Економија
(Видео) Отворен првиот Национален центар за поддршка на социјални претпријатија

На денешното отворање на првиот Национален центар за поддршка на социјалните претпријатија министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, рече дека Центарот ќе овозможи системска поддршка на новите и на постојните социјални претпријатија, бидејќи тие се клучни во решавање на предизвиците на локално ниво поврзани со сиромаштијата, невработеноста и други социо-економски прашања во врска со интеграцијата на ранливите групи граѓани.
Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Владата го обезбеди просторот, кој со средства на ЕУ се уреди во место кое ја поддржува социјалната инклузија, интеграција, развој на социјалната економија и социјалното претприемништво во земјата.
Шахпаска информираше дека отворањето на Националниот центар, како и промоцијата на концептот за социјално претприемништво е многу важен за развојот на социјалните претпријатија.
„Клучната улога на социјалните претпријатија е да обезбедат рехабилитација и реинтеграција на пазарот на трудот, сигурна и стабилна иднина за тешко вработливите лица, за лицата во социјален ризик, поранешни зависници, лица кои порано биле во судир со законот и лица со попреченост. Сите овие ранливи граѓани преку социјалните претпријатија, добиваат шанса да се вклучат во заедницата, да заработуваат за сопствена егзистенција и да придонесат за развој на локалната, меѓутоа и на националната економија“, рече министерката.
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, потенцираше дека Владата е посветена во создавањето солидарно општество за сите.
Информираше дека преку Фондот за иновации и технолошки развој, оваа година за првпат e овозможена и финансиска поддршка од 6 милиони денари за реализација на проекти за социјално претприемништво. На јавниот повик се пристигнати 69 апликации, а ФИТР може да поддржи дури до 90% од целокупниот буџет на проектот.
„Социјалното претприемништво не е ништо помалку, од иднината на претприемништвото како форма, во кое сè повеќе ќе сведочиме за бизниси кои освен тоа што генерираат профит, создаваат и позитивни промени во општеството. Воедно, ќе носат социјално-демократски вредности, во секојдневното работење. Оваа Влада го препозна потенцијалот и потребата на социјалното претприемништво, нашите политики се ориентирани кон интеграција на истото во економијата. Токму затоа, на 28 септември оваа година, беше усвоена и Националната стратегија за социјалните претпријатија, со која создадовме една официјална платформа, како алатка што ќе ни помогне во следење на развојот на социјалното претприемништво во земјата“, нагласи Битиќи.
Регионални саеми за социјални претпријатија деновиве се организираат и во други градови низ земјава. Националниот центар за социјални претпријатија својата поддршка и развој на социјалните претпријатија ќе ја обезбедува заедно со 8-те регионални точки за поддршка неодамна воспоставени во Скопје, Велес, Штип, Тетово, Струмица, Охрид, Битола и Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Николоски од Штип: Инвестираме дополнителни 70 милиони денари поддршка за инфраструктура

Силна подршка за општините и дополнителни инвестиции во локалната инфраструктура, најави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при работната посета на општина Штип.
Тој истакна дека покрај владината директна финансиска подршка за проекти, дополнително Министерството за транспорт инвестира во нови проекти за подобрување на квалитетот на живот за граѓаните во општините.
„Ќе продолжиме со сериозна подршка на градоначалниците и општините, надвор од оваа регуларна подршка, која веќе станува регуларна секоја година од буџетот, веќе втора година. За општина Штип инвестираме дополнително некаде околу 70 милиони денари за водоводни и канализациони системи. Да најавам дека оваа година ќе имаме уште една таква активност, како дополнителна подршка. Тоа е едната работа што сакам да ја најавам. Втората работа е тоа што заедно со градоначалникот работиме и во финална фаза сме во изработка на ДУП за бањата Кежовица која треба да отвори многу перспективи за развој на туризмот пред се за банскиот туризам и исто така една убава викенд населба која што ќе значи план за целиот источен дел на државата“, рече Николоски.
Додаде дека се инвестира и во проектот браната на река Отиња, која треба да е нова туристичка атракција.
„Обезбедивме дополнителни 145 милиони денари, се реализира во моментов и очекувам во текот на следната година да заврши, да почне да се полни со вода и летото 2027 година да направиме сефте на езерото и во делот на трузмот и во делот на наводнувањето. Ќе продолжиме со подршката, Штип е еден од најголемите приортети, секако и другите општини, како и општина Крабинци која гравитира кон Штип, ќе продлжиме заедно со градоначалниците да работиме”, истакна вицепремиерот Александар Николоски.
Економија
Мицкоски: Исплатени се околу 50 милиони денари на оризопроизводителите

Јас нема да ги коментирам нападите на опозицијата. Мислам дека или не се информирани, или ја грешат темата. Веќе е исплатена онаа интервентна исплата до оризопроизводителите од околу 50-тина милиони денари изјави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека се обезбедени и околу 135 милиони денари за обнова на системите за наводнување за овој регион.
„Оризот стана стратешка култура и ќе биде дел од стоковите резерви. Така што тоа што ние го направивме за неколку месеци, тие седум години не ни помислија да го прават за земјоделците, а најмалку за оризопроизводителите. Се сеќавате на министерот за земјоделие, кога им ветуваше, посебно на оризопроизводителите, за жал не само што не го испорача, туку дополнително ги уништи“, одговори на новинарско прашање Мицкоски, за забелешките од СДСМ, дека не се помага на оризопроизводителите.
Премиерот рече дека Владата се бори за земјоделците и во таа насока ќе продолжи да работи.
„Денеска каде и да одите, дали во Тиквешијата, дали ќе одите во Пелагонија кај тутунарите, дали во струмичко кај раноградинарските производи и зелката, ќе видите дека имаме историски цени и историска наплата. Зошто? Затоа што оваа Влада се бори за земјоделците, а не е ортак со откупувачите. И така и ќе продолжиме“, објасни Мицкоски.
Економија
Поевтинуваат дизелот и бензините

Цените на горивата од ноќеска на полноќ ќе поевтинат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1 денар, а на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за половина денар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,113 ден/кг и сега ќе изнесува 36,042 ден/кг.
Од 06.5.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 65,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,042 (денари/килограм)