Македонија
Тренчевска се сретна со експертите ангажирани на два ИПА-проекта
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска се сретна со експертите ангажирани на два ИПА-проекта, од кои едниот е во областа на предучилишно образование, а другиот во неформалната економија од областа на трудот.
На средбата експертите што работат на проектите ги презентираа досегашните реализирани активности и постигнати цели, како и плановите за нивно финализирање.
Проектниот тим, кој работи на проектот „Подигнување на квалитетот на предучилишното образование и грижа“, финансиран од акциската програма ИПА 2017.Е. информира за досегашните активности. Притоа беа посочени активности и реализирани работилници за над 1.100 практичари, кои се однесуваат на модернизација на професионалниот и кариерен развој на вработените во предучилишните институции, активности и учество на 180 практичари за ревидирање на моделот на лиценцирање и релиценцирање на стручните лица во предучилишно образование и активности за зајакнување на родителското учество во предучилишното образование. Исто така, реализирани дизајнирани обуки за сензибилизирање и обука на вработени за работа со родители, при што е изработен и прирачник со работни материјали.
Со вклучување на сите засегнати страни и вработените во градинките и родителите, целта на овој проект е да се потенцира важноста на сите актери во процесот на предучилишното образование, како унапредување на професионалните компетенции на стручниот кадар така и родителите, со единствена цел да се подигне квалитетот на предучилишното образование на едно повисоко ниво, од кое придобивка ќе имаат децата.
„Предучилишното образование е клучно за правилен развој на децата. Покрај инвестирањето во изградба на нови градинки, исклучително е важно и зајакнувањето на компетенциите на стручниот кадар во градинките и активното вклучување на родителите. На тој начин се стимулираат раното учење и развојот на децата, со посебен акцент на инклузијата на децата со посебни образовни потреби. Оттука и значењето од имплементирање проекти како овој, кои имаат цел подигнување на свеста и нивото за значењето на предучилишното образование“, рече министерката Тренчевска.
Од страна на тимот што работи на проектот „Подобрување на условите за работа“, исто така беа презентирани досегашните активности и проекциите до крајот на проектот. Овој проект воедно го подржува реализирањето на Програмата за економски реформи, Програмата за реформи во образованието и социјалните политики и Националната стратегија за формализација на неформалната економија 2018 – 2022 година, особено исходите поврзани со мерење на неформалната економија и поттикнување на преминот кон формална економија.
Тимот информира дека работи на воведување и тестирање на процедурите и законската регулатива во секторите каде што има најчеста појава на привремени и повремени работи и каде што постои најголема веројатност од непријавена работа. Како и дека во план е и кампања за подигнување на свеста за штетните ефекти од неформалната економија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

