Црна хроника
Истрага против дилер на кокаин од Скопје

22-годишно лице од Скопје е под истрага поради сомнение дека сторил кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Според надлежните, осомничениот 22-годишник неовластено, заради продажба, кај себе држел 98,98 грама наркотична дрога кокаин, спакувана во една полиетиленска кеса.
Дрогата била откриена на 21 декември кога полициски службеници се обиделе да го запрат возилото со кое управувал осомничениот пред Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Тој не застанал и со автомобилот продолжил да се движи.
По претходна објава по радиоврска, автомобилот го забележал и го сопрел друг полициски службеник на булеварот ВМРО. Притоа осомничениот се обидел да го фрли пакувањето со дрога во средишната жардиниера на булеварот и да побегне, но бил спречен во намерата и приведен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Возеле пијани и предизвикале сообраќајки – двајца возачи од Берово и Кочани се приведени

Двајца возачи се приведени поради управување возило под дејство на алкохол и предизвикување сообраќајни незгоди.
Вчера во Кочани, приведен е А.М. (58) од овој град. Околу 18 часот, тој со „мерцедес“ удрил во паркирано возило „форд“. При увидот било утврдено дека управувал со 1,93 промили алкохол во крвта.
Утрово во 03:20 часот, во атарот на село Чифлик, Берово, полициски службеници ја лишиле од слобода В.К. (23) од Берово. Таа околу 02:50 часот изгубила контрола над „матиз“ и излетала од патот. При увидот било утврдено дека управувала автомобил со 1,59 промили алкохол во крвта.
По целосно документирање на случаите, против двајцата ќе биде поднесена пријава за безобѕирно управување со моторно возило.
Црна хроника
Апсења во Чаир по насилен инцидент и закана со пиштол

Полицијата во Чаир синоќа привела четири лица од Скопје, меѓу кои и малолетник.
Сè започнало околу 22:50, кога 24-годишните Бе.Р. и Б.Р. – физички го нападнале Б.С. од Скопје. Едниот од нив извадил и пиштол со намера да пука, но потоа сите си заминале од местото на настанот, соопшти МВР.
Кога полицијата ги пронашла, тие заедно со нивниот татко К.Р. и 14-годишниот брат физички ги нападнале полицајците. По ова, биле приведени.
Откако ќе заврши истрагата и ќе се соберат сите докази, ќе им бидат поднесени пријави.
Црна хроника
Повредени повеќе странски државјани во две сообраќајки на македонските автопати

Две сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди се случија на македонските автопати во текот на 5 август, во кои се повредени патници од Србија, Велика Британија и Босна и Херцеговина.
Првата несреќа се случила околу 11:15 часот на автопатот Куманово – Граничен премин Табановце, кога патничко возило „Фолксваген“ со српски регистарски таблички удрило во метален столб од бензинска пумпа. Возилото го управувал 29-годишен државјанин на Србија, а повредени се неговите сопатници – двајца британски државјани, на возраст од 29 и 56 години, како и 53-годишен Србин. Повредените се пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што им се констатирани тешки телесни повреди.
Неколку часа подоцна, околу 16:45 часот, друга несреќа се случила на делницата од автопатот А1, во правец од Велес кон Градско. Возач на „БМВ“ со регистарски таблички од Босна и Херцеговина изгубил контрола и излетал од патот. Неговата 26-годишна сопатничка се здобила со тешки телесни повреди, додека возачот (32) е полесно повреден. Двајцата се згрижени во Општата болница во Велес.
Полицијата изврши увид на местата на несреќите, а причините се предмет на натамошна истрага.