Македонија
Заокружен проектот за снимање со мобилните камери наменети за сообраќајната и граничната полиција

Денеска, во кругот на Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај во Петровец министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со Ерик Мејер, вршител на работите во Амбасадата на САД, присуствува на заокружувањето на проектот за снимање со мобилните камери наменети за единиците за сообраќај и Одделот за гранични работи.
„Имам можност да ве информирам за заокружувањето на проектот ‘Мобилен систем за снимање со камери’, поставени на полициските службеници што вршат контрола и регулирање на сообраќајот, што претставува уште една важна и вредна донација од еден милион и шеест и една илјада американски долари, проект на ИЦИТАП-програмата на Одделот за правда на владата на нашите пријатели Соединетите Американски Држави, наменета за единиците за сообраќај и за Одделот за гранични работи“, рече министерот Спасовски.
Тој образложи дека примената на овој систем почна во 2016 година во Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата овде во Петровец, каде што првично беа набавени 17 камери од страна на ИЦИТАП, по што продолживме во континуитет со опремување на единиците за сообраќај во другите СВР во земјата.
„Мобилниот систем за снимање значи целосно опремување со вкупно 593 камери на сите сектори за внатрешни работи, односно на единиците за безбедност на сообраќајот и Одделот за гранични работи, фундиран врз исто така веќе воспоставената информационо-софтверска инфраструктура за нивно непречено и квалитетно работење преку мноогубројни обуки и стручни едукации на полициските службеници“, потенцира Спасовски.
Истакна дека станува збор за проект што има суштинско место во стратешкиот план на Бирото за јавна безбедност при МВР – во делот на сообраќајот, односно сообраќајните работи, чија имплементација е поткрепена и нормативно преку Законот за полицијата и оперативно преку веќе постојните стандардни оперативни процедури за работење, што со себе носи бенефит што многу значати за нас како полиција и за граѓаните како учесници во сообраќајот и дека впрочем со мобилниот систем за снимање не само што ќе се добие на квалитет во документацијата на прекршоците туку истовремено ќе се подигне квалитетот квалитетот на полициското постапување, неговата професионалност и транспарентност.
Вршителот на работите во Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, Ерик Мејер, потенцира дека мобилните камери претставуваат еден од најзначајните новитети во полициската работа во последниот век и успешното користење на мобилните камери бара искрена посветеност од сите фактори.
„Ставањето во употреба на мобилните камери имаше позитивен ефект на односот меѓу сообраќајната полиција и граѓаните што беа запирани за сообраќајни прекршоци. Бројот на поднесени жалби против полициски службеници беше значително намален и спроведената електронска анкета од 2021 година покажа повисоко ниво на сатисфакција и кај двете страни – и кај полициските службеници и кај граѓаните. Оваа година преку ИЦИТАП ја проширивме нашата поддршка за секторите за внатрешни работи во Тетово, Охрид, Куманово, Скопје, Велес, Битола, Штип и во Струмица, како и за Одделот за гранични работи и миграции, со донирање 593 камери. Впрочем, мобилните камери се веќе ставени во функција тука во Скопје, Тетово, Куманово, Охрид, на пет гранични премини, како и во Мобилната единица за компензаторски мерки, а до крајот на овој месец ќе почне употребата и во Велес, Битола, Штип и во Струмица“, потенцира Мејер.
Тој додаде дека Амбасадата на САД останува силен партнер на Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе остане посветена во поддршка и професионализација на полицијата, како и нејзината отчетност пред своите граѓани и изрази силно уверување дека оваа алатка уште повеќе ќе ја зголеми довербата меѓу граѓаните и органите за спроведување на законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Побаран притвор за четири лица за пожарот на отпадот во Трубарево

