Европа
Римската железничка евакуирана поради оружје играчка, во Париз во сличен инцидент уапсен тинејџер
Главната римска железничка станица „Термини“ беше накусо евакуирана во понеделникот ноќта поради лажна тревога која ја предизвикал маж со играчка оружје, пренесуваат италијанските медиуми, додека француските јавуваат за инцидент кој во трговски центар во предградие на Париз го предизвикал 15-годишник кој се заканувал со лажно оружје.
Според соопштението на италијанската железница „Rete Ferroviaria Italiana“, главната железничка станица во Рим била евакуирана по 20 часот и сообраќајот бил во прекин околу половина час, откако полицијата била известена за присуство на вооружен маж во зградата на станицата.
Мажот, кој според снимките на надзорните камери се движел спокојно, влегол во локален воз и бил подоцна уапсен во Анањи, гратче на југоистокот од италијанската престолнина, пренесува агенцијата Ansa.
Римската полиција сé уште не излезе со соопштение. Во Рим се на сила засилени безбедносни мерки поради дводневната посета на иранскиот претседател Хасан Роухани.
Инаку и во Рим, како и во повеќето европски градови, на сила се зајакнатите безбедносни мерки по терористичките напади од 13-ти ноември во Париз кога беа убиени 130 луѓе.
Токму во француската престолнина во понеделникот вечерта се одиграл сличен инцидент како и оној во Рим, кога полицијата уапсила 15-годишник кој на посетителите на трговски центар во предградие на Париз им се заканувал со лажно оружје.
Според телевизијата BFMTV, инцидентот се случил кусо по 18 часот во предградието Булоњ-Бијанкур југозападно од Париз, кога тинејџерот влегол во локалниот трговски центар и почнал да им се заканува на посетителите. Според полицискиот комесар Ален Верон, момчето имало веродостојни копии од американски автомат и автоматски пиштол.
Во извештајот се наведува дека заканите од 15-годишникот предизвикале паника меѓу посетителите, но еден од нив успеал да го совлада момчето и да го легне на подот и да повика полиција.
Според полицискиот извештај, момчето потекнувало од добро семејство, а според нивното мислење со своето однесување сакало да привлече внимание.
На територијата на цела Франција на сила по ноемвриските џихадистички напади е вонредна состојба, којашто ќе трае најмалку до 26-ти февруари./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Снег, дождови и силни ветрови предизвикуваат проблеми низ Европа
И денеска во Европа различни екстремни временски услови создаваат големи проблеми: снег и откажани летови во Холандија, забрана за товарен сообраќај во североисточна Франција, отежнат сообраќај на траектите во Грција и жолто предупредување во Велика Британија за снег, обилни дождови и силни ветрови.
Холандија
Невремето денеска предизвикува откажување и одложување на летови на аеродромот Шипхол во Амстердам – четири летови се откажани, а четири се одложени. Железничкиот сообраќај исто така е погоден: пријавени се задоцнувања на повеќе линии, додека сообраќајот меѓу Мастрихт и Лиеж е запрен до утре вечер. Снежните врнежи се очекуваат прво во северните, централните и источните покраини, а потоа постепено ќе преминат во дожд.
Франција
Околу 700 возачи на камиони се заглавени на автопатот А36 на североистокот и на RN57 во департманот Дуб и Жира, поради снежните врнежи кои го погодија источниот дел од земјата. Патиштата се затворени за возила над 3,5 тони до утре. Минатата ноќ работеле само машини за чистење снег, а Црвениот крст им доставил храна за возачите на камиони.
Грција
Траектите денеска постепено продолжуваат со сообраќај, откако ветровите попуштиле. Повеќето линии започнале нормално да пловат од раното утро, особено од пристаништето Пиреј. Сепак, властите предупредуваат дека рути можат да бидат откажани поради брзо менливите временски услови. Снежни врнежи се очекуваат во северните и планинските области, а се прогнозира и нагло намалување на температурата.
Велика Британија
Во многу делови на земјата е во сила жолто предупредување за снег, силни ветрови, мраз, обилни врнежи и поплави. Ова се однесува на централна и североисточна Шкотска, од северно од Глазгов до Абердин, и е во сила до 14:00 часот денеска. Метеоролозите најавуваат можни силни дождови, силни ветрови и снег, но со благо зголемување на температурите.
