Свет
На советот НАТО – Русија во Брисел се расправале за распадот на Југославија
Денешниот состанок на заедничкиот совет НАТО – Русија во Брисел од разговори за Украина се претвори во дискусија за распадот на Југославија.
Според неофицијалните информации на хрватските медиуми, Русите го отвориле прашањето за распадот на Југославија со тврдењето дека НАТО ја разби Југославија со своите бомбардери, што според Русите е само еден во низата докази дека воената алијанса била агресивна во проширувањето на поранешните социјалистички држави.
На ваквите руски тврдења прв одговорил претставникот на Хрватска, амбасадорот Марио Нобило.
Средбата, секако, се одржала зад затворени врати, a деталите неофицијално говорат дека за овој дел од разговорот со Русите, кој се однесува на распадот на Југославија, јавно проговорил и генералниот секретар Јенс Столтенберг.
Новинарите на прес-конференција го прашаа Столтенберг како тој одговори на тврдењата на Русија дека улогата на НАТО во Југославија и Либија е контроверзна.
Столтенберг потврди и дека за време на состанокот на советот НАТО – Русија, претставниците на Хрватска, Словенија и на Црна Гора зеле збор и разговарале за тоа што навистина се случило за време на распадот на Југославија, а што е спротивно на она што денеска го кажаа Русите.
„Неколку сојузници, кои беа дел од поранешна Југославија, многу јасно кажаа дека Југославија не се распадна поради НАТО, туку поради внатрешни причини, внатрешни конфликти. НАТО дојде подоцна за да спречи злосторства“, рече Столтенберг.
„Целата идеја дека НАТО е виновен за распадот на Југославија е погрешна. Требаше да се запрат злосторствата, првин во БиХ, а потоа и во Косово. Но, во тој момент Југославија веќе се распадна“, додаде генералниот секретар на алијансата.
Извори на хрватските медиуми наведуваат дека средбата на сојузниците од НАТО со Русите, веднаш по иницирањето на темата за распадот на Југославија, станала поемотивна и добила посилен тон. Наводно Хрватите го смениле тонот на разговорот, сакале да нагласат дека Русија може да биде конструктивен играч во меѓународната безбедносна политика. Тие изјавиле дека за време на распадот на Југославија, Русија била конструктивна и активно соработувала со западните сили.
Акумулацијата на руски војници на руска територија во близина на границата со Украина сè уште ги остава сојузниците цврсто убедени дека Русија се подготвува за голема инвазија, па НАТО сака да види деескалација на руската страна.
И условите што Москва неодамна ги постави за НАТО, вклучително и писмени гаранции дека нема да има повеќе проширување на НАТО на исток и барање силите на НАТО да се повлечат на линиите од 1997 година, пред да се прошират во Централна и Источна Европа, за време на состанокот убедливо се отфрлени од сите триесет сојузнички земји.
Сојузниците ги потврдија политиката на отворени врати на НАТО и правото на секоја нација да избира свои безбедносни аранжмани.
„Сојузниците јасно ставија до знаење дека нема да се откажат од нивната способност да се заштитат и бранат меѓусебно, вклучително и присуството на трупите на НАТО во источниот дел на алијансата“, изјави генералниот секретар Јенс Столтенберг на прес-конференција по советот НАТО – Русија.
Како и на средбата во Женева во понеделникот, на која Американците и Русите разговараа за истото прашање, на денешната средба во Брисел ништо не беше решено, беа утврдени само позициите на двете страни, со очекување дека дијалогот може да продолжи, но со условот Русија да ги намали тензиите.
НАТО е заинтересиран за дијалог со Русите за некои важни прашања за кои веќе неколку години не се разговарало во дијалогот.
Тоа се теми, како: новиот договор за контрола на вооружувањето, договорот за потранспарентно спроведување на воените вежби, за намалување на опасноста од сајбер-напади и слично. НАТО, едноставно, не сака да зборува за најголемите желби на Русија напишани во два предлога за безбедносни договори, кои Москва ги испрати до САД и НАТО со желба да ги склучи и со тоа да ја промени безбедносната архитектура на Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Ги намалуваме царините за Индија, таа престанува да купува руска нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ќе ги намалат царините за индиската стока, откако Индија се обврзала да престане да купува руска нафта и да го зголеми увозот на енергенси од САД, а можно и од Венецуела.
Во објава на мрежата „Тру соушал“, Трамп соопшти дека по разговор со индискиот премиер, Нарендра Моди, е постигнат трговски договор со кој реципрочната царина за Индија се намалува од 25 на 18 проценти. Според договорот, Индија ќе ги намали своите царини и нецарински бариери за американски производи на нула и ќе инвестира повеќе од 500 милијарди долари во американската енергетика, технологија и други сектори.
Трамп оцени дека запирањето на купувањето руска нафта од страна на Индија би придонело за завршување на војната во Украина.
Сепак, аналитичарите посочуваат дека овој чекор ќе биде тешко изводлив, бидејќи Индија и понатаму увезува околу 1,5 милиони барели руска нафта дневно. Како можна алтернатива се споменува венецуелската нафта, но нејзината инфраструктура е во лоша состојба и би биле потребни години и големи инвестиции за значително зголемување на производството.
Свет
Беспилотно летало со непознато потекло падна врз воена база во Полска
Беспилотно летало со непознато потекло се урна врз воена база во Пжасниш во северно-централна Полска на 28 јануари, објави денес полското радио Зет, повикувајќи се на извори, пишува „Ројтерс“.
Радио Зет, исто така, наведува дека полската воена полиција потврдила дека е започната истрага за инцидентот.
„Ројтерс“ не можеше веднаш да добие коментар од Воената полиција.
Регион
Со фантомка и оружје македонски државјанин ограбил пет кладилници и пошта во Србија, полицијата го уапси
Полицијата во Краљево уапсила 44-годишен маж од Македонија, под сомнение дека ограбил пет кладилници и пошта соопшти денеска локалната полициска управа, пренесе „Н1“.
Во соопштението се наведува дека В.Г. е осомничен дека на територијата на Краљево влегувал во објекти на кладилници и пошти со фантомка на главата и, со закана со пиштол, одзел повеќе од 700.000 динари.
Во станот на осомничениот, полицијата пронашла дел од парите, фантомка и реплика на пиштол која, како што се сомнева, ја користел при извршувањето на кривичните дела.
Тој се товари за пет кривични дела разбојништво, одредено му е задржување до 48 часа и ќе биде приведен во Обвинителството, соопшти Полициската управа во Краљево.

