Македонија
(Видео) Ковачки: Дали власта на СДСМ и ДУИ со закани изнудила промена на изјава на цариник за шверц на еден тон дрога?
Помина еден месец, а власта на СДСМ и ДУИ од петни жили се обидува да го прикрие скандалот со 1 тон дрога кој бил откриен и фатен во акција која многу потсетува на акцијата во која беше откриена големата пратка марихуана во близина на Прилеп, изјави на прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој ги обвини институвиите дека од 5-ти ноември не дале никаква информација.
„ Молчи МВР, молчи обвинителство, молчи Царина, молчат сите за овој огромен скандал во кој 1 тон дрога пристигал на скопскиот аеродром во пратка од Дубаи пријавен како мобилна галантерија за една скопска компанија и истиот бил пуштен да помине. Логиката вели дека штом институциите молчат, тогаш се дебело вмешани во ова. Власта во најмала рака е протеже на нарко-мафијата.
Повторно ги прашуваме надлежните институции, како е возможно во Македонија преку скопскиот аеродром да влезе 1 тон дрога?
Зошто не демантираат дека пратката освен што била пропуштена да помине, била и придружувана со царински службеници со ротација се’ до моментот кога, дрогата била запрена?
Денес ќе поставиме нови прашања кои ако повторно бидат одмолчени, ќе значат потврда.
1. Дали е точно дека после откривањето на пратката на 5-ти ноември во Царинската управа бил вклучен црвен аларм, но не да се разоткрие пропустот, туку како да се забошоти овој скандал?
2. Дали е точно дека следниот ден високи партиски функционери на власт во царината одржале состанок, после кој на 8-ми ноември дошло до промена на изјавата на царинскиот службеник вмешан во скандалот?
3. Дали е точно дека царинскиот службеник кој бил вмешан во овој скандал првично дал изјава дека добил усна наредба од претпоставен да ја пропушти пратката без да ја прегледа, за после неколку дена да даде видоизменета изјава во која ја побива претходната изјава?
4. Дали е точно дека власта на СДСМ и ДУИ преку своите функционери во Царината извршила притисок врз царинскиот службеник да ја промени својата изјава?
Очигледно е дека власта на СДСМ и ДУИ по истиот рецепт со закани сака вината да ја префрли кај службеници, исто како во скандалот “Мафија“ кога неколку чиновници одговараа за 215 пасоши системски доделувани на наркобосови, мафијаши, терористи и платени убијци“ рече Ковачки.
Според него таква операција за внес и транспорт на 1 тон дрога, преку скопскиот аеродром не е возможно без знаење на раководните структури на МВР и Царината. Ковачки нагласи дека обидот да се забошоти и да се заборави овој криминал е само потврда дека се работи за мафијашка спрега помеѓу подземјето, власта и обвинителството.
„ Им порачуваме дека многу скоро за ова ќе има одговорност и за тие кои шверцувале дрога и за тие кои тоа го дозволиле и за тие кои прикривале ваков криминал“ порача Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

