Македонија
Груби: Оптимист сум за резултатите од посетата во Софија
Во рамките на официјалната посета на Бугарија првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, придружуван од министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, претседаваше со работната група од областа на културата, образованието и науката, туризмот и младите и спортот.
Четвртата работна група, во чиј фокус се културата, образованието и науката, туризмот, како и младите и спортот, реши како задача да преземе чекори од двата плана за изработка на сеопфатна програма за соработка во овие области.

По средбата, Груби го изрази својот оптимизам за позитивната атмосфера и постигнувањето многу заеднички проекти меѓу двете земји.
„Многу позитивна атмосфера и многу топло гостопримство од нашите бугарски колеги и штотуку ја завршивме првата седница на комисијата за култура, образование и наука, млади и спорт и туризам и јас сум огромен оптимист за постигнувањето многу заеднички проекти што ќе ги реализираме во следните месеците, потпишуваме многу меморандуми за соработка меѓу двете страни и ценам дека оваа седница на комисијата, но и пленарната седница што ќе следува, ќе биде успешна и убеден сум во многу оптимистички резултати од нашата посета на Софија“, нагласи Груби.
„Една од работните групи во рамките на меѓувладината соработка со Република Бугарија, која денес почна со работа, е и работната група за образование, култура, наука и млади, со чија седница имав чест да копретседавам заедно со мојот бугарски колега. Ги поставивме заедничките приоритети во овие области, на кои ќе работиме во наредниот период, меѓу кои:
– објавување на огласот за лого и слоган на заедничките владини седници;
– составување заеднични културен календар;
– унапредување на соработката меѓу универзитетите од нашите земји за поатрактивни студиски програми, размена на искуства и можност за практична настава;
– организација на заеднички научни конференции;
– организирање фудбалски натпревар меѓу владините кабинети;
– интензивирање на соработката помеѓу Агенцијата за млади и спорт на нашата земја и Министерството за млади и спорт на Република Бугарија;
– заемно промовирање на атрактивните туристички дестинации и продлабочување на соработката во областа на туризмот како силна предиспозиција на економскиот развој.
Седницата меѓу двете влади во Софија е важен чекор кон решенија од заеднички интерес, кои ќе донесат придобивки за нашите народи и заедничка иднина во Европската Унија“, рече Груби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: За еден час пред Владата ќе започне протест за поголеми плати, нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата
„Со владин авион и парите од граѓаните премиерот бил на Јадранско море. На одмор. Ова е срамна слика за една опиена власт од луксуз, приватен бизнис и тендери“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Додека, како што вели, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата и им крати 40 милиони евра на земјоделците, премиерот се луксузира врз грбот на народот.
„Исто како Груевски, тој купуваше очила од 60 илјади евра и луксузен мерцедес а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да се луксузира со авион.
Пола Влада се шетала со владиниот авион. Главна дестинација- Будимпешта, кај нивниот шеф, Груевски. За еден час, овде, пред Владата ќе започне протест на работниците за поголеми плати, за достоинствен живот.
Нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата и да им одговори: Колку ги чини граѓаните овој луксуз на премиерот со владиниот авион“.
Затоа ли се најавува купување на нов владин авион – за уште повеќе приватни патувања со народни пари, прашува Кузеска.
Македонија
Герасимовски: Јавен повик за Итно копче, брза и иновативна помош за повозрасните жители на Центар
Општина Центар ги повикува сите заинтересирани граѓани да аплицираат за услугата Итно копче, наменета за лица над 65 години, со приоритет за оние кои живеат сами или со брачен другар со нарушена здравствена состојба.
Услугата е наменета за лица со пензија до 35.000 денари и без дијагноза на деменција или Алцхајмерова болест, а може да ја користи само еден член на семејство.

„Со примена на оваа иновативна услуга обезбедуваме брза реакција за повозрасните или изнемоштените лица преку едноставно притискање копче што се наоѓа на уред во форма на алка. Станува збор за технологија која спасува животи и го подобрува квалитетот на живот на повозрасната популација“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Јавниот повик важи од денот на објава до исполнување на капацитетите, при што корисниците ќе се избираат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Документите се доставуваат во Канцеларија на Итно копче, ул. Славе Георгиевски Шнајдер бр.5, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.
Македонија
Перински: Поддршка за локалниот потенцијал – Објавен повик за зголемување на регионалната конкурентност
Министерството за локална самоуправа објави Јавен повик за финансирање на предлог-проекти насочени кон намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година, по одделни мерки и активности за поттикнување рамномерен регионален развој.
Целта на повикот е доделување средства на проекти кои ќе придонесат кон намалување на разликите во степенот на развиеност меѓу регионите, јакнење на регионалната конкурентност и поттикнување на локалниот развој преку искористување на сопствените потенцијали.
Како приоритетни за 2026 година се утврдени следните активности и мерки:
– развој на современа и модерна инфраструктура во планските региони;
– препознавање и искористување на конкурентските предности на планските региони;
– подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти и користење обновливи извори на енергија.
Вкупниот износ на средства предвидени за финансирање на проекти изнесува 74.840.000 денари. Овие средства се предвидени во Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година.
Право на поднесување предлог-проекти имаат: Центрите за развој на планските региони, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, јавните претпријатија и јавните установи основани од државата, од општините, од општините во градот Скопје и од градот Скопје, високообразовните и научни институции и здруженијата.
Рок за поднесување апликации е во текот на 2026 година, односно до искористување на расположливите средства.
Повикот со условите и критериумите е достапен на веб-страницата на Министерството за локална самоуправа на следниот линк.

