Македонија
Пристигна донација на техничка опрема за Детската клиника во Скопје

Огромна благодарност до компанијата Mozzart, со донирањето телевизори ни самите не се свесни колку голема радост ќе предизвикаат кај сите дечиња кои ќе имаат потреба да се лекуваат на детската клиника
Празниците се вистински момент за дарување, а компанијата Mozzart во овој период, особено се труди да помогне таму каде што е најпотребно. Во пресрет на Нова година хуманитарниот караван на оваа општествено одговорна компанија посети многубројни установи ширум Македонија, а покрај новогодишните пакетчиња за најмалите, донација пристигна и во Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.
Претставниците на регионалниот лидер во приредување игри на среќа ја посетија оваа здравствена установа и им врачија техничка опрема за одделенијата во кои секојдневно престојуваат голем број деца.
Телевизорите ќе им овозможат да гледаат цртани филмови и ќе им го олеснат престојот во болницата.
„Огромна благодарност до компанијата Mozzart, со донирањето телевизори ни самите не се свесни колку голема радост ќе предизвикаат кај сите дечиња кои ќе имаат потреба да се лекуваат на детската клиника и кои дефинитивно сакаат болничките соби да ги претворат како свои“ – нагласи директорката на Универзитетската клиника за детски болести, Аспазија Софијанова.
Mozzart и во текот на оваа година помагаше во здравствениот систем на Македонија, а донациите беа упатени во повеќе установи.
„Во текот на празниците се трудевме повеќе да помогнеме на бројни здруженија и установи, а посебно задоволство ни претставуваше да измамиме насмевки од најмалите. И во 2022 година ја продолжуваме нашата мисија за општествена одговорност” – нагласи Менаџерот за корпоративни процеси во Mozzart, Мики Златески.
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алијансата го исклучи од партијата директорот на Геријатрија кој барал мито за да смести неподвижно лице

Алијансата за Албанците го исклучи од партијата Мухсин Арифи, кој е осомничен дека зел мито за да смести неподвижно лице.
Од партијата на министерот за здравство, Арбен Тараври, информираа дека нивниот етички кодекс бара политичките претставници да имаат високи стандарди на морален, правен и професионален интегритет, а членовите на раководните структури да постапуваат во согласност со законот, Програмата и Статутот на партијата, избегнувајќи лични финансиски или материјални придобивки.
Арифи е разрешен и од функцијата претседател на Огранокот Сарај, до донесување конечна одлука од страна на надлежниот суд.
Мухсин Арифи, според истрагата, знаел дека пациентот што требало да се смести во установата бил богат и барал 100.000 евра поткуп. Кога роднината на пациентот рекол дека тоа се многу пари, директорот предложил до сумата да се дојде преку продажба на стан што го поседувал пациентот. По неколку средби, сепак, било договорено роднината да даде 20.000 евра за да го смести болното лице во болницата.
Македонија
„Скајтракс“ го рангираше скопскиот аеродром меѓу првите 10 во Источна Европа

Реномираната авијациска организација Скајтракс (Skytrax) го рангираше Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, меѓу најдобрите 10 аеродроми во регионот на Источна Европа, во рамки на својата програма наречена Светски Аеродромски Награди (Skytrax World Airport Awards).
Наградите кои Скајтракс ги доделува според гласовите на патниците, беа објавени на авијацискиот саем „Пасинџер Терминал Експо“ кој се одржа во Мадрид, Шпанија, каде што се собраа над 2.000 професионалци од авиоиндустријата, од повеќе од 120 земји во светот. Најдобрите аеродроми во Источна Европа за 2025 година, според Скајтракс се: 1. Будимпешта; 2. Софија; 3. Тбилиси; 4. Талин; 5. Рига; 6. Кутаиси; 7. Белград; 8. Букурешт; 9. Батуми; 10. Скопје.
„Како ТАВ Македонија оваа година ја славиме нашата 15-годишнина, што значи дека веќе 15 години посветено работиме со цел да им го понудиме најдоброто патничко искуство на нашите патници. Во рамки на Светските Аеродромски Награди на реномираната организација Скајтракс оваа година со Меѓународниот Аеродром Скопје влеговме меѓу најдобрите 10 аеродроми во Источна Европа. Навистина сме среќни поради ова признание и ќе продолжиме да работиме на подобрување на квалитетот на аеродромските услуги и целокупното патничко искуство”, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
Покрај Меѓународниот Аеродром Скопје, уште 7 други аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, членка на групацијата АДП, беа признати меѓу најдобрите аеродроми во светот, во рамки на наградите. Тоа се аеродромите во: Алмати – Казаxстан, Анкара и Измир – Турција, Батуми и Тбилиси – Грузија, Рига – Латвија и Медина – Саудиска Арабија.
Наградите на Скајтракс (Skytrax), наречени Светски Аеродромски Награди (World Airport Awards), се одредуваат преку резултатите од истражувањето за мислењето на патниците, кое беше направено од август 2024 до февруари 2025 година, односно во период од шест месеци. Притоа луѓе од над 100 различни националности оценуваа 575 аеродрома во светот, преку клучни индикатори за квалитет, опфаќајќи го патничкото искуство од услугите и од производите коишто се нудат на аеродромите.
Светските Аеродромски Награди се независна програма на авијациската организација Скајтракс кои функционираат од 1999 година и претставуваат глобален репер за совршеност на аеродромите.
Македонија
Муцунски на Делфи Економскиот Форум упати благодарност до Грција за помошта по трагедијата во Кочани

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес учествува на Делфи Економскиот Форум што се одржува во Грција, каде се обрати на панел-дискусија на тема: „Дали ЕУ – САД алијансата е надвор од поправка?“
Во своето обраќање, министерот се осврна на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, важноста на регионалната соработка, стабилноста на регионот, стратешкото партнерство во рамките на НАТО, како и на соработката со САД и трансатлантската поврзаност, извести Министерството за надворешни работи.
Притоа, министерот Муцунски ја истакна важноста на регионалната поддршка, која особено се манифестираше по трагедијата во Кочани, упатувајќи искрена благодарност до Грција за покажаната солидарност и медицинска помош.
Министерот нагласи дека проширувањето на Европската Унија не е само економска и трговска неопходност, туку предуслов за политичка и безбедносна стабилност на целиот континент. Тој порача дека е неопходно да се обезбеди јасен и опиплив пат напред за регионот, кој ќе го врати кредибилитетот и ќе ги исполни очекувањата од процесот на европска интеграција.
Во однос на улогата на САД, Муцунски ја подвлече нивната клучна улога како инвеститор – не само во политичката и безбедносната, туку и во економската стабилност на регионот – истакнувајќи дека САД се меѓу највидливите и најсилните поддржувачи на процесот на проширување на Европската Унија, се додава во соопштението на Министерството за надворешни работи.