Свет
(Видео) Невреме со обилни врнежи од снег и мраз предизвика хаос во Америка
Силна зимска бура ги погоди централниот и североисточниот дел на САД, проследена со обилни врнежи од снег и мраз.
Невремето предизвика колапс во сообраќајот и доведе до затворање училишта во неколку американски држави, а илјадници луѓе останаа без струја.
Предупредувањата за зимска и ледена бура се во сила во поголемиот дел од Америка, од Тексас до Среден Запад и Нова Англија, соопшти Националната метеоролошка служба.
Повеќе од 100 милиони жители во најмалку 25 држави се предупредени за временските непогоди.
Снегот, според најавата на метеоролозите, ќе биде проследен со ветрови до 56 километри на час, што би можело значително да ја намали видливоста на патиштата, пренесуваат тамошните медиуми.
Невремето предизвика хаос и во авиосообраќајот. До средината на денот повеќе од 4.000 лета беа откажани, според веб-страницата „Флајтавер“. Само на аеродромот во Далас, Тексас, откажани се околу 2.000 лета.
Делови од Тексас, Арканзас, Кентаки и Тенеси беа погодени од опасна ледена бура. На некои места може да се формира повеќе од еден сантиметар мраз, што може да доведе до прекин на електричната енергија и опасни услови на патиштата, предупреди метеоролошката служба.
Сè ќе замрзне во текот на ноќта поради што постои можност на патиштата да има тенки слоеви мраз, што е многу тешко забележливо“, објави Секретаријатот за сообраќај на државата Арканзас на „Твитер“ .
Повеќе од 220.000 дома и продавници во Тексас, Арканзас, Мисисипи и Тенеси се без струја.
Училишните области во неколку држави, вклучително и Тексас, Мичиген и Охајо, ги откажаа часовите во четвртокот.
Поради невремето, температурите на повеќе места во наредните денови ќе бидат екстремно ниски – понекогаш и до 6 степени под просекот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Земјите-членки на Одборот за мир ќе обезбедат повеќе од пет милијарди долари за Појасот Газа
Претседателот на САД, Доналд Трамп најави дека земјите-членки на новоформираниот Одбор за мир на првиот состанок в четврток же издвојат повеќе од пет милијарди долари помош за обнова на Појасот Газа.
Трамп на својата социјална мрежа „Трут соушл“ објави дека земјите-членки ветиле дека ќе испратат илјадници сили за стабилизација, одобрени од Обединетите нации и локалната полиција во палестинската енклава.
Тој наведе и дека првиот „формален состанок на групата“, ќе се одржи во Институтот за мир „Доналд Џ. Трамп“, кој Стејт департментот неодамна го преименува по претседателот.
Се очекува да присуствуваат делегации од повеќе од 20 земји, како и шефови на држави.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.

