Македонија
Автобусот бил технички исправен, годинава 113 пати ја поминал државната граница
Автобусот на „Беса транс“ минатата година во 22 случаја остварил влез – излез од државата, додека, пак, во 2021 година има 113 преминувања на државната граница, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција во Владата. Тој рече дека овој автобус првпат е регистриран во Скопје на 15 октомври 2020 година, во сопственост на „Беса транс“, последниот технички преглед е направен на 5.10.2021.
Спасовски истакна дека согласно резултатот за измерени вредности од техничкиот преглед направен од страна на стручните лица во овластеното правно лице за вршење технички преглед на возила, нема отстапки кои укажуваат на неисправност на возилото и нема забелешки.
„Важноста на регистрацијата е до 13.10.2022, а возилото е произведено во 2007 година. Во 2020 година против ‘Беса транс’ се поднесени кривични пријави за четири утврдени неправилности околу непочитување на ковид-протоколите за превоз на патници, а во 2021 повторно четири исти неправилности, заокружени со Барање за поведување прекршочна постапка до надлежните судови“, изјави Спасовски.
Тој информира дека е обезбеден биолошки материјал од роднини на 44 патници, а добиените ДНК-профили се предадени во нашето обвинителство на државниот обвинител Јовески. Овој материјал ќе биде предаден на надлежните служби во Бугарија, кои ќе прават поврзувања (мечување) по роднински врски со пронајдените останки, а биолошки материјал за 45-тиот патник е обезбеден во Софија.
Министерот се осврна и деталите во врска со несреќата.
„Она што го дозна тимот на местото на несреќата е дека предметниот автобус, кој се движел на релација од Турција кон Северна Македонија, на местото викано Кулата‘ на автопатот А3, удрил во банкината и еластичната ограда од десната страна која го раздвојува постојното одморалиште покрај автопатот, при што возачот изгубил контрола на возилото и притоа дошло до самозапалување на надворешниот дел од автобусот, а потоа и до удар во средишната разделна еластична одбојна ограда од автопатот при што настанало целосно опожарување на возилото“, истакна Спасовски.
Со автобусот се превезувале 52 патника, а од настанатата сообраќајна незгода и пожарот настрадале 45 лица, додека седум лица успеале да го напуштат автобусот и потоа биле пренесени во клиниката УМБАЛСМ „Пирогов“ во Софија.
ОЛИВЕР СПАСОВСКИ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

