Свет
Стапија на сила санкциите на САД, ЕУ, Британија и Канада кон Белорусија
САД, Европската Унија, Велика Британија и Канада воведоа нови санкции за белоруски физички и правни лица.
САД воведоа ограничувања за 20 физички лица и 12 ентитети, се наведува на веб-страницата на американското Министерство за финансии, пренесува „Ројтерс“.
Европската Унија воведе санкции за белоруската државна авиокомпанија „Белавија“, обвинувајќи ја компанијата дека ги користи трансферите на мигранти како тактика за дестабилизација на европските земји. Новите санкции на ЕУ беа одобрени минатиот месец и стапија на сила во четвртокот, по нивното објавување во Службениот весник на ЕУ. Властите на ЕУ ставија на црната листа 17 физички лица и 11 деловни субјекти, вклучувајќи судии и високи белоруски функционери, а санкциите вклучуваат замрзнување на средствата и забрана за патување.
Санкциите против „Белавија“ значат дека компаниите од ЕУ повеќе не можат да изнајмуваат авиони на белоруските авиокомпании, изјавија претставници на ЕУ. Сè уште не е познато дали „Белавија“ ќе мора да врати 17 авиони изнајмени од авиокомпании во Ирска.
„Белавија“, на која веќе и беше забрането да лета над ЕУ претходно оваа година, лета до дестинации како Египет, Јордан, Обединетите Арапски Емирати, Ерменија, Грузија, Азербејџан, Узбекистан и Казахстан.
Велика Британија воведе нови санкции за белоруски физички и правни лица и ги замрзна средствата на еден од најголемите светски производители на ѓубрива – OJSC Belaruskali.
„Овие санкции продолжуваат да таргетираат важни извори на приходи за режимот на Александар Лукашенко и ставаат строги ограничувања на одговорните за некои од најлошите антидемократски дејствија во Белорусија“, рече британската министерка за надворешни работи Лиз Трас.
Канада воведе нови санкции за белоруски функционери и субјекти во координација со меѓународните партнери во знак на протест поради, како што соопшти, нападите врз човековите права и акти на репресија. Канадското Министерство за надворешни работи соопшти дека работи заедно со САД, Европската Унија и Велика Британија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија со Северна Кореја по лансирањето на балистичка ракета; „Тоа е нивно право“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека Русија ги поздравува само оние мировни иницијативи на Корејскиот Полуостров што ги задоволуваат интересите на Северна Кореја.
„Во однос на сите мировни иницијативи на полуостровот, Русија ги поздравува само оние чекори кон нормализација на ситуацијата што целосно ги задоволуваат интересите на Демократска Народна Република Кореја“, рече Песков на прес-конференција, објави „РИА новости“.
Зборувајќи за лансирањето на балистичка ракета од страна на Северна Кореја, Песков истакна дека Русија го почитува легитимното право на Пјонгјанг да ја обезбеди сопствената безбедност.
„Го почитуваме легитимното право на нашите пријатели во ДНРК да ја осигурат својата безбедност и преземаме потребни мерки за тоа“, рече Песков.
Јужнокорејската војска претходно денес објави дека открила неидентификувана балистичка ракета лансирана кон Јапонското Море од областа Тегван во севернокорејската покраина Северен Пјонган околу 12.35 часот по локално време.
„Јонхап“ потсетува дека лансирањето се случи само еден ден откако Пјонгјанг ги осуди најновите санкции на САД против осум севернокорејски лица и два субјекта за перење пари поврзани со киберкриминал.
Во меѓувреме, јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека Северна Кореја утрово лансирала балистичка ракета што паднала во близина на ексклузивната економска зона на Јапонија. Како што е наведено, досега не е пријавена штета на авиони или бродови, пренесува „Кјодо“. Такаичи во Токио изјави дека им наредила на надлежните владини агенции бргу да ги достават потребните информации до јавноста и да обезбедат безбедност во целата земја.
Фото: принтскрин
Свет
Париз почнува лотарија за места за погребување меѓу познати уметници
Дали би сакале да бидете погребани меѓу имиња како Џим Морисон, Оскар Вајлд и Едит Пјаф? На парижаните им се нуди можност да освојат место за погреб во друштво на некои од легендарните уметници.
Градот Париз почна лотарија за реставрација на надгробни споменици во преполните гробишта „Пер Лашез“, „Монпарнас“ и „Монмартр“. Десет надгробни споменици на кои им е потребна поправка се нудат на овие гробишта за 4.000 евра за парче под услов купувачите да ги реставрираат и да купат место за погребување до нив.
Програмата претставува компромис помеѓу почитувањето на починатите и давањето можност на жителите да бидат погребани во градот, соопшти градскиот Совет на Париз.
Во моментот има многу малку места за погребување достапни на гробиштата во рамките на градот, а гробиштата се претежно полни од почетокот на 20 век, додаде Советот. Одржувањето на надгробните споменици и на спомениците на гробиштата во Париз е одговорност на семејствата, а не на Градот. Поради ова, некои гробови со текот на времето станаа напуштени и дотраени. Сепак, отстранувањето на напуштените споменици може да биде тешко бидејќи гробиштата се класифицирани како заштитени места на културното наследство.
Градот се надева дека оваа нова програма, која градскиот Совет едногласно ја одобри во април, ќе помогне во обновувањето на спомениците во познатите гробишта, кои исто така станаа популарни туристички дестинации, објавува Би-би-си.
Фото: принтскрин
Свет
Захарова: Младите Украинци бегаат, не сакаат да бидат топовско месо
Младите луѓе во Украина масовно ја напуштаат земјата по повторното отворање на границите кон крајот на август, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Таа додаде дека во Берлин се сè помалку задоволни од ова и размислуваат за намалување на плаќањата.
„Но им ветивте на Украинците светла иднина, а потоа плаќајте им ги парите“, нареди Захарова, пренесува „Спутник“.
Како што изјави таа, ова не е изненадувачки бидејќи, според официјалната статистика, во Германија има приближно 1,26 милион украински бегалци, а само минатата година им биле исплатени 6,3 милијарди евра социјална помош од џебовите на германските граѓани.
Според западните медиуми, приближно 150.000 млади луѓе ја напуштиле Украина.
„На потенцијалните регрути им е јасно дека немаат шанси да останат на украинскиот пазар на трудот и дека режимот им ја обезбедил само улогата на топовско месо во име на зачувување на сопствената диктатура“, изјави таа и додаде дека украинските власти повторно размислуваат за затворање на границата во блиска иднина.
Фото: принтскрин

