Македонија
Заев – Гаши: Постигната начелна согласност за можна соработка, во тек се консултации за кадровски решенија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, и претседателот на политичката партија Алтернатива, Африм Гаши, имаа работна средба со своите тимови во Клубот на пратениците.
На средбата беше постигната начелна согласност за програмскиот дел од можната идна соработка изразена преку политичко и извршно учество на Алтернативата во Владата, информираа владините служби.
Соговорниците, додаваат од таму, биле согласни дека реформскиот и европскиот курс за кои се определени граѓаните и државата мора да продолжат и дека во овие моменти најважна е стабилноста на институциите на државата кои им служат на граѓаните. На тој начин ќе се обезбедат и најдобри решенија за најголемите актуелни предизвици, како што се пандемијата на Ковид-19 и глобалната енергетска криза.
Почнаа разговорите за преземање и споделување одговорности во интерес на граѓаните и државата, при што се разменија мислења за можните кадровски решенија што треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменик-министри и други раководни лица во рамките на централната власт, потенцираат од Владата.
Во деновите што следуват, како што најавија, ќе продолжат консултации во партиите по што ќе следува и нова работна средба помеѓу премиерот Заев и претседателот на Алтернативата, Гаши, со нивните тимови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ФЗО: Вo изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни операции

Во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни медицински интервенции, додека по сопствен наод Фондот има извршено девет контроли за приватно наплатени средства, велат од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) по тврдењата изнесени во јавноста дека во приватните болници се прават непотребни операции за профит.
„Фондот ја истакнува важноста на придржувањето кон професионалните стандарди, медицинската етика и принципите на медицина заснована на докази, кои претставуваат темел на здравствениот систем. Во рамки на своите законски надлежности, ФЗО врши редовни контроли на спроведувањето на договорните обврски со јавните и приватните здравствени установи, со цел да обезбеди здравствените услуги да се изведуваат во согласност со законските прописи и склучените договори. Во сите установи се вршат редовни годишни контроли, а Фондот постапува и по поднесени претставки на пациенти или по сопствен наод“, велат од Фондот.
Од таму наведуваат дека, сепак, ФЗО нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на изведените интервенции, ниту да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи.
Појаснуваат дека овие надлежности се во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат или на специјални комисии формирани од министерот за здравство.
„Фондот, во рамки на своите овластувања, ќе продолжи да работи на спречување на евентуални неправилности во користењето на финансиските средства. ФЗО апелира до сите чинители во здравствениот систем, како и до јавноста, за одмерена и аргументирана комуникација заснована на проверливи факти, со цел зачувување на довербата во здравствениот систем и избегнување на генерализации што можат да предизвикаат сензационализам“, велат од ФЗО.
Македонија
На Табановце откриени непријавени луксузни часовници вредни 38 илјади евра

Царинските службеници на граничниот премин со Србија, Табановце – Прешево, спречија обид на српски државјанин да криумчари во ранец два „Ролекс“ и еден „Омега“ часовник со вкупна вредност од 2,34 милиони денари или 38 илјади евра.
Против лицето е поднесена кривична пријава поради основано сомневање за сторено кривично дело – криумчарење.
Непријавените часовници, Rolex Submariner, Rolex Sky-Dweller и Omega Speedmaster, се пронајдени при детален преглед на возилото и патниците кои патувале со автомобил со српски регистарски таблички. Возачот, со намера да ја избегне царинската контрола, ги ставил часовниците во една мала кожна кутија, која ја сместил во неговиот црн ранец заедно со други предмети за лична употреба.
Запленетите производи се предадени на Основно јавно обвинителство Куманово.
Македонија
Герасимовски: Исчистивме и измивме околу контејнерите во Буњаковец и во Дебар Маало, продолжуваме во цел Центар

Општина Центар изутринава започна со интензивна акција за миење и чистење на просторот околу контејнерите во населбите Буњаковец и Дебар Маало, со цел подобрување на јавната хигиена и овозможување почиста и поздрава средина за центарци.
Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека чистите улици не се прашање само на изглед, туки и на здравје и квалитет на живот, а приоритет на општината е да биде место кадешто хигиената и редот се видливи на секој чекор.
„Секојдневно вложуваме напори да создадеме уредна и хигиенска средина во која граѓаните ќе се чувствуваат пријатно и безбедно. По завршување на чистењето на самите контејнери, општинските служби спроведуваат дополнителни активности за миење на површините околу нив, со што се спречува ширење на непријатни миризби и се намалува ризикот од појава на нечистотии и зараза. На овој начин обезбедуваме поголема хигиена на јавните простори и го унапредуваме квалитетот на живот на граѓаните. Нашата цел е Центар да биде пример за чиста и уредена општина, бидејќи секој граѓанин заслужува да живее во здраво и уредено опкружување. Преку овие активности го подигнуваме како нивото на јавната хигиена, така и свеста кај граѓаните“, вели Герасимовски.
Акцијата продолжува и во текот на утрешниот ден во други две населби во Центар.