Основното јавно обвинителство Скопје, по анализа на сите докази прибрани во предистрагата до овој момент, денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири физички и едно правно лице за кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад.
Обвинителството издаде наредби за дејствија и проверки со кои обезбеди докази кои даваат основано сомнение дека првиот осомничен, иако формално не бил запишан како управител на правниот субјект во кој непрописно се складирал отпадот, сепак реално настапувал и преземал правни дејствија во односите со трети лица. Како управител на друго правно лице, тој го избирал правниот субјект каде формален управител била неговата ќерка како мнозински коминтент за складирање на отпад, го организирал целокупното работење и ги извршувал одлуките околу работењето, а оттука имал и обврска да се грижи за законитоста на работењето на друштвото и подружницата за рециклирање.
Затоа во истрагата се опфатени тој и неговата ќерка, како соизвршители кои постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на прописите за заштита на животната средина вршеле повеќекратно оставање, фрлање, собирање и транспортирање на една или повеќе поврзани пратки од отпадоци и остатоци од електронска и електрична опрема, отпадни батерии и акумулатори и отпадни тонери, како опасен отпад. Отпадот го складирале на катастарска парцела во Трубарево и со тоа предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата и воздухот односно предизвикале опасност за животот и здравјето на луѓето во поголеми размери.
Третиот осомничен е овластено лице – раководител на подружница, кој постапувал по насоките на првиот осомничен и ги распоредувал работните задачи на вработените при складирањето и обработката на електричниот отпад.
Четвртиот осомничен, иако немал формален акт за засновање на работен однос во правниот субјект, сепак преземал дејствија со кои го организирал понатамошното одлагање на електронскиот отпад. Тој го примал, складирал, сортирал и механички обработувал и електричниот отпад надвор од објектите за кои била издадена дозвола за управување со отпад.
На 13 септември, објектот со непрописно складиран отпад се запалил. Поради обемот и опасноста, пожарот не можел да се стави под контрола и зафатил најголем дел од складираниот електричен отпад како и објектите на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвикало масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух. Како последица на тоа, со извршените мерења на Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на Армијата на РС Македонија и на Државниот инспекторат за животна средина утврдена е висока загаденост.
Имајќи ги предвид дејствијата на осомничените и ризиците за постапката, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен, додека за останатите тројца побарано е определување куќен притвор.
Во исто време, продолжува да се испитува потенцијална одговорност и на други лица, а јавниот обвинител издава наредби за обезбедување докази по кои постапуваат надлежните органи.
Македонија
СДСМ: Советници открија дива депонија во Илинден, наместо расчистување, добија закани од власта

Кандидати за советници од редовите на СДСМ и Коалицијата денеска наутро алармираа за постоење на дива депонија во с. Миладиновци, општина Илинден, и предупредија дека постои сериозен ризик ситуацијата со загадувањето од Дрисла и Вардариште да се прошири и во овој регион.
Советниците објавија видеа и фотографии на своите профили на социјалните мрежи, а доказите ги доставиле и до директорот на Јавното комунално претпријатие во Илинден, Борче Мицановски со барање за итна интервенција.
„Наместо брза реакција, расчистување на депонијата и обезбедување на просторот, директорот на јавното претпријатие, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, се заканил на кандидатите за советници дека ќе ги пријави за „намерно потпалување“ на депонијата. Овој скандалозен однос е јасен доказ за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ но и на стравот дека ќе бидат казнети од граѓаните. Наместо да ги заштитат граѓаните и нивното здравје, наместо да работат и веднаш да преземат мерки во ВМРО-ДПМНЕ мислат дека со закани и обвинувања некого ќе замолчат или дека ќе побегнат од одговорноста. Ниту СДСМ ниту кандидатите за советници нема да молчат, гласно ќе зборуваат за неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ во Илинден и ќе бараат решенија“, велат од партијата.
Македонија
Утре сончево време со температура до 30 степени

Времето утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени.
Во Скопје, сончево, со слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 30 степенiи.
Продолжува периодот на претежно сончево време со посвежи утра и постепен пораст на дневната температура.