Германија
По неколкудневната зимска бура „Ели“, ситуацијата денеска се подобрува. Метеоролошката служба ги укина претходните предупредувања за обилни врнежи. Снежните врнежи до вчера предизвикуваа откажување на возови, пролизгување на автомобили и опасен мраз на патиштата.
Европа
Студ, снег и мраз ја погодија Европа: 34.000 домаќинства без струја во Британија, Франција под портокалов метео-аларм
Метеоролозите предупредуваат дека Велика Британија треба да се подготви за нов бран студено време, снег и мраз за време на викендот, по силната бура „Горети“ што ја зафати земјата.
За поголемиот дел од Британија е издаден жолт метео-аларм за снег и мраз.
Бурата „Горети“ во петокот донесе обилни врнежи од дожд и снег, како и силни ветрови низ голем дел од земјата, поради што десетици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Според податоците на Националната електрична мрежа, околу 34.000 домаќинства на југозападот на земјата биле без струја околу 22 часот синоќа.
Силниот ветер соборувал дрвја, а дел од воздушниот сообраќај бил сериозно нарушен. Авиокомпанијата „Бритиш ервејз“ откажа околу 50 летови – 25 поаѓања и 27 слетувања на аеродромот „Хитроу“ во Лондон. Аеродромот во Бирмингем делумно ја затвори пистата и ги повика патниците да го проверат статусот на своите летови.
Поради лошите временски услови, затворени беа и бројни училишта – повеќе од 250 во Шкотска, над 150 во регионите Абердиншир, Мидлендс и Велс, како и во Северна Ирска.
Лошото време ја погоди и Франција. Националната метеоролошка служба „Метео Франс“ утрово стави шест департмани под портокалов метео-аларм поради снег и голомразица. Се најавуваат снежни врнежи од пет до 10 сантиметри, а возачите се предупредени на опасни и лизгави патишта.
Според француските власти, станува збор за изразен снежен бран кој може да предизвика сериозни проблеми во сообраќајот, особено во североисточниот дел од земјата. Температури под нулата, снег и силни налети на ветер беа причина за прогласување зголемена состојба на подготвеност.
Снежниот бран пристигнува од правец на Германија и земјите од Бенелукс, во зона погодена од остатоците на бурата „Горети“. Снегот ќе паѓа и на пониски надморски височини, од 200 до 300 метри.
Се очекува снежната покривка да достигне од седум до 10 сантиметри на височини од 300 до 400 метри, од 10 до 20 сантиметри меѓу 400 и 500 метри, додека во повисоките планински предели локално може да достигне и до 40 сантиметри.
Властите упатија апел до возачите на максимална внимателност, бидејќи во текот на ноќта од сабота кон недела се очекува дополнително опаѓање на температурите и зголемен ризик од создавање мраз на коловозите.
Европа
Растат цените на становите во ЕУ – Унгарија рекордер со зголемување од 275%
Во периодот од 2015 до крајот на 2025 година, цените на становите во ЕУ во просек пораснале за 63,6%, додека закупот на живеалишта се зголемил за 21,1%, покажуваат податоците на Евростат.
Додека кириите бележат стабилен раст без поголеми турбуленции, цените на становите имале осцилации, со периоди на застој и фази на екстремно брз раст.
Унгарија рекордер по поскапување
Кога се набљудуваат поединечни земји, Унгарија е апсолутен рекордер по поскапување, со раст на цените на становите од 2015 година од дури 275%.
Покрај Унгарија, цените се повеќе од удвоени во уште 11 земји, а на врвот на листата се Португалија, Литванија и Бугарија, каде порастот надминал 150%.
Единствена земја со поевтини станови
Финска е единствената земја каде цените на недвижностите денес се пониски отколку пред десет години, со благо намалување од 2%.
Во наведениот период, зголемување на станарините е забележано во сите членки на ЕУ, а најтешка е ситуацијата во Унгарија, каде кириите се зголемени за 107%, односно повеќе од удвоени.
Висок раст на трошоците за домување е забележан и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде станарите се соочуваат со поскапувања од над 70%, објави Евростат.

