Регион
Вучиќ добил список со седум лица кои му спремале атентат

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синoќа се обрати до јавноста по обелоденувањето на веста дека бил подготвуван атенатат врз него.
Според претседателот, можни причини за планираниот атентат е борбата против нарко-картелите во Србија, но и потребата да се дестабилизира земјата.
„Направивме многу со големите апсења на нарко картелите во Србија и тие сега не можат да функционираат ако немаат поддршка од одредени државни структури. Тука не станува збор за 10 милиони евра, туку стотина милиони и милијарди евра. Јас никој од тие лица чиишто седум имиња ги добив, ни сум видел, ни сум чул. Не постои лична работа. Исто така дестабилизација на Србија би можела да биде во интерес. Тоа се некои од можните причини“, изјави Вучиќ во интервју за ТВ Пинк.
Тој рече информацијата за планираниот атентат ја добил од земја-членка на ЕУ на 14 јануари.
Претходно, српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека информацијата за атентатот ја добиле писмено преку „Европол“ и дека ова не се случува првпат.
„Го пишуваше името Радоје Звицер. Дека тој е на чело на криминалната група, јас не знам, се сомневам во тоа, мислам дека постои некој над Звицер. Но, тоа ќе го покаже истрагата. За мене е најважно да го спречиме атентатот и да го заштитиме животот на претседателот“, рече Брнабиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Џулијани: Пресудата против Додик е политички прогон, напад на човековите права и слободата на говорот

Рудолф Џулијани, поранешен градоначалник на Њујорк, адвокат и пријател на Доналд Трамп, рече дека е јасно дека првостепената пресуда на Судот на Босна и Херцеговина изречена против претседателот на Република Српска е политички прогон.
„Кога ќе ја погледнете пресудата против Додик, која имав можност да ја прочитам, иако не толку детално како што би сакал, бидејќи немав толку време, јасно е дека тоа е дел од политичкиот прогон што го спроведуваат демократите, Бајден и левичарите кои се наклонети кон комунизмот, луѓе кои не ја почитуваат слободата на говорот и постојано го газат, а во исто време ги обвинуваат своите противници дека се неонацисти и фашисти.
А, всушност, токму тие прават фашистички и неонацистички работи“, рече Џулијани, кој во моментот на пресудата на Судот на БиХ против претседателот Додик беше во Република Српска. Како што додава тој, овој случај се однесува на различното толкување на Додик на договорот со кој се регулира позицијата на Република Српска.
Џулијани жестоко го нападна и Стејт департментот поради пресудата против претседателот на Српска. „И тогаш, помалку од 24 часа по пресудата, американскиот Стејт департмент ја поддржа. Не го ни прочитаа како што треба, па ја изразија својата поддршка за Дејтонскиот договор. Ова е класичен пример за тоа што не е во ред со нашата надворешна политика и Стејт департментот со години“, рече Џулијани.
Тој потсети и дека Додик многупати им понудил соработка на сараевските политичари „Тој често бил подготвен да соработува со Сараево, повеќе од некои други српски лидери кои се посилни поборници за независност или обединување со Србија. Затоа што Србите се Срби, нели?
Но, наместо да им ја дадат својата земја, идеолозите на Клинтон кои владеат со Америка и Западна Европа решија да направат проблеми. Наместо да се поделат, тие ставија голем број Срби под контрола на муслиманската влада во ситуација кога дури и процентот на муслимани како мнозинство е сомнителен“, јасен е Џулијани, пренесува Танјуг.
Џулијани додава дека пресудата е напад на човековите права и слободата на говорот. „Ова е уште еден пример за напад врз слободата на говорот и основните човекови права, а Стејт департментот не само што е на погрешна страна, туку може да се смета и за креатор на Босна и Херцеговина, која подоцна стана рај за исламските екстремисти кои убиваа Американци“, рече Џулијани, пренесе РТРС.
Регион
Oсуммина уапсени во Брчко поради трговија со деца: вклучен и Европол

Полицијата на округот Брчко на БиХ уапси осум лица под сомнение дека сториле кривични дела трговија со луѓе, трговија со деца и запуштање или злоупотреба на дете кога вчера во куќа во тој град на крајниот североисточен дел на Босна и Херцеговина беа пронајдени 31 дете на возраст под 12 години.
Портпаролката на окружната полиција, Џевида Хукичевиќ, за новинарите изјави дека истрагата е сложена и вклучува неколку линии на дејствување.
„Во врска со ова, под надзор на односниот обвинител, полициските службеници на окружната полиција им даваат приоритет на сите потребни доказни дејства, при што беше постигната соработка со Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), МУП (на субјектот на БиХ) на Република Српска и МУП на Херцеговина, како и со меѓународната соработка со Европол“, вели таа.
Во меѓувреме, децата се пренесени на безбедно место.
Според медиумите, уапсени се судскиот полицаец и мајка му, како и една жена со италијанско државјанство. Хрватската полиција соопшти дека меѓу пронајдените деца во Брчко шест имале хрватски документи.
Со прелиминарните идентификациски проверки утврдиле дека овие деца не се пријавени за исчезнати во Хрватска. Иако документите што ги придружуваат децата се во согласност со хрватските закони, полицијата ќе преземе дополнителни проверки на автентичноста на документите и идентитетот.
Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина ги повика надлежните органи итно да почнат темелна истрага и да ги гонат одговорните.
„Истовремено, неопходно е да се обезбедат сеопфатна заштита и поддршка на жртвит имајќи го предвид фактот дека се малолетни. Силен одговор од надлежните институции е предуслов за спречување криминални дела од овој тип, но и за заштита на најранливите членови на општеството и зачувување на владеењето на правото“, се наведува во соопштението за печатот на Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина.
Регион
Песков: Пресудата против Додик е политичка

Кремљ ја осуди едногодишната затворска казна што вчера му беше изречена на лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, нарекувајќи го обвинителството против него политичко.
„Прогонот на Додик е целосно политички по природа и е насочен не само против него, туку и против сите патриотски сили“, рече на прес-конференција портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претходно, американскиот Стејт департмент соопшти дека има сознанија за пресудата донесена од Судот на Босна и Херцеговина во средата против лидерот на босанските Срби и изрази противење на преземање чекори што ќе ја поткопаат безбедноста на земјата.
Милорад Додик вчера со првостепена одлука на Судот на БиХ беше осуден на една година затвор, заедно со шестгодишна забрана за политичка активност, поради непочитување на одлуките на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит.
Одбраната на Додик и обвинителството имаат можност да поднесат жалба на оваа одлука, а правните и политичките последици нема да стапат на сила до конечната пресуда.