Свет
Лавров бесен на западот: Трпението ни е при крај, време е да продолжиме понатаму
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека доколку Западот ги отфрли руските предлози за безбедносни гаранции, Москва ќе ја процени ситуацијата и ќе донесе одлука земајќи ги предвид сите фактори и во интерес на обезбедување на националната безбедност.
Лавров на годишната прес-конференција на руското Министерство за надворешни работи рече дека одговорот на Русија, доколку САД одбијат да гарантираат непроширување на НАТО, може да биде многу поинаков, пренесува РИА Новости.
„Не можам да додадам ништо на она што го кажа претседателот Путин… Одговорот може да биде многу различен, зависи од предлогот што нашите воени експерти ќе му го дадат на претседателот на Русија. Затоа, сега не вреди да се погодува“, рече Лавров.
Тој посочи дека Руската Федерација нема да чека бесконечно на одговори од Западот и дека Москва се подготвува за каков било развој додека чека одговор од САД и НАТО за безбедносните гаранции.
Тој изјави дека одговорите на Западот мора да бидат напишани.
„Ни снема трпение. Знаете, ние сме многу трпеливи. Сепак, многу се воздржавме, време е да продолжиме понатаму“, рече Лавров, додавајќи дека Русија чека конкретни одговори на нејзините предлози.
Рускиот министер рече дека западните земји придонесуваат за негативниот развој на настаните и дека во светот се акумулира потенцијал за конфликт.
„Западните колеги даваат одлучувачки придонес за овој негативен развој, тие поставија курс кој ја поткопува архитектурата на меѓународните односи врз основа на Повелбата на ОН и се обидува да го замени меѓународното право со свои правила“, рече Лавров.
Тој додаде дека НАТО продолжува со обидите вештачки да ги привлече Украина и скандинавските земји во своето членство.
Лаврод рече и дека Москва сега го покренала прашањето за непроширување на НАТО бидејќи, како што рече, „се акумулирало“.
„Тоа се акумулираше во периодот по 1990-тите, кога нашите западни пријатели едноставно ги фрлија во ѓубре ветувањата за непроширување на НАТО, дека воената инфраструктура нема да се движи кон исток, дека нема да бидат распоредени значителни борбени сили на територијата на нови членови“.
Според него, НАТО избил на границите на Русија „за време на петте бранови на експанзија“ и сега ги зајакнува копнените сили и авијацијата.
Лавров посочи дека обемот на вежбите во Црното Море е мултиплициран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Берлин под притисок: се бара дијалог меѓу Мерц и Путин
Германскиот канцелар Фридрих Мерц треба директно да разговара со рускиот претседател Владимир Путин, изјави Адис Ахметовиќ, експерт за надворешна политика на фракцијата на Социјалдемократската партија на Германија во Бундестагот, во интервју за „Зидојче Цајтунг“.
Ахметовиќ оцени дека фактот што Берлин ги препушта преговорите на двајца американски претприемачи за недвижности – Стив Виткоф и Џаред Кушнер – предизвикува значителна недоверба. Тој го изјави ова коментирајќи го трилатералниот состанок одржан во Абу Даби.
Според него, шефот на германската влада мора да покаже храброст и да преземе поактивна улога во процесот на решавање на конфликтот.
Пред состанокот, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Москва позитивно ги оценила преговорите на делегациите на Русија, Соединетите Американски Држави и Украина во Абу Даби.
Свет
Данската премиерка: Светскиот поредок каков што го знаеме е завршен
Данската премиерка Мете Фредериксен предупреди дека ерата на сегашниот светски поредок е завршена, велејќи дека не верува дека некогаш ќе се врати. Таа ја даде изјавата на јавен форум во Париз, каде што учествуваше со премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, пишува „Гардијан“.
Обраќајќи се пред студентите, Фредериксен нагласи: „Светскиот поредок каков што го знаеме е завршен и не мислам дека ќе се врати“. Таа, исто така, предупреди дека „Русија не сака мир со Европа“ и ги повика Европа и САД да „се држат заедно“.
Осврнувајќи се на неодамнешните тензии со САД околу Гренланд, данската премиерка рече дека двете страни делат загриженост за безбедноста на Арктикот и дека ќе „се обидат да најдат заеднички пат со САД“.
Премиерот на Гренланд, Нилсен, исто така, зборуваше за последиците од тензиите со САД врз локалното население.
„Како влада, се соочуваме со задачата да се спротивставиме на надворешните притисоци и да се грижиме за нашите луѓе кои се исплашени и преплашени“, рече тој.
Европа
Холандија доби ретка малцинска влада и најмлад премиер во историјата
Лидерите на политичките партии во Холандија се согласија да формираат ретка малцинска влада, беше објавено во вторник.
Центристичката проевропска партија Д66, која победи на изборите во октомври минатата година, ќе ги здружи силите со конзервативните христијански демократи и десничарската VVD во коалиција која ќе има само 66 места во долниот дом на парламентот со 150 места.
Коалицијата, исто така, нема мнозинство во Сенатот, горниот дом на парламентот, што може да блокира закони донесени во долниот дом, и ќе треба да побара поддршка од опозициските партии за да ги спроведе своите политики.
Владата ќе ја предводи лидерот на Д66, Роб Јетен, 38, кој ќе стане најмладиот премиер во холандската историја.
Се очекува пратениците на партиите да го ратификуваат договорот за коалиција во наредните денови, а формалната презентација се очекува во петок.
Останатите позиции во кабинетот ќе бидат пополнети во наредните недели, а се очекува новата влада официјално да биде именувана во рок од еден месец.

