Европа
Холандија воведува целосно затворање по 19 часот

Холандија ќе биде првата западноевропска земја што ќе воведе делумно затворање на земјата. Рестриктивните мерки ќе стапат во сила претстојниот викенд, соопшти денеска холандскиот јавен сервис НОС.
Кафулињата, рестораните и продавниците за непрехранбени производи ќе мора да затворат до 19 часот најмалку три недели почнувајќи од утре, соопшти ИСО, цитирајќи владини извори.
Луѓето ќе бидат повикани да работат од дома колку што можат, а на спортските настани во наредните недели ќе нема публика, додаде „Ројтерс“.
Училиштата, кината и театрите ќе останат отворени. Привремената влада на Марк Руте до вечерва ќе донесе одлука за новите мерки и ќе ја соопшти на прес-конференција закажана за 19 часот.
Бројот на заразени од коронавирус рапидно се зголеми по укинувањето на физичката дистанција на крајот на септември, па во четвртокот за 24 часа беше постигнат рекорден број заболени од речиси 16.300.
Во Холандија речиси 85 отсто од полнолетните граѓани примиле две дози, а бустер-дозите досега се одобрени само за мала група луѓе – лица со намален имунитет и лица постари од 80 години.
Минатиот месец речиси 55 отсто од пациентите во холандските болници и приближно 70 отсто на интензивна нега биле невакцинирани или делумно вакцинирани, покажуваат податоците на Холандскиот институт за здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Франција и Германија се мобилизираат; Макрон: Му дадов ветување на Туск

Франција денес соопшти дека одлучила да мобилизира три борбени авиони „Рафал“ за заштита на полскиот воздушен простор и источна Европа заедно со НАТО, по руските упади со беспилотни летала во Полска, додека Германија изјави дека ќе ги засили своите обврски на источното крило на НАТО.
„Вчера му го дадов ова ветување на полскиот премиер Доналд Туск“, објави францускиот претседател Емануел Макрон денес на Икс, додавајќи дека разговарал и со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и со британскиот премиер Кир Стармер.
„Нема да попуштиме пред зголеменото заплашување од Русија“, рече тој.
Германија, исто така, ќе ги засили своите обврски на источното крило на НАТО по инцидентот со дроновите во Полска, изјави владиниот портпарол Стефан Корнелиус.
Тој рече дека војската на германскиот Бундесвер ќе го прошири и продолжи својот воздушен надзор над Полска. Два борбени авиони „Еурофајтер“ на Бундесвер веќе извршуваат извидувачки летови над Полска, кои беа планирани до 30 септември. Тие полетуваат од нивната база во близина на северниот германски град Росток.
Мерц: Ова е сериозен инцидент, а не несреќа
Бројот на авиони сега ќе се удвои на четири, а извидувањето е продолжено најмалку до 31 декември, соопшти германското Министерство за одбрана. Канцеларот Фридрих Мерц вчера изјави дека не верува дека нарушувањето на полскиот воздушен простор од страна на руски беспилотни летала е несреќа, туку инцидент што претставува многу сериозна закана за мирот во цела Европа.
Варшава регистрираше 19 нарушувања на својот воздушен простор од страна на руски беспилотни летала завчера и вчера. Русија негираше одговорност за инцидентот. Полска беше поддржана од своите сојузници во НАТО во соборувањето на беспилотните летала, прв пат членка на воениот сојуз да отвори оган за време на војната на Русија во Украина.
Полскиот претседател го опиша инцидентот како обид на Русија да го тестира одговорот на Варшава и НАТО. Советот за безбедност на Обединетите нации ќе се состане утре за да разговара за упадите на беспилотните летала во полскиот воздушен простор.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: Размислете внимателно за вашите капацитети за воздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика сојузниците на Киев да ги преиспитаат своите капацитети за воздушна одбрана откако беспилотните летала, за кои Варшава тврди дека се руски, влегоа во полскиот воздушен простор.
Зборувајќи во Киев заедно со финскиот претседател Александар Стаб, Зеленски рече дека Украина е отворена и подготвена да ги поддржи сојузничките напори. Украина одби многу руски воздушни напади користејќи украинско и странско оружје, од митралези до напредни ракети.
Зеленски рече дека земји како Полска треба да размислат за слични повеќеслојни пристапи бидејќи ракетните системи како што е американскиот систем „Патриот“ се премногу скапи за употреба против поевтини руски беспилотни летала.
„Никој во светот нема доволно ракети за да собори сите различни видови дронови“, рече тој. Полска, со поддршка на сојузниците од НАТО, вчера собори неколку дронови што влегоа во нејзиниот воздушен простор.
Полскиот претседател го опиша инцидентот како руска провокација насочена кон тестирање на одговорите на Полска и НАТО. Зеленски рече дека Украина, која развила софистициран домашен пристап за одбивање на руските напади, е во позиција да им помогне на своите сојузници во тоа.
Тој рече дека полскиот премиер Доналд Туск веќе се согласил да испрати воени претставници во Украина за таа цел. Полските воени претставници ќе бидат обучени да соборуваат дронови, изјави извор запознаен со ова прашање.
фото: принтскрин
Европа
Русија: Полјаците не ни доставија никакви докази дека дроновите се од наше потекло

Москва тврди дека Полска не доставила никакви докази што покажуваат дека беспилотните летала што биле соборени во Полска се од руско производство.
Вршителот на должноста амбасадор на Русија во Полска, Андреј Ордаш, потврди за новинската агенција „РИА новости“ дека бил повикан од полското Министерство за надворешни работи по инцидентот.
Ова е првиот коментар на Русија по инцидентот, кој се случи преку ноќ.