Регион
Вучиќ за палењето на српското знаме во Тирана: Албанската држава реагира сериозно и одговорно

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во врска со обидот за палење на српското знаме во Тирана изјави дека секогаш е недозволиво да се сквернават туѓи симболи, но дека албанската држава реагирала навремено, сериозно и одговорно, пренесуваат медиумите во регионот.
„Во некои земји секогаш е слично, но секако недозволиво е да се сквернават туѓи симболи и мислам дека албанската држава реагира навремено, сериозно и одговорно, како и самиот премиер Рама“, рече Вучиќ.
Тој зборуваше пред продолжувањето на самитот во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, што ја почнаа лидерите на Србија, Албанија и Северна Македонија.
Албанскиот премиер, Еди Рама, реагира на обидот за палење на српското знаме на вчерашниот протест во Тирана нагласувајќи дека за време на неговата посета на Белград на плоштадите имало албански знамиња и дека полицијата ги уапсила тие што ги запалиле.
Албанските медиуми објавија дека група демонстранти го запалиле српското знаме. Тие известија дека имало уште неколку обиди за отстранување на српските знамиња закачени во Тирана во знак на добредојде.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Шест месеци по падот на настрешницата, собир на граѓаните во Нови Сад

Денеска во Нови Сад се навршуваат шест месеци од падот на настрешницата на влезот на железничката станица, кога 16 лица загинаа, а едно е тешко повредено и се уште е во болница.
Студентите во блокадата на Универзитетот во Нови Сад ги повикаа граѓаните да се соберат пред станицата за во 11:52 часот да им се оддаде почит на жртвите.
„Не ги забораваме жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад. Тој настан, кој е резултат на невнимание, неодговорност и институционална негрижа, однесе животи и ги остави семејствата и заедницата во болка и со прашања на кои се уште не се одговорени“, велат новосадските студенти.
Откако ќе оддадат почит, насобраните во колона ќе тргнат по булеварот Ослободување до Мостот на слободата, кој ќе биде блокиран неколку часа.
Регион
Уапсен шпион во Грција, осомничен за поврзаност со Русите

Етнички Грк од Грузија е уапсен во Александрополи, североисточна Грција, под обвинение за шпионажа, откако властите пронашле фотографии и видеа од воени објекти и опрема на неговиот мобилен телефон, пишува грчки Екатимерини.
Според грчката полиција, осомничениот испратил чувствителни материјали на неидентификуван примач во странство користејќи шифрирана апликација за комуникација. Според грчките медиуми, постои сомневање дека мажот фотографирал, снимал и дистрибуирал материјали од воено значење најмалку шест месеци.
Апсењето е извршено за време на заедничка операција на Националната разузнавачка служба (ЕЈП) и Одделот за криминалистичка истрага и гонење во Александрополи.
При прелиминарниот распит, осомничениот, наводно, признал дека фотографирал и снимал воени локации за друго лице. Според државната телевизија ЕРТ, властите веруваат дека мисијата можеби вклучувала планови за можна саботажа на воени објекти.
Лицето кое го регрутирало осомничениот е наводно член на меѓународна криминална мрежа и поврзан со руската воена разузнавачка служба ГРУ. Човекот признал дека првично му била понудена парична отштета, но на крајот постапил доброволно „за мајка Русија“. Тој, наводно, им рекол на истражителите дека во младоста служел во руската армија во Сибир.
Националната разузнавачка служба ја продолжува истрагата за да го утврди целосниот обем на операцијата, заклучува Екатимерини.
Регион
Во Белград најдено телото на девојчето кое неговата мајка го фрли во река во Загреб

Белградскиот Интерпол ја известил хрватската полиција дека во март во реката Сава во Белград пронашла тело на дете.
Загрепската полиција штотуку соопшти дека преку меѓународна полициска соработка е извршена ДНК анализа и е утврдено дека е жртвата на убиството, извршено на 15 јануари годинава во Загреб, кај мостот Јанкомир.
Станува збор за случај од почетокот на годинава кога ХГСС и други служби трагаа по тригодишно девојче кое мајка и го внела во реката кај мостот Јанкомир.
Мајката тие денови била сослушана во Жупаниското државно обвинителство во Загреб, а поради извршување на кривичното дело тешко убиство и е изречена едномесечен притвор.