Македонија
Ѓорѓиевски :“Моја земја, мој дом” ќе им овозможи на граѓаните целосна сопственост на имотот
Кампања насловена “Моја земја, мој дом” започна денес во Општина Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски одржа прес конференција на која ги изнесе деталите за оваа акција која има за цел да ги стимулира граѓаните кои ги легализирале своите објекти да го откупат и земјиштето, како и дворното место.
„ Денес започнуваме со една поголема кампања која на дел од жителите на општина Кисела Вода ќе им овозможи целосна сопственост на имотот. Имено, ако тие претходно имаа нелегални градби и го искористија правото на легализација, сега објектот е и правно нивен и со него можат да располагаат како што сакаат. Овие граѓани ги информираме и мотивираме да го откупат земјиштето под легализираниот објект по цена од едно евро за квадратен метар. Притоа, не е важно дали објектот се наоѓа во дел на општината каде има или нема донесен Детален Урбанистички План. Важно е само земјиштето под него да е во државна сопственост. Дополнително, ако се работи за семејно домување, сопствениците на, сега веќе, легалниот објект, можат да го откупат и дворот. За откуп на дворот, потребно е за него да има урбанистичко-планска документација. А цената е повторно-едно евро за еден квадрат, доколку се работи за површина до 500 квадратни метри-нагласи градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој упати повик до сите граѓани кои го завршиле процесот на легализација да ја започнат процедурата за докомплетирање на имотот, наведувајќи дека за тоа ќе имаат целосна логистичка поддршка од службите на Општина Кисела Вода.
„ Оформени се тимови кои ќе работат на оваа проблематика, а секако, првиот чекор е да се посети општинската веб страница. Таму е наведена целосната потребна документација, критериумите и контакт на кој може да се добијат дополнителни информации. Исто така, потребните информации за отпочнување на процесот можат да се добијат и на шалтер, во архивата на Општина Кисела Вода, која од неодамна работи и во втора смена, до 20 часот. “Моја земја, мој дом” е акција која ја почнуваме денес, а ќе трае се додека не му излеземе во пресрет и на последниот граѓанин кој има желба да си го откупи земјиштето и да биде свој на своето- подвлече градоначалникот Ѓорѓиевски, додавајќи дека забрзано се работи и на финализирање на процесот на легализација на дивоградбите и дека само во првиот месец од неговото доаѓање на функцијата градоначалник се изготвени околу 300 решенија за легализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

