Македонија
Работните групи на Владите на Северна Македонија и Бугарија ги поставија основите за работа

Во насока на продлабочување на билатералната соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, денеска, во рамките на заедничката седница на двете влади во Софија, се одржаа и одделни состаноци на работните групи утврдени за време на официјалната посета на премиерот Петков на Скопје.
Работната група која ја опфаќа соработката во економијата, енергетиката, финансиите, иновациите и развојот, инвестициите и земјоделството ја договори идната динамика на работата, како и заедничката основа за размена на добри практики и искуства за интензивирање на директна соработка во овие области.
Втората работна група којашто ги вклучува областите транспорт и врски, инфраструктурата, локалната самоуправа и меѓуграничната соработка, како и соработката во областа на информатиката и комуникациите, се поставени определбите за работите на Коридорот 8, како и поврзувањето со другите патни правци по должина на границата на двете земји.
Оваа работна група за свој приоритет го постави воспоставувањето авионска линија Софија-Скопје, како и заложбата колку што може побргу значително да се намали цената на роамингот меѓу двете земји.
За европските интеграции, зелените политики и доброто владеење во третата работна група се поставени основите за поддршка и соработка на европските интеграции на Република Северна Македонија, како и за заеднички иницијативи во проектите опфатени со стратегијата „Зелен договор“ на ЕУ.
Четвртата работна група која во фокусот ги има културата, образованието и науката, туризмот и младите и спортот си постави за задача да бидат преземени чекори од двете страни за изготвување на сеопфатна програма за соработка во овие области.
Денеска состанок одржаа и копретседавачите на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања и го утврдија календарот и динамиката на средбите во 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Молк од државата за барањата за отстранување на новиот хотел на Горица, реагира Фронт 21/42

Законите не важат во Охридскиот регион. Прекршувајќи го и Законот за постапување по претставки и предлози, по претставката со која 25 граѓански организации побараа од премиерот, владата и градоначалникот на Охрид итно спроведување на законите и отстранување на хотелот во Горица – не постапи ниту еден од одговорните, реагираат од Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42.
„На ридот во Горица, на местото на некогашната борова шума макотрпно посадена од локалното население во шеесеттите години на минатиот век, забрзано се гради хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп – со незаконско одобрение за градба, издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без одобрен елаборат; и покрај фактот дека во Планот за управување со светското наследство е посочен како закана; со целосно игнорирање на одлуката на Комитетот за светско наследство, со која уште пред да почне градбата УНЕСКО побара стопирање на активностите и одлуката на Бернската конвенција, со особена загриженост за овој проект; врз основа на урбанистички план кој општината беше должна да го измени“, велат од Здружението.
Од таму велат дека се прекршени Законот за градење, Законот за општа управна постапка, Законот за животна средина, Законот за управување со светското наследство, Законот за инспекциски надзор, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународните договори, Бернската и Конвенцијата на УНЕСКО, а со тоа и на Уставот.
„Долгата листа деновиве се прошири и со прекршување на Законот за постапување по претставки и предлози, од страна на Кабинетот на премиерот, Владата и градоначалникот на Општина Охрид. Имено, ниту една од овие институции не постапи во законскиот рок по претставката со која 25 организации алармираа за беззаконието поврзано со овој хотел и побараа негово отстранување. Од Кабинетот на премиерот информираа дека претставката е проследена до Општина Охрид и МЖСПП, а од Генералниот секретаријат на Владата (во која влегува и МЖСПП) ја проследија до Општина Охрид. И премиерот и Владата целосно ги игнорираа сопствените законски обврски наведени во претставката. Од Општина Охрид, како и многу пати до сега – организациите добија молк“, велат од Фронт 21/42.
Од таму наведуваат дека не изреагирале ниту пратениците, ниту вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, кои добиле копија од претставката.
Од Здружението велат дека случајот уште во март бил поднесен и до Државната комисија за спречување на корупцијата и дека и од таму нема никаква одлука.
Македонија
Од денес до петок – пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Од денес до петок во попладневните и вечерните часови ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со изолирана појава на град, извести УХМР.
Во Скопје, денес во попладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Македонија
Муртезани ја пречека данската министерка за европски прашања: во фокусот проширувањето на ЕУ и планот за раст

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска е домаќин на министерката за европски прашања на Кралството Данска, Мари Бјере.
Средбата се одржа во контекст на подготовките за претстојното данско претседателство со Советот на Европската Унија, кое што започнува на 1 јули годинава. Во фокусот на разговорите и на тет-а-тет средбата и на пленарниот состанок на делегациите, беа европската интеграција на Северна Македонија, приоритетите на Владата, билатералните односи и регионалните и геополитичките случувања.
Министерот Муртезани ја истакна важноста на обновената политичка динамика во рамките на ЕУ, поттикната од промената на институционалното раководство и актуелните геополитички околности, како можност за суштинско враќање на политиката на проширување како стратешки приоритет на Унијата.
Тој посочи дека Северна Македонија останува цврсто посветена на европскиот пат, преку доследна имплементација на Реформската агенда во рамки на Планот за раст на ЕУ, како и преку унапредување на владеењето на правото, ефикасноста на институциите и борбата против корупцијата.
Министерката Бјере ја реафирмираше принципиелната поддршка на Данска за политиката на проширување базирана на заслуги, оценувајќи ги реформските чекори на Северна Македонија како кредибилен сигнал за зрелост и посветеност.
Таа го поздрави усвојувањето на Реформската агенда 2024–2027 и изрази подготвеност за зајакнување на билатералната и експертската соработка во насока на унапредување на административните капацитети и транспарентноста на реформскиот процес. Во светло на приоритетите на претстојното данско претседателство со Советот на Европската Унија, беше нагласено дека во услови на комплексна геополитичка реалност, приоритетите на Претседателството – безбедност, конкурентност и одржливост – добиваат особена тежина. Министерот Муртезани ја поздрави посветеноста на Данска кон унапредувањето на политиката на проширување, особено кон земјите од Западен Балкан, како и поддршката за Украина и зачувувањето на европската безбедност.
Во таа насока, беше оценето дека зелената транзиција, дигиталната трансформација, енергетската безбедност и иновациите се области од заеднички интерес, каде што земјите-кандидати и државите-членки можат да градат подлабока соработка.
Муртезани и Бјере разменија мислења и за одлуката на Европската Унија, Северна Македонија да биде домаќин на Состанокот на лидерите на Западен Балкан, посветен на имплементацијата на Планот за раст, кој наскоро ќе се одржи во Скопје. Соговорниците се согласија дека Самитот, организиран во партнерство со Европската комисија, претставува признание за активната улога на Северна Македонија во процесот на структурирање и реализација на оваа стратешка иницијатива, но и важна можност за размена на искуства и координација на понатамошните чекори кон приближување до единствениот пазар на ЕУ.
Министрите се осврнаа и на неодамнешните посети на високите претставници на Европската Унија и во тој контекст, беше заклучено дека е од клучна важност кредибилитетот на процесот на проширување да се зајакне преку конкретна поддршка, предвидливост и постојан ангажман на институциите и земјите-членки на Унијата, како и активно вклучување на регионот во настани организирани во рамки на Претседателството со Советот на ЕУ.