Спорт
Ѓоковиќ на прием кај српскиот претседател: За 7 до 10 дена ќе раскажам што се случи во Мелбурн
Српскиот претседател Александар Вучиќ, претпладнево го прими најдобриот светски тенисер, Новак Ѓоковиќ.
Посетата на Ѓоковиќ предизвика голем медиумски интерес, како што рече Вучуќ, невиден досега.
Ѓоковиќ му се заблагодари на Вучиќ, на државата Србија и на сите граѓани во земјата и странство кои му пружиле поддршка во деновите пред Австралија опен, на кој не учествуваше бидејќи властите не му дозволија да влезе во земјата.
„Ги имам примено сите државници во светот, од американскиот претседател до Путин, сите европски лидери, вакво нешто не сум видел, толку голема заинтересираност, новинари стојат во три-четири реда. Вакво нешто не се случило, а 10 години сум на разни функции во власта. Ова само говори колкава ѕвезда сте и што претставувате за нашиот народ“, рече Вучиќ.
„Постои една работа која предизвикува восхит и која е непроценлива. Новак и јас се слушнавме првото или второто утро во Австралија, попатно само му кажав, а потоа замолчев – Ајде Новак, враќај се назад, што бараш таму. Потоа видов дека човекот е упорен да се бори во спортската арена, дека сака да се избори не само за себе, туку и за својата земја и да покаже колку е подобар од сите“, рече српскиот претседател и потенцира дека државата ќе даде поголем придонес во развојот на тенисот.
„Вие како претседател на Србија и државата Србија воопшто немавте обврска да го направите тоа што го направивте, чувствувам благодарност што застанавме зад мене, што себеси се ставивте во компромитирачка политичка положба. Поради тоа многу сум ви благодарен“, рече Ѓоковиќ.
Најдобриот светски тенисер на медиумите им откри дека за седум до 10 дена ќе ја раскаже својата верзија за се она што му се случи во Мелбурн.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Ѓоковиќ: Разни „стручњаци“ ме испратија во пензија, им благодарам на тоа
Новак Ѓоковиќ, в недела ќе се бори за 11-та титула на Австралија Опен. Десеткратниот шампион во Мелбурн, во полуфиналето, во спектакуларен меч го победи бранителот на трофејот, Јаник Синер со 3:2 (3:6, 6:3, 4:6, 6:4, 6:4) за четири часа и девет минути игра.
„Никогаш не престанав да верувам во себе. Многу луѓе се сомневаа во мене. Гледам дека одеднаш се појавија многу „стручњаци“ кои сакаа да ме пензионираат или веќе го направија тоа неколку пати во последните години“, рече Ѓоковиќ и додаде:
„Сакам да им се заблагодарам затоа што ми дадоа сила и мотивација да им го докажам спротивното. Ова не е изненадување за мене. Знам на што сум способен“, рече Ѓоковиќ.
Неговиот настап прптив Синер, особено беше импресивен во петтиот сет, кога спаси осум брејк топки. Во текот на мечот Ѓоковиќ спаси 16 од 18-те топки за брејк.
Противник во финалето в недела ќе му биде Карлос Алкараз.
Foto/ depositphotos
Спорт
Заврши сезоната за Џек Грилиш
Џек Грилиш, еден од најдобрите играчи на Евертон ја заврши сезоната.
Како што стојат работите, Грилиш ќе мора да се подложи на операција поради фрактура на стапалото. Со ова паднаа во вода сите надежи дека би можел да добие повик од Томас Тухел за настап на Светското првенство.
Менаџерот на Евертон, Дејвид Мојес, ја потврди веста.
„Веруваме дека на Џек му треба операција. Иако сè уште не е 100 проценти потврдено, повредата веројатно ќе го држи надвор од терените до крајот на сезоната“, рече Мојес.
Откако пристигна на позајмица во Евертон, Грилиш повторно почна да игра како во времето кога беше играч на Астон Вила. Сезонава дресот на Евертон го носи како позајмен играч од Манчестер Сити.
Foto/ depositphotos
Спорт
Данска ќе се бори за европската титула
Данската ракометна репрезентација ќе игра во финалето на Европското првенство против Германија, откако во второто полуфинале во Хернинг го победи Исланд со 31:28 (14:14).
Данците, в недела ќе се борат за третото европско злато, исто како и Германците.
Данска последен пат беше европски шампион во 2012 година во Белград, оттогаш двапати беше во финалето и двапати загуби од Франција (2014 и 2024).
Тимот предводен од Николај Јакобсен од клупата ги освои последните четири светски првенства и е актуелен олимписки шампион.
Во натпреварот против Исланд, Данците го скршија отпорот на својот ривал во второто полувреме, откако првиот дел беше израмнет.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше незапирливиот Матијас Гидсел, најдобриот ракометар во светот, со седум гола од исто толку обиди.
Веднаш зад него по ефикасност беше Јохан Хансен со шест гола (седум шута), додека Симон Питлик постигна пет.
Во поразениот тим, Јанус Даги Смарасон и Ори Фрајр Поркесон беа најдобри со по седум гола. Омар Инги Магнусон постигна шест.
Финалето ќе се одигра во недела од 18 часот, претходно во 15.15 часот ќе се одигра натпреварот за третото место.
Foto/ EPA

