преземат мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Тетово и Гостивар, посочија од СВР Тетово.
Согласно агендата, претседателот Бегај ќе ја посети Општина Тетово, ООУ „Лирија“, Шарената џамија и Арабати Баба Теќе.
Албанскиот претседател, Бајрам Бегај, кој е во тридневна официјална посета на земјава, по посетата на општина Гостивар, престојот ќе го заокружи со посета на Дебар, во попладевните часови, од каде преку граничниот премин Блато ќе замине за Албанија.
По тој повод од ОВР Дебар соопштија дека попландево во сила ќе биде посебен сообраќаен режим со цел непречено движење на возилата од делегацијата и непречено одвивање на предвидените активности.
-За таа цел, полициски службеници од ОВР Дебар и СВР Охрид, ќе вршат физичко обезбедување на трасата на движење како и на објектите каде се предвидени работни средби. Мерките стартуваат утре, 28 февуари од 12 часот и ќе траат до 19 часот, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секорот за внатрешни работи -Охрид.
Дообјаснува дека посебниот сообраќаен режим ќе се спроведува со повремено затворање за сообраќај на регионалниот пат Р-1202, од Бошков мост до Дебар, улиците „Елена Ѓика“ од АД „Кнауф“ до кружен тек „Енѓи“, улиците „Иса Болетини“, „Јусуф Грвала“ и регионалниот пат Р-1201 до улиците „Мојси Големи“, „Амди Леши“, Јосиф Багери и регионалниот пат 1202 Дебар- граничен премин Блато.
-Апелираме до граѓаните и до сите учесници во сообраќајот, да се придржуваат до насоките на полициските службеници кои ќе вршат обезбедување и на исклучивост во користењето на своите моторни возила во овој временски период, посочува Димоски.
Според Општна Дебар, Бегај ќе се сретне со градоначалникот, Фисник Меља, но не се предвидени изјави.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера со државни и воени почести го пречека претседателот на Албанија Бајрам Бегај.
Македонија
Орце во ноќен увид на улиците кои се реконструираат низ Скопје, вели се работи и дење и ноќе
Во завршна фаза е изградбата на улицата „Фрањо Клуз“ во Аеродром која е една од најзначајните сообраќајници во овој дел од градот. Се работи со полна динамика, и дење и ноќе, затоа што скопјани заслужуваат модерен, функционален и безбеден град, објави вчера вечерта градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Делата говорат. Скопје не смее да чека. Скопје мора да се развива – посветено и со визија. Она што со години било запоставувано и туркано под тепих, денес се решава темелно и одговорно – објави на Фејсбук Ѓорѓиевски.

Реконструкцијата опфаќа нов тампон, двослоен асфалт, нови рабници, а во овој момент интензивно се асфалтираат тротоарите. Во должина од еден километар се изведуваат нови тротоари, се поставува современо улично осветлување и се гради нова атмосферска канализација.
– Од наредната недела, жителите на Аеродром ќе возат по нова, современа и безбедна улица. За само три месеци од преземањето на функцијата градоначалник на Скопје, покажавме дека кога се работи со срце, визија и чесна намера – резултатите се очигледни. Не ветивме чуда, туку работа. И работиме – објави Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски, вели дека ова е само почеток и најавува дека следува најголемата инфраструктурна обнова досега.
– Ќе се работи рамномерно, во секој дел на Скопје. Затоа што секој заслужува исти услови, исти шанси и ист квалитет на живот.
Мојот народ го заслужува најдоброто – објави Ѓорѓиевски.
Македонија
Пролетен ден во зима, денес сонце и температури до 15 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени и по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

