Свет
Итингер: Опасноста од недостиг од гас во зима го прави Јужен тек прифатлив

Европа претстојната зима може да почувствува недостиг од гас, предупреди во понеделникот еврокомесарот Гинтер Итингер, откако рано утрото во Киев, Русија и Украина не постигнаа договор, а руски „Газпром“ ги прекина испораките за Украина, преку чиишто гасоводи транзитира рускиот гас за европските потрошувачи, и рече дека Јужен тек е проект кој ЕУ би можела да го прифати.
Европа претстојната зима може да почувствува недостиг од гас, предупреди во понеделникот еврокомесарот Гинтер Итингер, откако рано утрото во Киев, Русија и Украина не постигнаа договор, а руски „Газпром“ ги прекина испораките за Украина, преку чиишто гасоводи транзитира рускиот гас за европските потрошувачи, и рече дека Јужен тек е проект кој ЕУ би можела да го прифати.
„Следните седмици нема да бидат проблематични, ќе ги примаме вообичаените количества гас“, изјави претставникот на Европската комисија за енергетика, Гинтер Итингер, но истакна дека доколку Украина ги исцрпи своите резерви, „ќе има проблеми, доколку следната зима биде остра“, пренесува AFP.
Еврокомесарот за енергетика претходно изјави дека Украина располага со задоволувачки резерви од 12 милијарди кубни метри природен гас, и најави нов круг преговори во јуни со цел да се реши руско-украинскиот гасен спор поради кој „Газпром“ ги намали испораките на гас за соседната земја.
„Украина располага со задоволувачко количество од околу 12 милијарди кубни гас“, и тоа според Итингер би требало да ја поштеди Европа од какви да се рестрикции во испораката на гас за ЕУ преку Украина, пренесува Reuters.
Привремениот украински премиер Арсениј Јаценјук минатиот четврток изјави дека Украина има акумулирано 13,4 милијарди кубни метри гас во своите подземни објекти за резерви. Јаценјук на седница на неговиот кабинет изјави дека за зимскиот период на земјата и’ се неопходни 18,5 милијарди кубни метри гас.
Итингер во понеделникот соопшти дека ќе повика на нови тристрани преговори во јуни и оти е убеден дека Русија ќе ги изврши своите обврски кон Европската унија кога станува збор за испораките на природниот гас.
Рускиот енергетски холдинг „Газпром” соопшти во понеделникот дека ќе продолжи да ги снабдува со природен гас европските потрошувачи во „полн обем”, и го предупреди Брисел дека украинскиот партнер мора да обезбеди гасот за Европа да мине низ Украина и оти поради тоа би можело да дојде до нарушување на испораките. „Гасот за европските потрошувачи се испорачува во полн обем, а од ‘Нафтогаз’ се бара да осигури тој да мине низ гасоводниот систем на земјата“, изјави портпаролот на руски „Газпром”, Сергеј Купријанов, пренесе РИА Новости.
Итингер досега посредуваше во неколкуте кругови од трилатералните преговори меѓу Русија, Украина и Европската унија. Спорот меѓу Русија и Украина околу цената на гасот го комплицираше и прашањето за легалноста, но и оправданоста од изградбата на гасоводот Јужен тек, кој „Газпром“ го гради за директно да испорачува гас до Европа, заобиколувајќи ја Украина.
Итингер досега изјавуваше дека тој проект во сегашната фаза ги прекршува законите, но во понеделникот истакна дека „тоа прашање не е нерешливо“. „Јужен тек е проект кој навистина можеме да го прифатиме“, изјави еврокомесарот за енергетика./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Светските берзи паднаа поради заканата на Трамп за ЕУ

