Македонија
Арсовски: Реални се стравот и паниката на СДСМ од моето име

Стравот и паниката на СДСМ од моето име дека ќе влезам во УО на ЈП „Водовод“, особено од оние што се најгласни за ова прашање, што јаделе и пиеле преку сметките на Град Скопје, за што дополнително ќе разговараме во иднина, е издржан и реален, напиша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на „Фејсбук“.
„Да, предложен сум за член на УО на ЈП ‘Водовод’ и сметам и сум сигурен дека имам доволно знаење, дигнитет, кредибилитет, чесност во мене и волја да учествувам во домаќинско менаџирање на оваа институција, но и да се заложам да се работи транспарентно и јавноста да знае што се работи, но и што се работело претходно, обелоденувајќи го целиот криминал.
Но, гледајќи ги целата оваа паника и стравот, но и оцрнувањето на моето име на социјалните мрежи, од партиските апаратчиња и оние поддржувачите, а и од некои креатори на криминал и корупција во институциите, сакам јавно да известам дека барам да бидам отстранет од предлог-листата за член на УО од едноставна причина што нема да дозволам стравот и паниката на СДСМ да се насочи кон навреди и оцрнување на моето име и на моето семејството, но и на ВМРО-ДПМНЕ, чии кадри работат чесно и искрено откога се на функциите.
Едно ќе порачам, останувам уште повеќе фокусиран на разоткривање на криминалот и корупцијата на актуелната власт и нивните претходни кадри иако нема да бидам дел од институционалното управување.
Како што до сега јавноста дознаваше за криминалите и за корупцијата на власта, за АД „Славија“, за Коста Петров од ФИТР, кој си поднесе оставка, за Петре Шилегов, за поранешните градоначалници, за директорите на јавните претпријатија на Град Скопје и за преостанатите, во иднина очекувајте многу повеќе и поинтензивно“, порача Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Бесплатни анализи на почвата во Општина Илинден

Во насока на унапредување на земјоделското производство, Општина Илинден и годинава ја реализираше акцијата за испитување на квалитетот на обработлива почва на територијата на општината. Земени се примероци од вкупно 20 локации, опфаќајќи ги сите населени места во општина Илинден.
„Агрохемиските анализи се извршени во акредитирана лабораторија при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. Целта на ова испитување е земјоделците навремено да добијат стручни информации за состојбата на почвата која ја обработуваат, што ќе им овозможи прецизно и рационално ѓубрење на културите, зголемување на приносот, подобрување на квалитетот на земјоделските производи, како и намалување на загадувањето на почвата. Резултатите од анализите се јавно достапни и можат да се прегледаат на официјалната веб-страница на Општина Илинден (ilinden.gov.mk).“соопштија од Општината.
Од таму велат дека овој проект е дел од Стратешкиот план за развој на Општина Илинден 2022–2026 и најавија дека ќе продолжи континуирано да се спроведува, со цел да се опфатат што е можно повеќе земјоделски површини и да се обезбедат подетални податоци за квалитетот на земјиштето на целата територија на општината.
Македонија
СДСМ: Не сметаме дека еврокомесарката Кос имаше лоша намера со изјавите за идентитетот

Не сметаме дека еврокомесарката имаше лоша намера, но апелираме да кога се говори за чувствителни прашања и теми кои за за жал непотребно се отвораат иако се јасно затворени, треба да се биде внимателен во изјавите, велат од СДСМ, во врска со изјавата на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, што ја даде во Скопје.
Кој рече дека идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување, идентитетот го носиме во нас, во нашите души, во нашите срца, идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина.
„Идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина. Идентитет е како се грижиме за нашата традиција, на пример манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче-гравче, пинџурот или полнетите пиперки“, рече вчера Кос на прес-конференција во Владата.
Бурна реакција во јавноста предизвика изјавата на Кос која во контекст на идентитетот ги посочи традицијата, манастирите, погачата, тавчето гравче, пинџурот, полнетите пиперки, традиционалните носии.
„Очекувавме еврокомесарката Кос да го истакне она што ЕУ самата го има потврдено во сите документи и сите договори, а тоа е дека македонскиот јазик и идентите се целосно признати од Унијата. Ова е неспорен факт, ние како граѓани на Македонија знаеме кои сме, што сме и од каде потекнуваме. Како јазикот, така и идентитетот се јасно потврдени во сите веќе потпишани договори со ЕУ. Не сметаме дека еврокомесарката имаша лоша намера, но апелираме да кога се говори за чуствителни прашања и теми кои за за жал непотребно се отвораат иако се јасно затворени, треба да се биде внимателен во изјавите“, велат од СДСМ.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Индустриското производство во мај зголемено за 9,4 проценти во споредба со минатата година

Премиерот Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на растот на индустриското производство во Македонија, изјави:
„Да, исклучително сме задоволни, бидејќи индикаторите, посебно во вториот квартал, почнуваат конечно да покажуваат раст. Значи оној период на стабилизација на македонската економија, сега е проследен со раст. Токму една од причините за таквиот раст е и работата на компании слични на Реплек, каде што сме денеска. Да го поздравиме сето ова што го прави менаџментот тука и да ги охрабриме да продолжат во таа насока.
Раст од 9,4% речиси двоцифрен раст на индустриското производство во мај, споредено со мај минатата година и раст на 9% на преработувачката индустрија во мај, е нешто коешто навистина за нас е многу значајно“, вели Мицкоски.
Додаде дека ако се земе периодот од почетокот на годината заклучно со мај месец, односно првите 5 месеци споредено со истиот период лани, растот е над 3 проценти, однсоно е 3,3%, а кај преработувачката индустрија 4,5%.
„Можам слободно да заклучам дека периодот на консолидирање и стабилизација е завршен, сега почнуваме преку овие индикатори да генерираме раст. Туризмот расте со повеќе од 20% и расте индустриското производство, растат инвестициите и така натаму. Ценам дека вториот квартал, би требало да имаме исклучително висок раст на македонската економија.“