Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ склучила 811 договори на дело во Тетово, во услови кога општината е задолжена

СДСМ и ДУИ се одлично воиграни кога се работи за злоупотреби и трошење народни пари за партиски и лични интереси. Ако не е некоја злоупотреба со наместен тендер, тогаш тоа е оптоварување на општинскиот буџет со голем број договори на дело, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„За тоа како функционираат општините под власта на ДУИ и СДСМ показател е последниот случај со општина Тетово. Општина Тетово во 2021 година под раководство на Теута Арифи од ДУИ/СДСМ, склучила дури 811 договори на дело. Веројатно олку голем број вака ангажирани лица нема ни во Берлин или Париз, ама затоа една од најзадолжените општини во Македонија ангажирала лица под договор на дело и покрај тоа што во општината има превработеност.
Општината Тетово наместо за проекти во интерес на граѓаните одвојувала месечно по 5.000 до 25.000 денари по човек, за кои нема информација какви ангажмани имале. Во исто време кога во Тетово нема вода, кога не се собира сметот, кога нема асфалтирање на улици, изградби на градинки и училишта да се трошат милиони годишно за спорни договори на дело е крајно недомаќински и неодговорно.
Но тоа е матрицата на ДУИ и на СДСМ. Тие го гледаат буџетот како извор за задоволување на партиските интереси и лично богатење, на сметка на грбот на народот“, велат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се’ уште гори кај Јасен, активни пожари на четири локации низ Македонија

Денес до 18 часот се регистрирани вкупно 10 пожари на отворен простор. Од нив, четири се активни и моментално се гаснат, додека шест се целосно изгаснати.
Активните пожари се лоцирани во различни делови на земјата. Еден од нив е во Националниот Парк Јасен во општина Македонски Брод, каде што гори мешана шума. Друг пожар е пријавен во село Теарце, општина Теарце, каде што се гори ниска вегетација. Во општина Сарај, во село Радуша, исто така се активни пожари кои зафаќаат сува трева и мешана шума. Четвртиот активен пожар е во општина Кичево, на потегот помеѓу селата Челопејци и Миокази, каде исто така гори мешана шума, соопшти Центарот за управување со кризи.
Надлежните служби постојано апелираат до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и забрани за палење оган на отворен простор, со цел да се спречи ширење на пожарите и да се заштитат природните ресурси.
Македонија
Најмногу туристи ни дојдоа од Турција во јуни

Според податоците од Државниот завод за статистика, во јуни годинава во земјата биле регистрирани вкупно 126.415 туристи, од кои 20,1 отсто се домашни, а 79,9 проценти странски туристи.
Од странските туристи кои ја посетиле земјата во јуни 2025 година, најмногу дошле од Турција – вкупно 34.366 лица, следат Србија со 8.897, Германија со 8.011 и Холандија со 3.604 туристи.
Во периодот јануари – јуни 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 13,5%, со намалување од 2,5% кај домашните туристи и зголемување од 19,7% кај странските туристи. Вкупниот број на ноќевања во првото полугодие се зголемил за 8,5%, при што кај домашните има мало намалување од 1,1%, а кај странските зголемување од 13,3%.
Македонија
Забрана за нови вработувања, поткуп, користење државен имот за кампања – ДКСК потсетува на забраните од денот на распишувањето на изборите

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) информира дека во периодот од распишувањето на локалните избори во 2025 година до конституирањето на советите на општините и Градот Скопје важат специфични забрани и мерки.
Нови инвестиции и вонредни исплати од буџетот не смее да почнат или се извршат, освен ако претходно се обезбедени средства во согласност со законот.
Забрането е почнување постапки за нови вработувања или престанок на работен однос во државните и во јавните институции, освен во итни случаи.
Политичките партии и кандидатите не смее да користат противправни или анонимни извори на финансирање.
Државниот имот и буџетските средства не смее да се користат за изборна кампања или финансирање политички активности.
Поткупот на избирачи и давањето или ветувањето подарок за гласање е строго забрането.
Во периодот од 20 дена пред изборната кампања до нејзиното завршување не смее да се одржуваат јавни настани поврзани со изградба или пуштање во употреба објекти со државни средства.
Министерството за финансии е задолжено да ги објавува сите буџетски исплати во изборниот период, освен редовни плати, пензии и комунални трошоци.
Јавните фондови, претпријатијата и другите субјекти со државен капитал треба да достават податоци за моторните возила до ДКСК во рок од десет дена од распишувањето на изборите.
Користењето службени простории, опрема и возила за изборни активности е забрането.
Забранети се притисокот и заплашувањето гласачи и нивните блиски лица.
ДКСК ќе ја следи законитоста на изборниот процес и ќе презема мерки при сомневање за прекршување на законите.
Во изборниот период Комисијата нема надлежност да дава мислења по барања поврзани со постапките на државните и на локалните органи.
ДКСК ги повикува медиумите, здруженијата на граѓани и јавноста да пријавуваат прекршувања на забраните предвидени во законот.