На светските берзи цените на акциите паднаа минатата недела бидејќи инвеститорите беа загрижени за намалувањето на кредитниот рејтинг на САД, а на пазарите негативно влијаеа и новите закани на Вашингтон за зголемување на царините за увозот од Европската унија.
На Волстрит минатата недела, Dow Jones се лизна за 2,5 отсто, на 41.603 поени, додека S&P 500 падна за 2,6 отсто, на 5.802 поени, а индексот Nasdaq 2,5 отсто, на 18.737 поени.
Од самиот почеток на неделата индексите беа во минус бидејќи агенцијата Мудис го намали кредитниот рејтинг на САД од Ааа на Аа1 поради големиот дефицит на федералниот буџет, високите финансиски трошоци и планираните даночни намалувања.
Јавниот долг на САД е околу 36.200 милијарди долари, а може да се зголеми за уште 3.800 милијарди во следните десет години бидејќи претседателот на САД Доналд Трамп има намера да ги намали даноците. Поради ова, приносите на државните обврзници значително се зголемија, што значи дека владата мора да се задолжува по повисока цена.
Намалувањето на даноците веројатно би ја стимулирало потрошувачката и би го поддржало економскиот раст, но од друга страна, јавниот долг би се зголемил доколку не се намалат државните трошоци. И намалувањето на федералните трошоци, што е еден од приоритетите на Трамп, не оди толку глатко како што најави претседателот. Освен тоа, се чини дека проектот не е доволно добро подготвен.
Сепак, на крајот на неделата, приносите на обврзниците донекаде се стабилизираа, откако Претставничкиот дом на Конгресот тесно го поддржа предлог-законот на Трамп за даночни намалувања, па се уште се чека поддршката од Сенатот.
Но, во петокот, Трамп повторно ги потресе пазарите заканувајќи ѝ се на Европската унија со царини од 50 отсто од 1 јуни, бидејќи не е задоволен од тоа како напредуваат трговските разговори меѓу САД и ЕУ.
И на повеќето европски берзи цените на акциите паднаа минатата недела. Додуша, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,4 отсто, на 8.717 поени, но франкфуртски DAX се лизна за 0,6 отсто, на 23.629 поени, а париски CAC 1,9 отсто, на 7.734 поени.
Економија
Макрон: Албанија за 2 години ќе биде во ЕУ, дојдете и инвестирајте

Францускиот претседател Емануел Макрон од Тирана упати силна порака до странските инвеститори, повикувајќи ги да дојдат и да вложуваат во Албанија, за која изрази убеденост дека „за две години ќе биде дел од Европската унија“.
Изјавата беше дадена на економскиот форум „Приоритет Европа“, организиран од Институтот „Иницијатива за идни инвестиции“ на Ричард Атијас, кој има за цел да ги поврзе европските лидери и иноватори со големи инвестициски фондови од Блискиот Исток, Азија и САД.
„Албанија е влезна точка за регионот на Балканот и медитеранскиот басен. Европа е стабилно и доверливо место. Во овој луд свет, да не ја потценуваме силата на таквите квалитети“, порача Макрон.
Тој додаде дека премиерот Еди Рама има јасен мандат и посветеност Албанија да ја внесе во ЕУ до 2027 година, а според Макрон, тоа би можело да се случи дури и порано – за две години.
Премиерот Рама, пак, изјави дека неговата земја ги започна преговорите со Европската Унија во 2022 година и дека ако ги завршат сите задачи добро, ќе може да ги затворат преговорите до 2027 година. Ова според Рама би било навистина неверојатно.
Свет
Пресврт во трговската војна – САД побараа разговори со Кина

Соединетите Американски Држави се обратија до Кина за да побараат разговори за царините од 145 проценти што ги воведе претседателот Доналд Трамп, а вратата на Пекинг е отворена за разговори, соопшти утрово кинеското Министерство за трговија сигнализирајќи потенцијално ублажување на трговската војна.
„САД треба да бидат подготвени да преземат мерки за да ги исправат погрешните практики и да ги откажат едностраните царини“, соопшти Министерството за трговија додавајќи дека Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите.
„Обидот да се искористи разговорот како изговор за принуда и изнуда нема да функционира“, соопшти Министерството за трговија.
Пекинг отворено го изрази својот гнев поради царините за кои вели дека не може да го запрат подемот на втората по големина економија во светот. Тој го фокусира својот гнев на поттикнување на јавната и глобалната осуда на американските ограничувања за увоз.
„Кина сака да се сретне и да разговара за трговија, а разговорите ќе следуваат набргу“, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио за „Фокс њуз“.
„Нашиот министер за финансии Скот Бесент е вклучен во овие напори и нивните дискусии ќе следуваат набргу“, рече тој додавајќи дека прашањето е колку САД треба да купуваат од Кина во иднина.
Трамп завчера изјави дека верува оти постои многу голема шанса неговата администрација да постигне договор со Кина.
Тој го изјави ова неколку часа откога кинескиот претседател Шји Џјинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за приспособување кон промените во меѓународната средина, без конкретно да ги спомене САД.