Економија
(Видео) Кузеска: Со брза и навремена реакција Владата спречи драстично покачување на цената на струјата

Со брза и навремена реакција на Владата предводена од СДСМ, спречен е ценовен шок за граѓаните и драстично зголемување на цената на струјата. Мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија, придонесе цената на струјата да биде покачена за само 9,48% што е далеку под првичните прогнози од над 25%. Притоа евтината ноќна тарифа на струјата како и евтината тарифа во недела ќе се задржат, а дополнителни рекстрикции нема да има, изјави портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
„ Дека цената на електричната енергија е глобален проблем потврдуваат и покачувањата на цената на струјата во многу држави, а најизразено е во Турција каде електричната енергија за домаќинствата поскапи за 50 отсто, додека за компаниите и за над 100 отсто.
За граѓаните од ранливата категорија, обезбедени се и 60 милиони денари со Програмата за заштита на потрошувачите на електрична енергија.
Со оваа мерка ќе се опфатат околу 7.500 домаќинства со ниски примања во времетраење од 12 месеци, кои ќе добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството“ рече Кузеска.
Таа нагласи дека економијата е стабилна и ликвидна, а дека државата е подготвена да им помогне на граѓаните и компаниите за надминување и на овој предизвик.
„ И додека Владата предводена од СДСМ е посветена на креирање мерки со кои ќе се намалат последиците од енергетскага криза, ВМРО ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски, продолжува и во време на криза со лаги, со цел да поттикнат паника кај граѓаните. Мицкоски лажеше дека цената на струјата ќе биде повисока до 40 отсто, тој и ВМРО ДПМНЕ и оваа криза ја користат за евтини политички поени, не водејќи никаква грижа за граѓаните истакна Кузеска.
Таа додаде дека СДСМ ќе продолжи со реализација на мерки кои ги ублажуваат последиците предизвикани од енергетската криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Се намалува цената на мазутот, а на дизелот и на бензините не се менува

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,11 % во однос на одлуката од 14.04.2025 година.
Од 23.4.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 71,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 73,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,780 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,212 ден/кг и сега ќе изнесува 36,780 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 23.4.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,969%, кај дизелот за 3,456%, кај екстра лесното масло за 2,637% и кај мазутот зголемувањето е за 2,133%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 3,0273%.
Економија
Владата озаконува паушални фактури за струја, граѓаните не смеат да бидат жртви, апелираат Инженери на Македонија

Инженери на Република Македонија (ИРМ), денеска упати апел до пратениците и Министерството за енергетика за да ги отстранат како што велат, некоректните одредби од предлог Законот за енергетика за да се обезбедат фер, прецизни и транспарентни фактурирања, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка на електрична енергија.
Граѓаните, како што велат, не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет
„Во новиот Предлог-закон за енергетика, кој на 22 април влегува во собраниска процедура, Владата предлага контроверзни одредби со кои се овозможува издавање на фактури за потрошена електрична енергија врз основа на претпоставена, а не реално измерена потрошувачка“.
Со вакви измени, оценуваат, се озаконува досегашната практика на паушално фактурирање, која стана особено проблематична по воведувањето на ценовните блокови за скапата струја од 1 јули 2022 година.
„При нередовно читање на броилата, потрошувачите неретко се распределуваат во погрешни ценовни блокови, што резултира со зголемени сметки и неоправдани наплати.
Нашите пресметки покажуваат дека дури и ±10% грешка при проценката на потрошувачката може да предизвика разлика во наплатата до 8.000 денари годишно по домаќинство. Со оглед дека во државата има 598.632 домаќинства, а ЕВН располага со 915.492 броила, ова претставува сериозен удар врз џебот на граѓаните и можност за милионски профити на штета на јавниот интерес.
Иако Регулаторната комисија за енергетика веќе потврди дека ваквите проценки носат штета за потрошувачите и започна процес за измени на Правилата за снабдување со електрична енергија, Владата оди во спротивна насока. Со одредбите во Глава VIII од новиот закон – иронично насловена „Заштита на потрошувачите“ – се предвидува озаконување на паушалното фактурирање преку член 185, став 2 и став 4, точка 2.
Особено загрижувачки е што Владата го носи законот со европско знаменце, повикувајќи се на усогласување со ЕУ директивата CELEX: 32019L0944, која никаде не предвидува дозвола за фактурирање со претпоставена потрошувачка. Дополнително, овие одредби не се содржани ниту во претходните верзии на законот објавени на платформата ЕНЕР“, е појаснето во реакцијата.
Апелираат до пратениците и Министерството за енергетика да ги отфрлат овие одредби и со амандмани: да се избрише став 2 од членот 185, а од ставот 4, точка 2, да се отстрани вториот дел од реченицата.
Бараат фер, прецизно и транспарентно фактурирање, исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка. „Граѓаните не смеат да бидат жртви на проценки и математички грешки што причинуваат штета од илјадници денари за нивниот семеен буџет“.
Економија
„Алкалоид“ трета година по ред е апсолутен победник – најпосакуван работодавач за 2024 година

„Алкалоид АД Скопје“ е прогласен за апсолутен победник во категоријата најпосакуван работодавач за 2024 година, трета година по ред, според анкетата спроведена од веб-порталот „Вработување.ком“.
На манифестацијата организирана од „Вработување.ком“, беа доделени награди за компании во повеќе категории, врз основа на анкетен прашалник спроведен на национално ниво во текот на 2024 година.
„Ова признание претставува особена чест за нас и уште една потврда за нашата посветеност на негувањето на основните компаниски вредности – да креираме работна средина која ги поврзува сите: од вработените до образовните институции и заедницата во која живееме и работиме. Во основата на сето тоа се високите професионални стандарди, кои ја обликуваат корпоративната култура на нашата компанија. Нашите вработени со своето знаење и посветеност се движечката сила на секој наш успех“, велат од компанијата.
Од „Алкалоид“ додаваат дека остануваат посветени на грижата за вработените, како и на нивниот раст и кариерен развој, бидејќи веруваат дека луѓето се најценетиот капитал на нивната компанија.
„Низ визија, иновација и поддршка продолжуваме да одржуваме највисоки етички и професионални норми и работна средина која и натаму ќе претставува најпосакуван избор на компанија за вработување на младите луѓе“, додаваат од „Алкалоид“.
(ПР)