Македонија
И третиот стручно-научен столб ја прифати соработката со Кисела Вода за меѓународниот конкурс за „Расадник“
Ја поддржуваме секоја намера, идеја или одлука за преземање активности за разрешување одредени просторни проблеми по пат на стручен натпревар на идеи, концепти, ставови или решенија и затоа ја прифаќаме вашата понуда за соработка, истакнаа претставниците на Асоцијацијата на архитектите на Македонија (ААМ), кои одржаа работен состанок со градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во врска со изработката на меѓународен конкурс за идејно урбанистичко-архитектонско решение за ДУП „Расадник“.
Професор д-р Мишко Ралев, како претседател на ААМ, и Марта Илиевска, како член на Управниот одбор, заедно со градоначалникот го разгледаа предложениот нацрт што Општина Кисела Вода го направи јавно достапен за целокупната јавност и дискутираа за идеите што може да бидат внесени во финалниот текст.
Асоцијацијата на архитектите на Македонија – ААМ е најстарото архитектонско здружение во Македонија од оваа дејност, кое како најширок форум за стручна дебата во областите архитектура и урбанизам дејствува во насока на рационално користење на просторот според современите критериуми, норми, стандарди водени од принципите на одржлив развој и заштита на животната средина, чии резултати ќе придонесат за благосостојба на човекот и општеството.
Воедно, оваа Асоцијација е и третиот стручно-научен столб, кој, покрај Архитектонскиот факултет во Скопје и Комората на овластените архитекти и инженери, ја прифати понудата на Општина Кисела Вода за соработка при оформување стручно издржан текст за меѓународниот конкурс за идејно урбанистичко-архитектонско решение за ДУП „Расадник“. Во изработката ќе учествуваат и членови од партиципативно тело за кое пријавувањето заврши со поднесени 25 апликации од граѓаните. Оформувањето на партиципативното тело ќе биде доставено како предлог до Советот на Општина Кисела Вода на седницата што ќе се одржи до крај на месецот. Со тоа ќе бидат исполнети сите услови за објавување на меѓународниот конкурс, кој треба да даде решение за финалниот лик на Расадник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

