Македонија
Утврдени измени на Законот за здравствената заштита за поквалитетни здравствени услуги
На денешната седница, по предлог на Министерството за здравство, утврден е текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита по скратена постапка, со кој се предвидени повеќе новини за поквалитетна здравствена услуга за граѓаните.
Со предвидените измени и дополнувања, меѓу другото, е обезбедена правна можност за избор на матичен лекар во јавен здравствен дом во случај кога нема доволен број избрани лекари во општината, како и исклучок дека јавна здравствена установа – болница, која врши специјалистичко-консултативна и болничка здравствена дејност од областа на гинекологијата и акушерството и педијатријата, може да организира здравствени услуги на примарно ниво во овие дејности за пациентите што не може да го остварат правото на здравствена заштита на примарно ниво поради недоволен број тимови на подрачјето на местото на живеење.
Врз основа на позитивните искуства од соработката со граѓанските организации за одредени здравствени сервиси, како што е справувањето со ХИВ во делот на намалувањето на штетите од дроги, со дополнувањата во законот се дава можност здруженијата на граѓани да може да спроведуваат одредени мерки и активности од здравствената дејност за ранливи и тешко достапни групи население, што се од посебно значење за јавното здравје.
Со новопредложените дополнувања се пропишува и можноста специјалистите и супспецијалистите да спроведуваат дежурства во други здравствени установи, кои се разликуваат од здравствената установа во која се вработени, со цел поблизок пристап до пациентите и нивните потреби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, викендот постудено со локални слаби врнежи од дожд и снег
Времето утре, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.
Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво.
Македонија
Утре без вода дел од општина Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведувзње на водоводен уличен дефект Ф200мм. на улица Димитар Чуповски 27 (позади гимназијата Јосип Брос Тито), со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Димитрие Чуповски и Мито Хаџивасилев Јасмин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на работните активности.(општина Центар)
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.

