Економија
Бесими: 15,3 отсто повеќе приходи остварени во буџетот за 2021 во однос на 2020
Министерството за финансии соопшти дека во буџетот во 2021 година е остварена реализација на вкупните приходи за 15,3 % повеќе во споредба со 2020 година, а кај капиталните расходи е забележан раст на реализацијата од 45,2 % во однос со 2020 година. Како што наведува Министерството, натфрлање на планираното е забележано кај приходите од даноци и придонеси за 2 %, а дефицитот е реализиран во износ од 38,8 милијарди денари или 5,4 % од БДП, што е понизок од проектираниот за 2021 година од 6,5 % од БДП.
„Испративме година која ја завршивме со позитивни движења во економијата иако сѐ уште беше присутно влијанието од кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19, притисокот врз цените на светските берзи, што се чувствуваше и во нашата економија, како и енергетската криза“, вели министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Тој додаде дека мерките и севкупните политики што ги спровеле придонеле 2021 година да заврши со економски раст од 4,1 %, кој, како што вели Бесими, е во согласност со проекцијата за растот на БДП и можност тој и да се надмине.
„Економијата во првите девет месеци од 2021 година достигна раст од 4,6 %. Индустриското производство во ноември забележа раст од 4,7 %, извозот во периодот јануaри-октомври има раст од 22,8 %, финалната потрошувачка раст од 4,5 %, бруто-инвестициите забележаа реален раст од 3,4% во првите девет месеци, невработеноста падна на историски најниско ниво од 15,7 %, а просечната нето-плата исплатена во октомври забележа раст од 4,5 % во однос на октомври претходната година“, вели Бесими.
Овие движења, според него, се рефлектираа во успешната реализација на проектираните приходи во буџетот, така што во 2021 година имаме натфрлување во реализација на даночните приходи и придонесите, кои заклучно со 31 декември достигнаа ниво од 102 % од планираното со ребалансот во јуни 2021 година, кога тие беа ревидирани нагоре во однос на почетниот буџет, и тоа за 5 % даночните приходи, а за 1,3 % придонесите.
„Приходите од даноци и придонеси во 2021 година имаат реализација од 196.309 милиони денари, кои во споредба со 2020 година имаат зголемување од 13,2 %. Кај даночните приходи најголемо натфрлување има кај ДДВ од 7,3 % или остварена е реализација на ниво од 107,3 %, односно по овој основ во буџетот се слеани 58.194 милиони денари. Од персонален данок на доход слеани се 20.552 милиона денари и реализиран е со 98,86 % од планираното. Кај ДДВ има 24,1 % повеќе остварени средства во однос на 2020 година, а кај персоналниот данок на доход има раст од 10,3 %.
Вкупните расходи се реализирани на ниво од 257.353 милиони денари или 95,87 % од планираното и бележат раст од 5,7 % во споредба со 2020 година. Притоа кај капиталните инвестиции во 2021 година се бележи повисока реализација за 45,2 % во споредба со тој период претходната година, односно во 2021 година реализацијата на капиталните инвестиции е на ниво од 23,4 милијарди денари, што претставува реализација на 79 % во однос на планираните средства. Значајно е дека реализираните инвестиции во 2021 година се на највисоко ниво во апсолутен износ. Ова дава оптимизам за реализирање големи капитални проекти планирани во Планот за забрзан економски раст 2022-2026, но и реализација на планираните капитални инвестиции во 2022 година, кои се на историски највисоко ниво досега со учество од 14 % во вкупните расходи“, објаснува министерот Бесими.
Капиталните расходи, како што додава тој, во оваа година се проектирани на износ од 38,2 милијарди денари и се 28,3 % повеќе во споредба со 2021 година. Предвидени се крупни јавни инвестициски зафати во областите на патната и железничката инфраструктура, дигитализацијата, енергетиката, како и зелениот развој. Меѓу позначајните проекти се изградбата на автопатот на Коридорот 8, изградба и рехабилитација на железничката инфраструктура од коридорите 8 и 10, гасоводна инфраструктура на магистралните делници Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес, како и интерконективен гасовод со Република Грција и други.
Во 2022 година останува посветеноста на грижата за заштита на здравјето на граѓаните, економското заздравување и забрзување на растот и зголемување на инвестициите при истовремена фискална консолидација, непречено финансирање на основните функции на државата, како и поддршка на реформските процеси во правосудството и евро-атлантските интеграции.
Сите политики во оваа година ќе бидат насочени кон постигнување стапка на БДП, која ќе го надмине нивото пред ковид-кризата, односно растот на БДП е проектиран на ниво од 4,6 %, воден од порастот на бруто-инвестициите од 8,5 %, зголемена извозна активност од 8,1 %, зголемена потрошувачка и вработеност од 3,1 %, што ќе доведе до целосно заздравување на економијата и почнување период на забрзан раст над 5 % годишно, заклучува Бесими.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

