Македонија
Реџепи: Додека не добијам официјална одлука дека сум исклучен, јас сум член на Беса

Кастриот Реџепи не одговори дали би бил дел од парламентарното мнозинство во Собранието или пак би делувал опозициски, бидејќи според него, тој е уште член на БЕСА иако партијата соопшти дека е исклучен. Иако неколку пати во текот на прес-конференцијата кажа дека има јасни сигнали дека Македонија во декември ќе добие датум за преговори, сепак, рече: „Никој не може да гарантира дека ќе има или ќе нема преговори со ЕУ“.
„ Додека не добијам официјална одлука дека сум исклучен, јас сум координатор, пратеник и член на БЕСА. Ни од собраниските служби немам добиено известување дека тука има известување дека не сум дел на БЕСА. Партијата е се уште дел од мнозинството. Склучување на коалиции врши Централниот одбор, кога тој ќе реши дека не е дел од мнозинството тогаш како член ќе размислам да ја почитувам таа одлука“, кажа Кастриот Реџепи.
Тој не одговори кој му се јавил и со кого контактирал пред да ја донесе одлуката да не гласа за недоверба на Владата. За контактите со премиерот Зоран Заев, кажа дека му се обратил за да му каже да не поднесува оставка. Не одговори конкретно дали преку контакт влијаел на неговата одлука да не гласа за недоверба.
„ Доколку Заев останеше при неговата оставка, јас немаше да размислувам дека не треба да падне Владата. Зошто не можеме да се стрпиме до 14 декември? Јас сум пратеник на БЕСА. Се додека не се промени мојот статус, ќе делувам така. За мнозинството и бројките на мнозинство одговорен е премиерот. Во комуникација со премиерот Заев сум бил претходно, а и понатаму како висок функционер на партија која е дел до мнозинството. И во моментот кога поднесе оставка, апелирав да не го стори тоа, бидејќи не е моментот. Сите дејствија може да се направат откако ќе го добиеме датумот за преговори со ЕУ“, додаде Реџепи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.