Македонија
Мицкоски: Владата на премиерот во заминување Заев се препелка во жив песок и со себе ја влече земјата
Во моментот имаме влада која има поддршка од пратениците кои ги обезбеди како последица на киднапирање. Пратеник кој ја смени страната мистериозно го снема, за подоцна да се појави, што значи дека политичката криза се продлабочува, а владата се препелка во жив песок, во која тоне сè подлабоко и со себе ја влече земјата. Владата на таков „жив песок“ нема да донесе ништо ново и ништо добро на земјата, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за српскиот дневен весник „Политика“.
Тој меѓу другото додава дека актуелната влада е позната по своето недемократско однесување, по својата подмитливост и притисоци, политички хајки. И тука, вели Мицкоски, треба да е одговорот во прашањето зошто пратеникот Реџепи се премисли.
„Ќе потсетам дека оваа влада е истата која беше вмешана во организирање рекет каде еден од главните ликови беше токму Катица Јанева, која беше на чело на Специјалното обвинителство и луѓе блиски на партијата на премиерот Заев“, рече Мицкоски.
„Што мислите колку би им било тешко да скршат еден пратеник кој на десетина часа пред гласањето од гласен критичар на власта, се исклучува и му се губи трага, за подоцна да се појави со изјава за поддршка на владата? Тој пратеник денот кога се гласаше го немаше во собранието, туку само со изјава на бел ѕид како на сослушување во Боливија. Но тие кои тоа го прават треба да знаат дека нема да можат да ја скршат волјата на народот изразена на неодамнешните локални избори каде власта беше декласирана“, потенцира Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека е потребна оставка на целата влада, не само за Заев, затоа што единствениот разумен и логичен исход на сето ова, како што рече, се брзите избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова состојба по обилните врнежи: Поплавени подруми и куќи во Охрид, Кичево, Битола, Тетово и Гостивар
Центарот за управување со кризи ја објави новата состојба до 13 часот по обилните врнежи од дожд во земјава.
Во Охрид и околината, поради обилните врнежи од дожд, има поплавени подруми, дворови и неколку објекти во градот. Некои водотеци се излеани, а локалната самоуправа и кризниот штаб се на терен, додека екипите на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат и ја отстрануваат водата.
Во Кичево и околните населби се појавува вода во подрумските простории и на дел од површините. Дел од граѓаните се евакуирани и сместени во привремени објекти со обезбедена храна и здравствена заштита. Поплави се забележуваат на одредени водотеци и земјоделско земјиште. Општината и Црвен крст Кичево обезбедуваат сместување, храна и лекови, додека ЈП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода, а екипи на итната медицинска помош ја обезбедуваат здравствената заштита на евакуираните лица.
Во регионот на Битола зголемен е водостојот на локалните реки со појави на локални излевања, при што се поплавени куќи, дворишта и дел од земјоделските површини. Механизацијата на општините е на терен за санација на штетите, а Кризниот штаб организира приоритети за дејствување на екипите кои се на терен.
Во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници извршуваат увид на местата со уривање на ѕидови, додека механизацијата на општината интервенира за расчистување на свлечишта и санација на штети.
Во Гостивар и околината се регистрирани поплави на локални патни правци и во неколку населени места. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на локациите со поплавена инфраструктура, а механизацијата од Водостопанство излегува на терен за чистење на свлечишта и санација на штети.
Македонија
Левица: Административна тортура врз повредените во „Пулс“, секој месец мора да се појавуваат пред комисии
Со тешки изгореници, незараснати рани и длабоки психолошки трауми, повредените од смртоносниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ се принудени секој месец да се појавуваат пред комисии за продолжување на боледувањето. Уште од првите денови по пожарот лекарите укажуваа дека дел од повредените ќе се соочат со лекување што ќе трае со години. Наместо државата да го земе тоа во предвид и да обезбеди мир, стабилност и непречено лекување, таа ги изложува на дополнителен физички, психолошки, административен и финансиски притисок, кој го загрозува и нивното закрепнување, велат од Левица.
Според партијата, дополнително загрижува фактот што постојната законска регулатива за боледување е крута за вакви трагедии. Од Левица велат дека според важечките прописи долгорочно боледување се продолжува преку месечни лекарски комисии, со временски ограничувања и административни процедури кои се целосно несоодветни за масовна трагедија со тешки телесни и психички последици.
„Токму затоа државата уште од првиот момент имаше морална должност да изнајде начин за решавање на овој правен вакум. Државата во изминатава речиси година од трагедијата требаше да донесе посебен указ, подзаконски акт или да направи интервенција во законите за да обезбеди автоматско и долгорочно боледување без месечни комисии за сите повредени. Освен што владата на ДПМНЕ не се заангажира тоа да го направи дополнително им отежна повредените. Иако Владата на ДПМНЕ по трагедијата најавуваше апсолутна помош, реалноста е поинаква – не е обезбедена никаква финансиска поддршка ниту за семејствата на загинатите, ниту за повредените. Трошоците за патувања за лекување во странство, скапите креми, силиконски лепенки и медикаменти неопходни за долгорочна нега, целосно паѓаат на товар на семејствата“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека најсрамен пример за институционална бесчувствителност е фактот што државата не само што не помогна, туку од хуманитарната солидарност на граѓаните наплати и данок од милион денари.
„Средствата собрани преку граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, наменети за помош на настраданите, беа оданочени од државата, наместо самата да застане зад тие луѓе. Додека граѓаните покажуваат човечност и солидарност, институциите демонстрираат ладна бирократија и финансиски апетит. Левица смета дека е недозволиво државата да ги малтретира повредените со месечни комисии, да не обезбеди непречено боледување до конечно излекување, да не покрие трошоци за лекување, патувања и медицинска нега, а притоа да оданочува хуманитарна помош и да троши милиони на папаја во владината луксузна кујна“, се наведува во соопштението.
Македонија
Патниот правец Струга-Ќафасан е пуштен за сите видови возила
Од 11.00 часот патниот правец Струга-Ќафасан е пуштен за сите видови возила, информира АМСМ.
Од таму најавија дека денеска граничниот премин Богородица, односно ГП Евзони од 17 часот ќе биде затворен за сите видови на возила.
„Поради протест на грчките земјоделци, од денес 08.01.2026 г. со почеток во 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила во наредните 48 часа заклучно со 10.01.2026 г. во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек“, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по влажни коловози.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.

