Свет
СЗО: Со ова темпо целта од 70 отсто вакцинирани Африка ќе ја достигне во 2024 година

Африка ќе успее да вакцинира 70 проценти од своето население дури до август 2024 година, предупреди Светската здравствена организација, која порача дека е потребно да се забрза кампањата за вакцинација.
До 13 декември, само дваесет африкански земји вакцинирале најмалку 10 проценти од населението, а само шест достигнаа 40 проценти и две (Маврициус и Сејшели) 70 проценти.
„Можеме да спасиме уште многу животи ако го забрзаме темпото на вакцинација на почетокот на 2022 година“, рече регионалната директорка Матшидисо Моети.
СЗО – Африка исто така додава дека минатата недела бројот на новозаразени од коронавирус скокнал за 83 отсто, што може да се припише на новата варијанта омикрон, која првпат беше откриена на 24 ноември во Јужноафриканската Република.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Америка се повлекува од мировните преговори меѓу Русија и Украина

САД повеќе нема да посредуваат во мировните преговори меѓу Украина и Русија откако Владимир Путин одби да се согласи на прекин на огнот, објави американскиот Стејт департмент.
Стејт департментот соопшти дека ја менува „методологијата на својот придонес“ во преговорите и дека повеќе нема да „лета низ светот на секој повик поради одржување на мировни состаноци“, објави „Телеграф“.
„Секако, ние остануваме посветени на помагањето и ќе направиме сè што можеме. Но, она што се промени е тоа што повеќе нема да летаме на половина пат околу светот кога некој ќе нè повика да посредуваме на состаноци. Сега тоа е прашање меѓу двете страни. И сега е време тие да презентираат и развијат конкретни идеи за тоа како ќе заврши овој конфликт. Топката е на нивен терен“, изјави портпаролката на Стејт департментот за новинарите, според медиумот.
Регион
Караџов за Коридорот 8: Николоски раскажува македонски приказни пред спиење, каде е да го потпише договорот

Имам чувство дека Николоски раскажува македонски приказни пред спиење, коментира вицепремиерот и министер за транспорт, Гроздан Караџов, во врска со зборовите на својот колега од РСМ дека Бугарија не прави ништо во врска со Коридорот 8, пренесуваат бугарските медиуми.
„Го испративме договорот, а каде е Николоски да го потпише“, праша Караџов во интервју за бугарскиот јавен медиум и продолжи: „Додека Николоски ги кажуваше овие зборови, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а од таму стигна до последната станица Ѓуешево за да го чека македонскиот“.
Тој потсети дека Бугарија проектира 90 % сосема нова линија помеѓу Радомир и Ѓуешево за да ги прошири кривините овозможувајќи брзина на возовите од 160 километри на час.
„Во 2032 година, кога ќе достигнеме брзина на возот од 160 километри на час, ќе ги прашам од другата страна дали ќе има тунел или не“, вели Караџов.
Свет
Германската разузнавачка служба ја класифицира АфД како екстремистичка партија што ѝ се заканува на демократијата

Германската разузнавачка служба денес ја класифицира партијата Алтернатива за Германија (АФД), која го освои второто место на последните парламентарни избори, како докажано екстремно десничарско движење, што треба да ѝ овозможи да биде ставена под строг надзор.
Идеологијата на АФД, која „ги девалвира цели групи од населението во Германија и го поткопува нивното човечко достоинство не е компатибилна со основниот демократски поредок“, се вели во соопштението на Канцеларијата за заштита на Уставот.
На парламентарните избори на 23 февруари партијата постигна историски пробив и го удвои претходниот резултат со повеќе од 20 проценти од гласовите.
Оттогаш оваа млада партија, основана во 2013 година, дури и ја престигна конзервативната партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на Фридрих Мерц, кој треба да положи заклетва како нов канцелар во вторник, во некои анкети на јавното мислење.
Канцеларијата за заштита на Уставот сè уште не даде детали за конкретните последици од оваа класификација на АФД, која би можела да има големи последици врз политичкиот живот во Германија.
Оваа класификација им дава на властите значителни средства за следење и контрола на активностите, вклучително и приватните комуникации.
Дебатата за можната забрана на АФД, што некои политички лидери ја иницираа во последните месеци, би можела повторно да се разгори.
Германската разузнавачка служба веќе ги класифицира младинската организација на АфД и неколку нејзини регионални разграноци во поранешните источногермански покраини како екстремистички.
Во соопштението оваа служба ги споменува општиот непријателски став на партијата кон мигрантите и муслиманите и континуираните изјави затоа што поттикнуваат ширење и продлабочување на предрасудите, огорченоста и стравот.