Регион
Милановиќ: Србите нека живеат во илузија за Дубровник
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, денеска, во Дубровник изјави дека во Србија постои постојано културно присвојување кон дубровничката литература,
Коментирајќи го српскиот Закон за културното наследство, во кој се вели дека дубровничката литература припаѓа и на српското и на хрватското наследство, Милановиќ рече дека дубровничката литература и култура не може да се одземат.
„Ние сме безбедни. Да се гордееме што некој сака, а не може. Изедначувањето на Србите со дубровничката литература и историја не е ништо. Нека живеат во илузија. Не се обидуваме да го присвоиме Стефан Лазаревиќ или Стеван Дечански. Бидете ладни, малку арогантни“, изјави Милановиќ, кој престојува во Дубровник по повод празникот Свети Блаз и Денот на градот.
Тој потсети дека многу Хрвати доаѓаат од БиХ со својот идентитет, каде што, како што наведе, се случува она што не е добро, ниту води кон добро.
„Со години слушавме туѓи прекори, ултиматуми, желби и поздрави и трпеливо и кротко си ја работевме работата. И сега, целосно свесни за тоа кои сме, имаме право да поставуваме цивилизирани барања и да го изразиме својот став. Оној што не е подготвен за тоа, не ја користи државата како што треба“, рече Милановиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Голема полициска акција во Далмација: уапсени неколку лица
Апсења на територијата на Сплитско-далматинската жупанија, јавуваат хрвтаските медиуми.
Според објавеното, акцијата и спроведувањето се резултат на кривична истрага спроведена од Сплитско-далматинската полиција по налог на УСКОК.
„Споменатите дејства се вршат на територијата на Сплитско-далматинската жупанија во врска со повеќе лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против правосудството. По распитот на осомничените, УСКОК ќе донесе одлука за понатамошно постапување во предметниот случај за што навремено ќе ја информираат јавноста“, додаваат од таму.
За апсењата објави и полицијата, пренесува „Индекс.хр“.
„Полициски службеници на Сплитско-далматинската полиција, Службата за организиран криминал, во координација со Канцеларијата за сузбивање корупција и организиран криминал (УСКОК), рано утринава почнаа со реализација на кривична истрага поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело против судството“.
„Истрагата опфаќа неколку лица. Во текот на денот ќе се спроведат итни доказни дејства, а по завршување на истрагата, полициската управа ќе поднесе кривична пријава до Управата за сузбивање корупција и организиран криминал“, соопштија од полицијата.
Регион
Две лица пронајдени мртви во пожар во Грција
Две лица се пронајдени мртви во шумски пожар што беснее неконтролирано во планинска област во централната грчка провинција Коринт, предизвикан од силните ветрови, соопштија грчките власти.
Стотици пожарникари и девет авиони се борат со пожарот што избувна во неделата во близина на крајбрежниот град Ксилокастро на полуостровот Пелопонез, на околу 120 километри западно од Атина. Поради пожарот, неколку села се евакуирани.
Портпаролката на грчката полиција, Константина Димоглиду, рече дека пронајдените тела се изгорени и дека се потребни лабораториски тестови за нивно идентификување.
Грчкото Министерство за цивилна заштита соопшти дека е отворена истрага за случајот.
Грција се соочи со најжешкото лето оваа година по најжешката зима досега, при што големи области добија малку или воопшто немаше дожд.
Регион
Партијата на Ѓукановиќ освои најмногу гласови на локалните избори во Црна Гора
Демократската партија на социјалистите (ДПС) освои 29,9 отсто од гласовите или 19 пратенички места на локалните избори во Подгорица и, веројатно, е најсилната политичка партија во парламентот во главниот град на Црна Гора.
Од друга страна, коалицијата „Движење Европа“, сега на премиерот Милојко Спаиќ, и Демократска Црна Гора на Алексе Бечиќ освоија 21,8 отсто од гласовите и освоија 14 мандати, просрпската коалиција „За иднината на Подгорица“, предводена од Андрија Мандиќ, освои 20,2 отсто од гласовите или 13 мандати, а коалицијата на претседателот Јаков Милатовиќ и на поранешниот премиер Дритан Абазовиќ, „За подобра Подгорица“, освои 10,5 отсто од поддршката или шест мандати.
На вонредните избори во Подгорица гласале 56,4 отсто од избирачите, значително помалку од 2022 година кога на гласање излегле речиси 70 отсто од гласачите. За моќ во Подгорица е потребно мнозинство од 30 претставници во парламентот на главниот град.
Политичкиот аналитичар Милош Бешиќ за ТВ „Вјести“ изјави дека само Демократската партија на социјалистите на поранешниот претседател Мило Ѓукановиќ има причина да биде задоволна по локалните избори во Подгорица.
„По губењето на власта во 2020 година, тие ја зачуваа организацијата и продолжија со сериозна партиска работа. Нивната кампања се сведе на теренска работа и даде резултати. Единствената партија што може да биде задоволна од изборниот резултат е ДПС“, рече Бешиќ.
И покрај тоа, тој истакна дека коалицијата на Јаков Милатовиќ и Дритан Абазовиќ, „За подобра Подгорица“, ќе ја има т.н. позиција тежина на вагата.
Бешиќ смета дека оваа коалиција ќе ја бара функцијата градоначалник на Подгорица и дека договорот првин ќе им биде понуден на Спаиќ и Мандиќ, но не ја исклучува можноста за договор со ДПС.
Вонредните избори во Подгорица беа распишани на крајот на јули откога претходно му беше скратен мандатот на локалниот парламент.