Свет
Франција набргу ги укинува маските и во затворено

Од 28 февруари носењето маска за лице во Франција повеќе нема да биде задолжително во затворени простории, каде што се бара сертификат за вакцинација, освен во јавниот превоз, соопшти Министерството за здравство истакнувајќи дека здравствената состојба е подобрена.
„Потврдата за вакцинација ни овозможува во ситуации, каде што епидемискиот притисок значително опаднал, да ја укинеме обврската за носење маска во институциите што примаат повеќе луѓе, како што правевме пред овој бран“, рече министерот за здравство, Оливие Веран, за АФП.
Носењето маска, што повеќе не е задолжително на отворено од 2 февруари, повеќе нема да биде задолжително во затворени простории за кои е потребен сертификат за вакцинација, односно во забавни објекти, ресторани, барови, саеми и слично.
Но, тоа сепак ќе биде задолжително во јавниот превоз и на места каде што не е потребен сертификат за вакцинација, се вели во соопштението на Министерството.
Втората отстапка, која веројатно ќе биде кон крајот на месецот, се однесува на системот за следење луѓе што биле во контакт со позитивно лице: тие ќе треба да направат само еден тест во иднина, не повеќе од три дена откога ќе бидат информирани дека биле во контакт со заразено лице.
А здравствениот протокол во училиштата треба да биде помалку строг по двонеделниот прекин, кој, во зависност од провинцијата, трае од 12 февруари до 7 март, со укинување на маската кога часот по физичко образование се одржува на отворено, соопшти Министерството за образование. А бројот на самотестови за ученици што биле во контакт со заразено лице од 28 февруари ќе се намали од три на еден ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин: Цела Украина е наша

Претседателот на Русија, Владимир Путин, изјави дека Русија не бара капитулација на Украина, туку признавање на реалноста „утврдена на терен“. Тој ова го кажа на пленарната сесија на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург.
Путин ја повтори својата теза дека ги смета Русите и Украинците за еден народ и изнесе територијална претензија:
„Верувам дека рускиот и украинскиот народ се еден. Во оваа смисла, цела Украина е наша. Каде и да стапне руски војник, таа е наша“.
Рускиот претседател рече дека Русија никогаш не се сомневала во правото на Украина на суверенитет, но, исто така, дека Украина била неутрална држава за време на прогласувањето на независноста во 1991 година.
Тој тврди дека Русија е принудена да воспостави безбедносна зона по должината на границата со Украина, пренесува „Ројтерс“.
Путин рече дека не го исклучува заземањето на украинскиот регион Суми. Во својот говор, тој, исто така, рече дека украинските сили извршиле злосторства против цивилното население за време на заземањето на рускиот Курски регион.
Тој ги оправда руските воени дејствија со постојаните напади на украинската армија врз граничните области на Русија: „Зошто го правиме ова? Затоа што тие претставуваат закана за нас. Тие постојано ги гранатираат граничните области. Ова е резултат на нивните, според мене, апсолутно неписмени и целосно неоправдани потези“.
Тој, исто така, предупреди за можна употреба на нуклеарно оружје против Русија, велејќи дека тоа би бил крај за оние што ќе го пробаат тоа.
„Употребата на нуклеарно оружје против Русија би била последната грешка на Киев“, рече тој, без да прецизира врз основа на што проценил дека таква можност постои.
За потсетување, Путин започна целосна инвазија на Украина кон крајот на февруари 2022 година, започнувајќи ја најголемата војна во Европа од Втората светска војна. Инвазијата следеше по години дестабилизација и хибридно војување во источна Украина и нелегалната анексија на Крим во 2014 година, но целосната агресија – со копнени сили, ракетни напади и воздушни напади на повеќе фронтови – означи драматична ескалација на конфликтот.
Оттогаш, десетици украински градови и села се срамнети со земја, вклучувајќи ги Мариупол, Бахмут, Северодонецк, Авдиевка и многу населби во регионите Харков, Херсон и Запорожје. Илјадници цивили се убиени, а милиони се принудени да бегаат.
Руските сили континуирано гранатираат цивилна инфраструктура, вклучувајќи болници, станбени згради, училишта, електроенергетскиот систем и засолништата, и покрај конвенциите на меѓународното хуманитарно право. Обединетите нации и бројни меѓународни организации документираат бројни воени злосторства, вклучувајќи напади врз цивили, тортура, силување и присилно преместување на деца од окупирани територии.
Свет
Путин: Русија не сака да биде посредник меѓу Израел и Иран, туку сака да предложи идеи

Зборувајќи на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека верува оти постои можност за наоѓање решение за конфликтот меѓу Иран и Израел.
Путин, кој е во војна со Украина повеќе од три години, нагласи дека Русија не сака да биде посредник меѓу двете страни, туку сака да предложи идеи што би можеле да помогнат во постигнувањето договор за прекин на огнот.
Тој додаде дека Москва е во секојдневен контакт со Иран и изрази желба да види спроведување на руските предлози.
Свет
Велика Британија го повлекува персоналот од амбасадата од Иран

Велика Британија го повлекува персоналот од својата амбасада во Техеран поради моменталната безбедносна ситуација, соопшти Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој на Велика Британија.
„Како превентивна мерка, привремено го повлековме британскиот персонал од Иран“, се вели во соопштението.
„Нашата амбасада продолжува да работи од далечина“, се додава во соопштението.
Порано оваа недела, Велика Британија, исто така, објави привремено повлекување на членовите на семејствата на вработените од својата амбасада и конзулат во Израел поради безбедносни причини.