Свет
Путин: Имаме целосно право на воен одговор
Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Америка е виновна за тензиите во Европа.
Москва е крајно загрижена поради фактот што елементите на американската противракетна одбрана се распоредени во близина на руските граници и има целосно право на воено-технички одговор, додаде тој.
„Она што се случува сега, тензијата што постои во Европа е нивна вина“, рекол Путин на состанокот на одборот на Министерството за одбрана во проширен состав, пренесува „Спутник“.
Тој додаде дека Русија била принудена да реагира на секој чекор, ситуацијата постојано се влошувала и деградирала, а денес повторно е во ситуација кога е принудена да носи одредени одлуки.
Тој исто така рече дека Русија ќе преземе соодветни воено-технички чекори во случај на непријателски потези од страна на САД.
„Имаме целосно право на тоа“, рече Путин, додавајќи дека Русија не бара никакви ексклузивни услови, туку само еднаква и неделива безбедност во Европа.
„Доколку инфраструктурата на НАТО продолжи да се движи и ако се појави на територијата на Украина, времето потребно за ракетите да стигнат до целта ќе се намали на 7 до 10 минути, а хиперсоничното оружје на пет минути“, предупреди рускиот претседател.
Зборувајќи за барањето на Русија за безбедносни гаранции од НАТО и од САД, Путин рече дека е неопходно да има некои правни, а не само усни гаранции.
„Добро ја знаеме цената на таквите усни уверувања, зборови и ветувања. Потребни ни се долгорочни правно обврзувачки гаранции, но знаеме дека во тоа не може да се верува бидејќи САД лесно се повлекуваат од меѓународните договори кои за нив стануваат неинтересни поради една или друга причина“, рече рускиот претседател.
Лошите намери ги толкуваат руските предлози за безбедносните гаранции како ултиматум, но тоа не е така, рече Путин.
Рускиот претседател предупреди и на можноста западните партнери да ги закопаат сите тие напори и предлози, а паузата да ја искористат за да го направат што сакаат.
„Сите треба да разберат, јасно ни е, таков развој на настаните нема да не задоволи“, посочи Путин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Советник во францускиот Сенат тајно фотографирал жени под здолништата
Поранешен советник во францускиот Сенат беше осуден на една година условна казна поради тајно фотографирање жени под здолништата, вклучително и во горниот дом на францускиот парламент.
На педесетгодишниот Себастијен Г. му се судеше откако двајца негови колеги во 2023 година, во заеднички простор на десничарската партија „Ле Републикан“, откриле хард-диск со повеќе од 1.800 фотографии, претежно од сексуална природа, како што навел судијата за време на судењето минатиот месец, пренесува „Ле Монд“.
На дискот имало фотографии од задници и деколтеа на облечени жени, направени на јавни места како улица или во Сенатот, како и фотографии од неговата поранешна девојка, која ја снимал гола во својот дом.
Следната година бил пријавен до управата на Сенатот, по што добил отказ по повеќе од две децении служба.
„Никогаш не сакав никого да повредам“, изјавил на судот во јануари, тврдејќи дека фотографиите никогаш не ги споделил. Навел дека чувствувал „потреба да ја собира убавината на жените“.
Судот му забрани пристап до Сенатот и му наложи психолошко и психијатриско лекување.
Минатиот месец судот го прогласи за виновен и поранешен сенатор кој дрогирал пратеничка со екстази со намера да ја сексуално нападне, и го осуди на 18 месеци затвор.
Свет
Истрага за ранчот на Епстин во Ново Мексико по тврдењата за закопани девојки
Властите на сојузната држава Ново Мексико покренаа истрага за ранчот „Зоро“, кој му припаѓал на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, по обвинувањата дека на тој имот надвор од Санта Фе сексуално злоупотребувал девојки и жени, објави Аксиос.
Според пратеничката Андреа Ромеро, истрагата има за цел откривање на вистината и овозможување преживеаните да добијат правда.
Министерството за правда на Ново Мексико минатата недела му пишало на Министерството за правда на САД барајќи нецензуриран пристап до анонимен мејл од 2019 година во кој се наведува дека две „странски девојки“ биле закопани на ранчот „Зоро“.
Ранчот, кој Епстин го поседувал од 1993 година до неговата смрт во 2019 година, се простира на повеќе од 7.600 хектари и се појавува во повеќе јавно објавени досиеја поврзани со него.
Преживеаните тврделе дека биле злоупотребувани на тој имот, вклучително и сведочењето на Ени Фармер, која за време на судењето на Гислејн Максвел во 2021 година го обвинила Епстин дека ја злоупотребувал на тој ранч.
Двопартискиот одбор на Претставничкиот дом на Ново Мексико ќе собира сведоштва од преживеани и планира јавно именување на осомничените сторители.
Пратениците истакнуваат дека ранчот долго време бил надвор од дометот на правдата и дека истрагата има за цел обновување на довербата на јавноста и заштита на безбедноста на граѓаните.
Сегашните сопственици на ранчот, семејството на поранешниот сенатор од Тексас, Дон Хафинс, вети целосна соработка.
Првиот состанок на одборот е закажан за вторник, а привремениот извештај до Претставничкиот дом мора да биде поднесен до 31 јули, додека конечниот извештај се очекува до 31 декември, вклучувајќи и препораки за понатамошни постапки.
Свет
Во Женева заврши првиот дел од преговорите помеѓу САД, Украина и Русија
Трилатералните мировни преговори меѓу САД, Русија и Украина во Женева завршија по речиси пет часа, објавија руските медиуми.
Руската делегација ја предводеше Владимир Медински, а Украина ја претставуваа претседателот на Советот за безбедност Рустем Умеров и началникот на кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, Кирил Буданов.
Во дискусиите учествуваа и американскиот специјален претставник Стив Виткоф и зетот на претседателот Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Иако деталите од разговорите сè уште не се откриени, ТАСС објави дека се разговарало за потенцијални компромиси. Во исто време, се очекува контактите да продолжат утре.

