Црна хроника
Момчето што вчера беше прегазено на „Партизанска“ е отпуштено од болница, возачот сѐ уште е во полиција
Возачот на возраст од 22 години, кој управуваше со автомобилот „ситроен“, и натаму се наоѓа во полициска станица, каде што е спроведен по увидот.
Вториот пешак што беше повреден, а ѝ беше придружник на загинатата 24-годишна девојка, има набиеници и е пуштен на домашно лекување по приемот во Градската болница „Св. Наум Охридски“. Тој е во лоша психичка состојба и со лесни телесни повреди.
„Синоќа, кога бил донесен во болница, направени му се сите испитувања. Нема тешки повреди, има набиеница во пределот на карлицата. Бил и видно вознемирен, што е последица на тоа што бил сведок на еден таков немил настан. Пуштен е на домашно лекување“, вели Љубен Арсенков, директор на болницата „Св. Наум Охридски“, за „Макфакс“.
Телото на трагично загинатата радовишанка е предадено на обдукција. Случајот е во рацете на јавен обвинител во скопското Обвинителство, каде што ќе се истражува како точно дошло до сообраќајната несреќа.
Според информации на „Макфакс“, се чека одлука на јавниот обвинител што ја води истрагата да каже дали ќе побара одредување мерка притвор за возачот. Земени му се крв и урина за да се утврди неговата состојба во моментот кога управувал со возилото. Во полициска станица може да се задржи 24 часа, односно до вечерва, а доколку не биде побаран притвор, ќе биде пуштен дома.
Сообраќајната несреќа се случи вчеравечер по 19 часот. Во двајцата пешаци удри автомобил „ситроен“, со скопски регистарски ознаки, управуван од 22-годишен возач. Според првичните неофицијални информации од сведоци до кои дојде „Макфакс“, возачот излегол од едната лента и влегол во средната лента на булеварот Партизански одреди по што со голема брзина удрил во двајцата пешаци. Предната страна од автомобилот е искршена заедно со стаклото од совозачката страна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Директорка на „Завод и музеј“ Битола незаконски си се унапредила на работното место
СВР Битола поднесе кривична пријава против М.С.(53) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторенo кривичнo делo „несовесно работење во службата“, соопшти МВР.
Пријавената, во својство на директор на Национална установа „Завод и музеј“ Битола, спротивно на одредбите од Законот за вработени во јавен сектор и Законот за работни односи, несовесно постапила во вршењето на своите овластувања и должности на тој начин што извршила промена на Актот за систематизација на работните места, со што го укинала нејзиното работно место виш кустос и за себе отворила ново работно место кустос советник, кое што е едно ниво повисоко од претходното.
Црна хроника
Сопственик на фирма во Скопје затаил данок од 30 милиони денари
СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.С.(40) од Делчево, сопственик и управител на правно лице од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „даночно затајување“ и „оштетување или повластување на доверители“ и против правното лице поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“, соопшти МВР.
Првопријавениот М.С. постапил спротивно на Законот за данок на додадена вредност на тој начин што во даночните пријави за контролираниот даночен период, преку правното лице пресметал и искажал помал даночен долг кој произлегол од неевидентиран остварен промет од продажба на основни средства и од продажба на залихи на материјали.
Со наведените дејствија пријавените успеале да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 31.433.522 денари, за кој износ го оштетиле државниот буџет.
Црна хроника
Украл пари и нападнал вработена во казино во Охрид
Едно лице е осомничено дека украло пари и нападнало вработена во казино во Охрид.
Според информациите од полицијата, вчера во 07.25 часот, во СВР Охрид е пријавено дека во казино лоцирано на булеварот „Туристичка“ во Охрид, едно лице одзело пари и физички нападнал вработена во казиното.
Се преземаат мерки за негово пронаоѓање по што, против сторителот ќе биде поднесека соодветна пријава.

