Свет
Захарова: Очекуваме воена провокација во пресрет на Олимпијадата во Кина

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека постои опасност од провокации од страна на САД и Украина во пресрет на претстојните Олимписки игри што треба да се одржат во Кина.
На овој начин Захарова одговори на објавата на „Блумберг“ дека наводно кинескиот претседател Си Џинпинг побарал од рускиот претседател Владимир Путин да не ја напаѓа Украина за време на Олимпијадата, од 4 до 20 февруари.
„Тоа се лажни вести, односно ‘специјална операција’ на американските служби преку медиумите“, рече таа.
Захарова наведе и дека „Блумберг“ во својот натпис не го прецизирал изворот на веста, па затоа, како што додаде, очигледно е дека станува збор за провокација која не е поткрепена со никакви докази.
„Ги разбирам американските медиуми. Русија одамна е ‘ѓаволот’ во целата приказна. Ова е многу добар момент -Олимпијадата во Кина која американските медиуми ја плукаат од првиот ден“, додаде Захарова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Пратеникот на Трамп погрешно ги разбрал условите на Путин за мир, пишува „Билд“

Стив Виткоф, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, погрешно ги разбрал условите на Русија за прекин на огнот во Украина за време на средбата оваа недела со рускиот претседател Владимир Путин, пишува „Билд“.
Германскиот таблоид наведува дека Русија не се откажала од своето барање за целосна контрола врз Крим и регионите Донецк, Запорожје, Луганск и Херсон пред прекин на огнот.
Според мировните предлози што протекоа во медиумите, Путин е подготвен да разговара за прекин на огнот само по повлекувањето на украинските сили од регионите Донецк и Луганск.
Извори на „Билд“ тврдат дека овие медиумски написи би можеле да бидат резултат на погрешно толкување на она што го кажал Путин за „мирно повлекување“ од регионите Херсон и Запорожје. Русија бара повлекување на украинските сили од тие области, но Виткоф сметал дека предлогот е руските сили да се повлечат оттаму.
„Виткоф не знае за што зборува“, германски таблоид цитираше анонимен украински функционер.
Трамп ја предложи можноста за размена на територии меѓу Русија и Украина. Тој призна дека ситуацијата е комплицирана, но исто така најави дека преговорите ќе имаат за цел враќање на одредени територии на Украина, како и размена на територии во корист на двете страни.
Трамп ќе се сретне со Путин на 15 август во Алјаска. CBS News тврди дека постои можност да им се придружи украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој претходно денес повтори дека Украина нема да ја предаде својата територија на руските окупатори.
Свет
Лукашенко објави вест што никој не ја очекуваше

Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, изјави во интервју за списанието „Тајм“ дека не планира да се кандидира за уште еден мандат.
Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, ја води Белорусија повеќе од три децении и беше реизбран во јануари за седми петгодишен мандат.
70-годишниот Лукашенко нагласи дека не планира да се кандидира за реизбор, иако додаде дека американскиот претседател Доналд Трамп изгледа пристојно на речиси 80 години.
Тој верува дека неговиот наследник не треба ништо да прекинува, туку треба да продолжи да ја развива земјата за да избегне каков било револуционерен распад.
Тој ги отфрли долгогодишните шпекулации дека го подготвува својот син Николај да го замени.
„Не, тој не е наследник. Знаев дека ќе го прашате тоа. Не, не, не. Прашајте го самиот“, беше јасен Лукашенко.
Фото: ЕПА
Свет
Зеленски остро им одговори на Трамп и Путин: Украинците нема да му ја дадат својата земја на окупаторот

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, остро ја отфрли секоја можност за територијални отстапки во замена за мир, нагласувајќи дека суверенитетот на земјата е несомнен. Неговата изјава доаѓа како реакција на најавата за средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и лидерот на Кремљ Владимир Путин, пишува Правда.
Зеленски беше експлицитен во врска со територијалното прашање.
„Одговорот на украинското територијално прашање е веќе во Уставот на Украина. Никој нема да отстапи од него – и никој нема да може. Украинците нема да му ја дадат својата земја на окупаторот“, рече тој.
Сепак, тој истакна дека Украина е подготвена за вистински решенија што можат да донесат мир, но под јасни услови.
„Но, сите партнери мора да разберат што е достоинствен мир. Оваа војна мора да заврши – и Русија мора да ја заврши. Русија ја започна и ја одолговлекува, игнорирајќи ги сите рокови, и тоа е проблемот, а не нешто друго“, рече Зеленски.
Украинскиот претседател предупреди дека сите договори постигнати без учество на Украина се „мртви одлуки“ што нема да донесат вистински мир. Тој ја нагласи својата подготвеност да соработува со Трамп и другите меѓународни партнери за да се постигне мир што „нема да пропадне поради желбите на Москва“.
Трамп вчера за време на брифингот во Белата куќа рече дека мировниот договор за војната меѓу Русија и Украина треба да вклучува „некои размени на територии“. Средбата меѓу Трамп и Путин е закажана за 15 август во Алјаска, а двете страни го потврдија датумот и локацијата.