Свет
СЗО предупредува: Голема количина медицински отпад останува од короната – ракавици, тестови, шприцови, игли
Отфрлените хируршки ракавици, користените тестови на Ковид-19, шишенцата со вакцини, шприцовите, иглите… создадоа десетици илјади тони отпад.
Светската здравствена организација упати апел по тој повод, но и предупредување, бидејќи се работи за медицински отпад, кој во најголем број случаи може да биде заразен бидејќи коронавирусот опстојува на разни површини.
Освен што здравствените работници, кои први ракуваат со него, може да се заразат со него, во голема опасност се и жителите на областите каде што се фрла отпадот. Посебен проблем се животните што ги посетуваат депониите, па постои огромна опасност пандемијата да продолжи да се шири.
Во извештајот на СЗО се наведува дека сите земји се повикани итно да го решат овој проблем, а еден од предлозите е да се префрли на употреба на материјали што може да се рециклираат или повторно да се користат.
Се проценува дека само од првото ниво на лична заштита создадени се приближно 87.000 тони опасен отпад, проследено со речиси 140 милиони тестови, 2.600 тони пластичен отпад предизвикан од короната и онолку хемиски отпад колку што би се пополнила третина од Олимпискиот базен.
Исто така, околу осум милијарди дози вакцини дадени во светот се претворени во 144.000 тони отпад во форма на шприцови, игли, шишиња…
Во извештајот на СЗО не е прецизирано каде точно завршил најголемиот отпад, односно која депонија со медицински отпад е најкритична, но во некои делови се споменуваат Индија и Мадагаскар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

