Економија
Бектеши: Година на надминување пречки и важни чекори кон поефикасна трговија во регионот
На завршниот настан на годинашната „ЦЕФТА недела“ фокусот беше ставен на промовирање на напорите за подобрување на движењето на стоки и услуги на ЦЕФТА пазарите. Министерот за економија, Крешник Бектеши, ја истакна важноста на ЦЕФТА за развој на регионалниот пазар и економско закрепнување од последиците од ковид-19 пандемијата.
„ Оваа година успеавме да започнеме и завршиме важна работа во рамките на македонското претседателство со ЦЕФТА организацијата и спроведувањето на Акцискиот план за заедничкиот регионален пазар. Наше е да продолжиме да ги исполнуваме нашите обврски и понатаму да го развиваме договорот преку создавање поволни услови за трговија за бизнис-секторот и стимулирање на конкуренцијата. Во рамките на нашето претседавање со бројни тела на ЦЕФТА и преку преговори за воспоставување механизам за решавање спорови, го подобривме слободното движење на стоки преку елиминирање на бариерите, постигнавме напредок во слободниот проток на услуги и го подобривме институционалниот капацитет во структурите на ЦЕФТА“. рече министерот Бектеши.
Директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА, Емир Џикиќ, ја истакна важната улога на ЦЕФТА во промовирањето на подобри трговски услови во последните 15 години: „Студиите покажаа дека договорот ЦЕФТА придонесе за растот на извозот на членките меѓу 40 и 80 проценти. Она што сега е најважно е иднината и потенцијалите што таа ги носи, а тоа е зголемување на БДП за околу 6,7. проценти ако ја доведеме ЦЕФТА на ниво на интеграција што постои во Европската Унија. Оваа година ги направивме првите чекори во таа насока“.
Македонија го предава претседавањето со ЦЕФТА на Молдавија, која ќе ја има оваа улога во 2022 година, со ветување дека ќе продолжи да работи на промовирање амбициозни планови поврзани со трговијата.
Неделата на ЦЕФТА беше организирана во соработка со партнери од Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската Унија, ГИЗ, УСАИД Северна Македонија и Форумот на Стопанската комора на Западен Балкан, со поддршка на Европската комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која беше потврден силниот заеднички фокус кон унапредување на енергетската инфраструктура и забрзување на реформските процеси во земјата.
На средбите се разговараше за неколку стратешки проекти што ќе започнат во следната година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем со капацитет од 300 MWh.
„ЕБОР останува еден од нашите најважни партнери во енергетскиот сектор. На средбата се усогласивме околу финализацијата на неколку стратешки проекти важни за 2026 година, меѓу кои и проектот за батериски енергетски систем на ЕСМ со вкупен капацитет од 300 MWh. Овој проект е клучен за стабилноста и флексибилноста на електроенергетскиот систем,“ истакна Божиновска.
На средбата се разговараше и за следните чекори во подготовката за воведување на ESCO-моделот во земјата. Двете страни ги разгледаа можните области за пилот-проекти и моделот на институционална соработка што ќе обезбеди несметана имплементација.
„ESCO-моделот е нова можност за граѓаните, институциите и целиот систем – модел кој дава реални резултати. Нашата цел е да создадеме јасна рамка, предвидливи процедури и подготвеност за негово постепено воведување,“ додаде министерката.
Министерството за енергетика и ЕБОР договорија во наредниот период да продолжат со заедничка техничка подготовка, со јасен фокус кон обезбедување услови за брза и успешна реализација на проектите што директно ќе ја зајакнат енергетската сигурност на земјата.
Економија
Со цена повисока од претходната до „ЕВН Хоме“ стасала само понудата на ЕСМ за набавка на струја
ЕВН Хоме соопшти дека на тендерот за набавка на струја за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-декември 2026 добиле само една понуда и тоа од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 65 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас.
Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција“.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,26% во однос на одлуката од 24.11.2025 година.
Од 28.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 67,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,865 (денари/килограм)
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,370%, кај дизелот за 6,738%, кај екстра лесното масло за 6,741% и кај мазутот намалувањето за 3,944%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4085%

