Македонија
Судот ги одби сите барања на одбраната во „ТНТ“
Во петнаесет минути од стартот на рочиштето за ТНТ, судот ги одби сите барања на обвинетите и одбраната за произнесување. Единствен кој доби збор е обвинителот Бурим Рустеми, кој побара да се одбијат сите докази, освен еден, кои се предложени од нив. Судијата Огнен Ставрев праша кој е ставот на одбраната и обвинетите, но никој не доби збор, туку пауза. Адвокатите реагираа и посочија дека имаат право да се произнесат зошто се предлагаат доказите, но судијата Огнен Ставрев не дозволи.
Обвинетите Миле Јанакиески и Тони Трајковски кажаа дека ќе останат без ниту еден изведен материјален доказ, а со тоа и без одбрана, но судот остана на истиот став.
Рустеми даде согласност само еден доказ да се изведе, а за сведоците постави услов: „Нагласувам дека доколку одбраната се согласи исказите на сведоците кои се сослушани во таа постапка да се читаат, ќе дадам согласност истите да се прочитаат, а доколку не дава, јас не се согласувам истите да бидат повикани, бидејќи, како што реков, за тие околности веќе има доволен број докази, а нивното повикување е одолговлекување на постапката“. Ова за обвинетите е со цел постапката да заврши побрзо, а тие да бидат осудени.
„Зедов обврска да се произнесам за доказите на одбраната. Забележав дека има поголем број поднесоци, односно 29 поднесоци и всушност се предложени стотици докази, односно повеќе докази од тие што се предложени редовно со поднесениот приговор. Заклучувам дека постапувањето на одбраната е со цел да се опструира процесот и со голем број предложени докази дс се спречи судот да заврши предметот кој се суди четири години, за кривично правен настан, за кој обвинетите имаат едно до две дејствија. Ваквото убедување ми се зацврстува и од фактот дека обвинетите во текот на целата постапка и истрага имале ангажирани бранители коишто биле свесни во која фаза може да се предлагаат доказите, како и дека не може повеќе докази да се предлагаат по поднесување обвинение отколку пред тоа во фаза на истрага. Ги анализирав предлозите, сметам дека за сите околности за коишто доказите се предложение сме изнеле повеќе докази како од Обвинителството така и од одбраната. Затоа сметам дека не е потребно да се предлагаат докази бидејќи судот веќе може од поднесените докази да ја утврди фактичката состојба. Голем број од доказите се однесуваат на одредби, закони, правилници, се бара од судот да прибавува докази, се предлага колумни и докази од интернет кои сметам дека судот не треба да ги прифати бидејќи одбраната требало доказите кои биле релевантни да ги предложи пред поднесеното обвинение. Освен доказот со поднесок од Павле Гацов, вешто лице кое дополнува вешт наод од 2019 година, а имајќи предвид дека главното вештачење е веќе изведено и ова вештачење е дел и дополнување на тоа вештачење, се согласувам да се изведе како доказ. За останатите, одбивам да давам согласност да се изведат бидејќи тоа ќе доведе до повреда на принципот на судење во разумен рок, имајќи предвид колку трае постапката, а убеден сум дека не е повредено правото на одбрана”, рече Бурим Рустеми.
По ова, судот даде пауза.
Дека ќе бидат одбиени сите докази, алармираше адвокатот Мерџан Даути пред еден месец. Тој кажа дека за ова веќе бил известен на средба со Рустеми. Тој тогаш потенцираше дека пресуда ќе има до средината на декември, а единствен начин тоа да се направи, според него, е ако се одбијат сите докази на обвинетите и нивната одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

