Македонија
Дисциплинска одговорност за полицајците кои туркаа новинари додека Мијалков излегуваше од затвор
Двајца полицајци од затворската полиција не ги испочитувале протоколите на затворот „Скопје“ во Шуто Оризари при вчерашното ослободување од притвор на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.
Директорот на затворот, Филип Андов, уште вчеравечер поведе постапка за утврдување одговорност.
Биле преземани низа постапки, а неофицијално, прегледувани се и снимките од надзорните камери на затворскиот влез.
Андов вели дека е утврдена одговорност, која доаѓа откако еден од службениците истурка новинарски екипи и ги попречи во работата во моментот кога Мијалков го напушташе затворот.
„Ќе се поведе дисциплинска постапка за двајца службеници од затворска полиција поради непочитување на протоколите за спроведување на притворено/осудено лице до предно стражарско место капија, односно рампа. Потврдено дека протоколот е прекршен и се постапувало вон истиот“, посочи Андов.
Ова значи дека затворските полицајци не смееле да ја напуштат капијата на затворот и дека нивната надлежност за спровод на Мијалков завршила кога тој ја напуштил затворската капија.
Затворските полицајци немаат право да ги носат притворениците до приватен автомобил надвор од затворската капија, ниту, пак, да преземаат какви било службени дејства надвор од кругот на затворот.
Полицаец вработен во затворот „Скопје“ вчера истурка новинари и сниматели од „А1он“ и „Клан“, со што ги попречи во вршењето на својата работа.
Тој во време кога ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков излегуваше од капијата на затворот, излезе пред него, па со викање и туркање ги тргна микрофоните на новинарите кои поставуваа прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.